1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тропски горештини: Како да се разладат градовите?

Алистер Волш
15 јули 2024

Светот од година во година се соочува со топлотни бранови, а најпогодени се постарите, децата, жените и лицата со попреченост. Некои градови назначија специјални службеници задолжени за екстремни горештини.

https://p.dw.com/p/4hXgi
Токио
Топли денови во Токио: Чувар шета низ системот за прскалки со водаФотографија: Filip Fong/AFP via Getty Images

Температурите на северната хемисфера соборуваат рекорди секоја година. Во многу земји се забележуваат екстремни, смртоносни горештини.

Според студијата објавена во мај 2023 година во списанието Nature Sustainability, доколку климата драстично се загрее, можно е сценарио според кое околу 3,3 милијарди луѓе би можеле да се соочат со екстремни температури до крајот на векот.

Студијата, предводена од научниците од британскиот Универзитет во Ексетер и кинескиот универзитет Нанкинг, наведува дека 60 милиони луѓе веќе биле изложени на опасни нивоа на топлина, со просечни температури од 29 степени Целзиусови или повеќе.

Зошто топлината е толку опасна за луѓето и како земјите можат да го подготват своето население и градови да се справат со сè почестите топлотни бранови?

Како високите температури му штетат на здравјето на луѓето?

Екстремната топлина може да предизвика цела низа болести, па дури и смрт, наведува Светската здравствена организација (СЗО). Тоа вклучува топлотен удар и хипертермија. Екстремните температури, исто така, ги влошуваат хроничните состојби и имаат индиректен ефект врз преносот на болести, квалитетот на воздухот и критичната инфраструктура.

Посебно чувствителни на високи температури се старите лица, доенчињата и децата, трудниците, лицата со попреченост, физичките работници и оние кои работат надвор, спортистите и сиромашните.

Животните се разладуваат со сладолед и лубеница

Ограничувањето на затоплувањето на долната граница од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриската ера, дефинирано со Парискиот договор, сепак ќе изложи 400 милиони луѓе на опасни нивоа на топлина до крајот на векот, според студијата објавена во Nature Sustainability .

Луѓето кои живеат во Индија, Судан или Нигер ќе бидат тешко погодени дури и со затоплување од 1,5 степени, а 2,7 степени ќе имаат огромен ефект врз земјите како Филипините, Пакистан и Нигерија.

Проценка на трошоци за климатските промени

Истражувачите велат дека нивната студија става крај на трендот на моделирање на климатските влијанија повеќе со економски, отколку со човекови поими.

Ашиш Гадијали, климатски активист и коавтор на студијата, за ДВ вели дека моделирањето фокусирано на економијата „дава поголема вредност на животот во Њујорк отколку во Бангладеш“.

Повеќето други модели, исто така, даваат приоритет на сегашното население пред идното, при што нееднаквоста во глобалното затоплување „е и глобално распоредена, но и меѓугенерациска“, посочува Гадијали. „Во суштина, тие го ценат мојот живот повеќе од животот на моите деца и секако повеќе од животот на моите внуци“, вели тој.

Гледајќи го влијанието на поединечните земји на опасните нивоа на топлина, истражувачите открија дека сегашните емисии од 1,2 на просечниот граѓанин на САД, ги осудуваат идните генерации на живот со екстремна топлина. И покрај непропорционалните емисии, населението на САД како целина се соочува со многу помала закана од опасните температури.

Како луѓето можат да се заштитат од екстремна топлина?

Претходните студии покажаа дека градовите се особено ранливи на опасни покачувања на температурата, поради „ефектот на топлинскиот остров“. Зградите, патиштата и инфраструктурата ја апсорбираат и зрачат сончевата топлина повеќе од природните средини како шумите или водата, зголемувајќи ги градските температури за дури 15 степени во некои случаи, во споредба со руралните области.

Чиле
Во Сантијаго планираат да засадат 30.000 дрвја низ градотФотографија: Government of Santiago

Градовите ширум светот ја воведуваат новата улога на службеник за топлина за да се справат со неизбежниот пораст на температурите. Една од нив е Кристина Хуидобро, која во март 2022 година ја презеде функцијата главен офицер за тие прашања во главниот град на Чиле, Сантијаго.

„Многу градови во светот се соочуваат со екстремни горештини, но решенијата и начинот на кој пристапуваат се многу, многу локални“, вели Хуидобро за ДВ.

Сепак, додава таа, тие генерално следат тристрана стратегија: подготвеност, свесност и адаптација.

Адаптацијата може да вклучи категоризација на топлотните бранови на ист начин како и другите природни катастрофи или поставување праг за предупредување за да се активира специфичен одговор на градот. Хуидобро вели дека подигањето на свеста за опасностите од топлината е составен дел од нејзината улога.

„Да се ​​грижите за себе на екстремна топлина е навистина едноставно - пијте вода, барајте сенка и одморете се“, вели таа. „Никој не мора да умре од екстремна топлина“.

Третиот чекор е да се прилагоди градот на новата реалност на високите температури, главно преку создавање повеќе зелени површини.

Сантијаго штотуку започна проект за урбано пошумување: тие засадуваат 30.000 дрвја низ градот и развиваат стратегија која ги третира дрвјата како дел од урбаната инфраструктура.

„Дрвја, дрвја, дрвја, дрвја насекаде. Тоа носи повеќе зеленило во градот“, вели Хуидобро.

Но, садењето дрвја не е толку лесно како што вообичаено се мисли.

„Засадуваме дрвца во навистина густи улици, на пример на главните градски авении, каде што има многу бетон. Треба да се ископа дупка и да се спроведат градежни работи“, потсетува таа.

Исто така, тоа не е инстант решение во урбана средина, бидејќи на дрвјата им треба време да растат.

„Целата идеја е да се обидеме да создадеме сенка што ќе ја имаме во следните 20 или 30 години“, вели Хуидобро.

горештини
Некои американски градови, како на пример Феникс, имаат центри за ладење за да им помогнат на луѓето да се опорават од тропските горештиниФотографија: Ross D. Franklin, File/AP/picture alliance

Американските градови се борат со екстремни горештини

САД, каде што претходните студии покажаа дека 12.000 луѓе годишно умираат предвреме од жештините, досега назначија тројца главни офицери за борба против екстремните горештини во градските власти - во Феникс, Мајами и Лос Анџелес.

Лос Анџелес, кој е рангиран како град кој се соочува со најголем ризик од природни катастрофи, вклучително и топлотен удар, неодамна започна кампања за изградба на повеќе „центри за отпорност“ со сенка и ладење напојувани од обновливи извори на енергија во заедниците со висок ризик. Тој град веќе има мрежа на центри за ладење, главно во библиотеки, каде што луѓето можат да се кријат од жештините.

Работат и на систем за рано предупредување од топлотни бранови.

Феникс, град во средината на пустината Сонора, работи на голем број адаптации, вклучително и изградба на тротоари за ладење. Тоа ги прави патиштата неколку степени поладни на допир и го одржува ноќниот воздух поладен.

Мајами на Флорида планира големи урбани кампањи за садење дрвја и потроши милиони долари на клима уреди за жителите на јавните станбени објекти, истовремено обезбедувајќи финансиска помош за покривање на сметките за енергија за домаќинствата со ниски приходи.

Но, Хуидобро од Сантијаго вели дека климатизацијата е генерално последното средство кога станува збор за прилагодување на климата.

Градските власти во Сантијаго сакаат да засадат 33 „мали шуми“ кои ќе се користат како климатски засолништа, особено во близина на училишта и здравствени установи. Тие се алтернатива на климатизираните центри за ладење кои се развиваат во САД и Европа.

„За време на топлотен бран, луѓето можат да одат во овие природни центри за ладење, да најдат сенка таму, да се одморат и да пијат вода“, вели Хуидобро.

*Овој текст првпат беше објавен на англиски јазик

 

„Зелени“ тенди против летните градски горештини