1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто починаа над 1300 аџии во Саудиска Арабија?

Мохамед Фархан
24 јуни 2024

Преку илјада животи однесоа температурите од 50 Целзиусови степени на годинешниот аџилак во Мека. Соговорниците на ДВ велат дека организацијата била лоша, а многу посетители не биле свесни за опасностите.

https://p.dw.com/p/4hPwZ
Околу 1,8 милиони регистрирани аџии биле во Саудиска Арабија
Околу 1,8 милиони регистрирани аџии биле во Саудиска АрабијаФотографија: Rafiq Maqbool/AP Photo/picture alliance

Со температури повисоки од 50 степени, годинешниот аџилак претставуваше предизвик за многу аџии. Медиумите во изминатите денови јавуваа за стотици смртни случаи. Саудискиот министер за здравство Фахад Ал Џалаџел сега потврди дека има повеќе од 1300 мртви. Според него причината за смртта на аџиите е патувањето на долги растојанија под директна изложеност на сонце без соодветна заштита.

Социјалните мрежи инаку се преполни со драматични фотографии. Муслимани тргнати на аџилак седат исцрпени покрај патот. Навидум безживотни тела.

Некои се веќе мртви. Во белите наметки за аџилак, а лицата им се покриени со марами, очигледно се оставени на местото каде колабирале. Сето почна како гласина, но набрзо се потврди – преку илјада лица починале на овогодинешниот аџилак, кој што се одвива во услови на преку 50 степени Целзиусови.

Тој црн биланс веројатно не е конечен. Во прашање се податоци кои се официјално потврдени од десет земји од кои доаѓаат многу аџии. Најмногу од загинатите потекнуваат од Египет и Индонезија. Се известува за семејствата на исчезнатите кои очајно ги бараат своите блиски по болниците во регионот. Неволјата е во тоа што меѓу 1,8 милионите очекувани аџии не се сметаат десетина или стотина илјади кои не се официјално пријавени за аџилак. Тие луѓе немаат пристап до климатизираните простории наменети за разладување.

Многу аџии колабираа поради екстремните горештини
Многу аџии колабираа поради екстремните горештиниФотографија: Rafiq Maqbool/AP Photo/picture alliance

 „Луѓето само паѓаат на земја“

Многу меѓу аџиите се повозрасни лица кои сакаат барем еднаш во животот да одат на аџилак кој се смета за еден од петте столба на верата. „Искрено, аџилакот годинава беше срамотен“, вели за ДВ една жена од Египет дојдена на аџилак. „Беше тешко, посебно за време на каменувањето. Луѓето само паѓаа на земјата.“ Таа алудира на фрлањето камења на столбовите кои го претставуваат ѓаволот во градот Мина, недалеку од Мека.

„Неколку пати на редарите им реков дека еден човек падна на земја“, раскажува жената и додава дека „растојанието за фрлање на камењата беше преголемо, а сонцето високо и беше толку жешко.“

Кој е виновен?

Во муслиманските земји се води бесна дебата за тоа кој е крив за смртта на аџиите. Саудиска Арабија изминатите години се обиде да го спречи доаѓањето на преголем број на аџии со тоа што воведе квоти за сите држави пропорционално на бројот на Муслимани кои живеат во неа. Патот вообичаено го организираат туристички агенции поврзани со исламските заедници, или пак џамиите. Регистрираните аџии треба да имаат сместување, храна, вода. Некое семејства на жртвите ги обвинуваат саудиските власти дека не организирале доволно склоништа од екстремните жештини. Други ги обвинуваат оние кои дошле на аџилак без официјално да се регистрираат. Властите во Саудиска Арабија тврдат дека уште пред почетокот на аџилакот имало 170 илјади нерегистрирани лица. А, на таквите не им следува пристап до климатизирани простории, вода и ладовинка.

Чадорите беа единствената заштита од „пеколното“ сонце
Чадорите беа единствената заштита од „пеколното“ сонцеФотографија: Rafiq Maqbool/AP Photo/picture alliance

До врвот на Арафат по секоја цена

ДВ разговараше со менаџерот на една египетска туристичка агенција кој носи луѓе на аџилак и бил таму неделава. „Температурите беа високи, а луѓето непослушни и несвесни за опасноста“, вели тој. „Сите правеа што сакаат, а се беше лошо организирано. Немаше доволно шатори за сите“, тврди човекот.

Но, тој се спротивставува на гласините дека луѓето загинале во стампеда и вели дека „луѓето беа среќни што стојат на планината Арафат.“

Се смета дека на таа планина Мухамед одржал проштална проповед, па многу аџии сакаат да се искачат до врвот. „Луѓето требаше да престанат со тоа кога видоа колку е жешко“, вели менаџерто, додавајќи дека верскиот обред може да се заврши и ако не се стои на врвот на планината.

Тој додава дека Саудиска Арабија има обврска спрема аџиите, но дека многу од нив се неупатени и несвесни за ситуацијата. „Да речеме, не може државата да им стави заштита од сонцето на врвот на Арафат“, вели тој.

Додека се расправа за виновниците, за едно нешто нема никаква дилема – дека аџилакот станува се пожежок и се поопасен.