1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Викенд на совршена бура - секој го однесе тоа што му треба

14 август 2023

Од жешкиот политички викенд во Скопје и во Тетово никој не остана со празни раце - ни македонските владејачки и опозициски партии, а ни Курти и Вучиќ.

https://p.dw.com/p/4V7ro
Бура реакции по неформалната посета на косовскиот премиер Албин Курти (архивска фотографија) на Скопје и на Тетово
Бура реакции по неформалната посета на косовскиот премиер Албин Курти (архивска фотографија) на Скопје и на ТетовоФотографија: Erkin Keci/AA/picture alliance

Опозициските партии на Албанците во РСМ си обезбедија поддршка од косовскиот премиер Албин Курти за нивниот здружен фронт. Курти го искористи нивното гостопримство за да си ја подигне разнишаната доверба во Косово, да покаже дека неговото влијание ги надминува државните граници и дека е чекор поблизу до неформалната титула лидер на Албанците во регионот.

Иконографијата на дочекот на Курти (игнорирани симболи на македонската држава и употреба на знаме на Голема Албанија) им овозможи на македонската Влада и претседателот да се претстават како бдејачи над дигнитетот на правната држава и да побараат постапување на надлежните институции. „Огнениот“ Изет Меџити со огромно присуство ја „вжари" атмосферата на промоцијата на новото Демократско движење, откако ги напушти интегративците. Од ДУИ се потрудија вкупните настани да не ја засенат вчерашната 22-годишнина од Охридскиот рамковен договор, чие значење и прослави со години партиски ги монополизира.

Ако во еден викенд беа исполнети сите предуслови за совршена бура, тоа беше минатиов, во кој секој го зеде и однесе тоа што му треба.

Изет Меџити (прв од десно) беше предводник на „Огнената група“ во ДУИ а сега основа нова партија- Демократско движење
Изет Меџити (прв од десно) беше предводник на „Огнената група“ во ДУИ а сега основа нова партија- Демократско движењеФотографија: Petr Stojanovski

Ни српскиот претседател Александар Вучиќ не остана со празни раце. Неговото толкување на симболите и пораките од посетата на Курти во Скопје и Тетово, стана уште едно камче во српскиот наратив за однесувањето на косовскиот пермиер.

Страв од здружена опозиција

Вредноста на политичките „акции“ од нивното движење во минатиот викенд допрва ќе се утврдува. Засега реакците се бројни: од прашањето - вака ли ќе градиме соживот, дали е ова панаѓур на политички суети, до обвинувања за смислено играње на националистичка карта - од една, или за страв од опозициско обединување - од друга страна.

„Власта не успеа да го сокрие или контролира стравот од пораз на следните избори, особено кога се појави фронт на обединетата опозиција со поддршка на премиерот на Косово, Албин Курти“, порача лидерот на Беса, Билал Касами.

„Ја разбираме загриженоста на претседателот и Владата, на кои, зачудувачки, со поддршка и реакции излезе и Белград, и знаеме дека оваа политичка реторика нема врска со посетата на Албин Курти, туку има врска со загриженоста дека албанската опозиција во РСМ се обединува и сега и брои денови на оваа влада на криминал и корупција. Доаѓањето на премиерот Курти беше исто толку почит и чест за Албанците од Северна Македонија, колку што беше почит и за државата Северна Македонија, со која беше потпишан меморандумот на заедничкиот проект, патот Тетово-Призрен“, напиша Касами на Фејсбук.

Во видеото со избрани инсерти од посетата на Курти (кое Касами претходно го објави на Фејсбук), никаде не беше спомната Северна Македонија, а за музичка подлога на видео-материјалот беше избрана песната „Добредојдовте во Албанија“.

Касами вчера го поздрави и формирањето на Демократското движење предводено од Изет Меџити, нагласувајќи дека со него споделуваат заеднички вредности во идејата за опозицискиот фронт, кои одат во корист на албанската кауза и генерално сите граѓани на државата.

Билал Касами (десно), лидер на Беса и градоначалник на Тетово (архивска фотографија)
Билал Касами (десно), лидер на Беса и градоначалник на Тетово (архивска фотографија)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

И третиот партнер во тој блок, Алтернатива, одговори на реакциите поврзани со иконографијата од дочекот на Курти.

„Наративот за Голема Албанија е одраз на стравот на ДУИ од губење на изборите, кој неминовно ќе следи“, оценија од Алтернатива.

Од оваа партија велат дека обединувањето на Албанците во културна и духовна димензија, а не во територијална, е суштината и основата на самата Европска Унија.

„Никој не се сомнева дека здружената албанска опозиција е директен актер во постигнувањето на полноправно членство во ЕУ. За разлика од кој било друг, ние никогаш нема да ги злоупотребуваме ЕУ и НАТО за коруптивни зделки и лични придобивки“, се вели во реакцијата на Алтернатива.

Не гнев, туку ентузијазам

На социјалните мрежи најчестато прашање за субјектите во опозицискиот блок е - дали реално може да се наречат опозиционери, со оглед дека секој од нив во некоја фаза бил дел од Владата на Заев и/или Ковачевски (Беса и Алтернатива), а оние кои сега се отцепија од ДУИ- речиси 20 години биле на власт на разни позиции.

Според Изет Меџити намерата е да се направи сериозна опозициска платформа со понуда за промени во образованието, здравството, културата, економијата и во сите области.

„Овде не нѐ не донесе гнев, туку свеста. Овде не не нѐ доведе алчност, туку нѐ инспирираше волјата. Не се обединивме за да бидеме против, туку за да бидеме лидери. Не се собравме поради гнев, туку поради ентузијазам. Не се движевме од лична инерција, туку од одлучноста за да ги придвижиме работите за општо добро преку личен придонес“, порача лидeрот на новата партија.

И претседателот на ДУИ, Али Ахмети, вчера говореше за обединување во еден фронт - но европски фронт кој треба да ги поддржи уставните измени.

„На оваа годишнина од Охридскиот рамковен договор повикувам на единство и обединување околу европскиот фронт како историска потреба и одговорност на времето и неопходен чекор за обезбедување на иднината. Само обединети сме посилни“, порача Ахмети. 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети повторно повика на создавање на европски фронт за изгласување на уставните измени
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети повторно повика на создавање на европски фронт за изгласување на уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

„За да го завршиме процесот на еднаквост и интеграција, мора да го направиме последниот чекор од уставните измени. За големите одлуки е потребна храброст а не калкулација, потребна е визија а не кратковидост, потребна е склоност и неприкривање. Не се осмелуваме да ја изгубиме шансата и да ја згаснеме надежта на граѓаните за европска држава и поредок. Работите никогаш не се завршени исто како што нашите задачи никогаш не се завршени. Потребна е нашата секојдневна посветеност да ги усогласиме нашите стандарди со европските, затоа не застануваме, туку се обновуваме во секој предизвик и се соочуваме со него“, наведе Ахмети во пораката.

Дел од аналитичарите сметаат дека повикот за санкции заради „спорната иконографија“ би имал кредибилитет само ако истото се правело и во случаи кога имало националистички и навредливи пораки кон Албанците. Но и дека неможноста за уставни промени не може и не смее да се покрива со антиалбанска кампања.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи