1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Високите температури носат ризици од труење со храна

ДТЗ
3 август 2023

Надлежните институции ги советуваат граѓаните да бидат внимателни и доколку сметаат дека храната не е безбедна, да не ризикуваат и да ја фрлат.

https://p.dw.com/p/4Uio7
сладолед
Граѓаните треба да бидат многу внимателни и од каде купуваат сладоледФотографија: dapd

Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со храна. Надлежните ги советуваат граѓаните да бидат внимателни и доколку сметаат дека храната не е безбедна, да не ризикуваат и да ја фрлат. Од почетокот на годината до сега до Агенцијата за храна и ветеринарство се поднесени 12 претставки поврзани со наводи за сомнеж за труење со храна. Нехигиена во ресторани, бактерии како салмонела или стафилокока најчесто биле пронајдени при инспекциските контроли во ресторани, градинки, одморалишта...

За да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување на храната. При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде што има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

супа месо храна
​​​​Со порастот на температурите се зголемуваат и потенцијалните ризици од појава на труење со хранаФотографија: picture alliance/dpa/A. Warnecke

Совети

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) неодамна објави совети со кои им се укажува на граѓаните да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна, како што се месото, млекото јајцата и други производи, да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Исто така, треба да се одбегнува купување на разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач на почетокот на пазарењето.

За да се спречи расипување, разладената храна треба да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а храната која треба да се зготви термички да се обработи на темпeрaтура повисока од 60 степени Целзиусови. Овошјето и зеленчукот пред консумација треба темелно да се измијат под млаз вода, а месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку по подготвувањето храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање.

Дали наскоро роботи ќе ни готват храна?

„Не ризикувајте“

За да се спречи појава на труење со храна и на стомачни инфекции, неопходно е рацете да се мијат повеќепати во текот на подготовката на храната. На најгорните полици во фрижидерот треба да се чува зготвената храна, а на подолните суровата. Да се води сметка храната да се заштити од инсекти и глодари кои може да ја контаминираат храната. Треба да се внимава домашните миленичиња и другите животни да не дојдат во контакт со храната што се подготвува.

Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти, треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна треба да се одбегнуваат додатоци кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично, советуваат од АХВ. 

„Во летниот период, посебно кога времето е екстремно топло како сега, дури ни во ладилник не треба да ја чувате храната подолго време. Треба да се води смета и зготвената храна да не се остава на собна температура подолго од два часа, целата зготвена и лесно расиплива храна во колку што е можно покус рок да се олади на температура под пет степени Целзиусови, а пред послужување добро да се подгрее, на над 65 степени“, вели директорот на АХВ, Николче Бабовски за МИА.

Хрватска рибен пазар Дубровник
Особено внимание треба да се обрне при купувањето мајонез, масло, свежи слатки, млеко, месо и риба кои претставуваат голем ризик за здравјето на потрошувачите ако се купуваат на отворени пазариФотографија: DW/A. Jung-Grimm

Според него, граѓаните треба да покажат одговорност и да го пријават секое труење. „Зошто е важно да го пријавите труењето со храна? Ако мислите дека труењето е резултат на консумирање храна во ресторани или други објекти за храна, важно е да го пријавите, за надлежните служби и инспекторите да преземат мерки во рамки на своите овластувања. На тој начин ќе се спречи ширењето на заразната болест преку храната“, вели тој.

Особено внимание треба да се обрне при купувањето мајонез, масло, свежи слатки, млеко, месо и риба кои претставуваат голем ризик за здравјето на потрошувачите ако се купуваат на отворени пазари, без обезбедени соодветни услови. Граѓаните треба да бидат многу внимателни и од каде купуваат сладолед, а треба да обрнат и внимание на личната хигиена на оние кои продаваат, ракуваат или го послужуваат сладоледот.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи