1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МедиумиРусија

Телеграм им пркоси на повиците за цензура на говор на омраза

Тимоти Рукс
28 август 2024

Апсењето на шефот на Телеграм, Павел Дуров, во Франција го врти вниманието кон неговата апликација за пораки. Некои го обвинуваат Телеграм за поттикнување немири, други велат дека е платформа за криминални активности.

https://p.dw.com/p/4k03Y
Телеграм Месинџер
Политиката на Телеграм за приватна комуникација, големите групи и малите ограничувања на содржината го привлекоа вниманието на властитеФотографија: IMAGO

Телеграм Месинџер, попознат како Телеграм, е социјална мрежа и сервис за размена на пораки. За милиони корисници, тоа е едноставно секојдневна алатка за комуникација. За други, таа е многу повеќе од тоа.

Телеграм им овозможува на корисниците да разговараат и бесплатно да споделуваат фотографии и датотеки, како и да го користат за аудио и видео повици. Корисниците можат да објавуваат постови, да користат криптовалути, неограничено да складираат податоци во облак, да создаваат групи до 200.000 членови или да покренуваат канали со неограничен број претплатници - и големо влијание.

Од 2022 година, Телеграм нуди верзија за претплата за оние кои сакаат повеќе функции како побрзо симнување. Компанијата вели дека правењето пари „од корисници, а не од огласувачи или акционери“ ѝ овозможува да остане независна. Телеграм ветува дека приватните пораки ќе останат бесплатни „без реклами, без претплати, засекогаш“.

Ваквите карактеристики и ветувања ја направија оваа социјална мрежа моќна во голем дел од светот. Некои критичари го обвинија Телеграм дека ги поттикнува неодамнешните антимигрантски немири во Велика Британија. Други укажуваат на кампањи за дезинформации насочени против поддржувачите на Украина или на нелегални активности како што се трговија со дрога и шверц на оружје.

Што го прави Телеграм поинаков од другите?

Она што го издвојува Телеграм од другите апликации, како Ватсап, е неговиот непоколеблив фокус на приватноста и неговиот цврст став против цензурата. Ова го прави особено популарен во земјите со авторитарни режими или онаму каде луѓето се плашат од прислушување. Опозициските групи се големи корисници.

Други може да користат Телеграм за да избегнат нивните податоци да завршат во рацете на големите дигитални корпорации. На некои можеби им е забранет пристап на Твитер или Фејсбук и им треба нова платформа.

Според бројките објавени од фирмата за анализа на податоци Demand Sage, Телеграм на почетокот на 2024 година имаше повеќе од 800 милиони активни корисници месечно. Ова е големо зголемување во споредба со 300 милиони корисници на почетокот на 2021 година.

Велика Британија безредија
Има обвинувања дека поради недостатокот на модерација на содржината на Телеграм се ширеле лажни вести кои предизвикаа немири во Велика БританијаФотографија: Hollie Adams/REUTERS

Demand Sage очекува Телеграм да достигне една милијарда корисници до крајот на годината. На сопствената веб-страница, Телеграм тврди дека веќе има над 950 милиони активни корисници.

Во некои делови од светот, Телеграм е најпопуларната апликација за размена на инстант пораки. Најмногу корисници има Индија, а потоа следат Русија, Индонезија, Америка, Бразил и Египет. Телеграм наводно е блокиран во Кина, Иран, Куба, Тајланд и Пакистан.

Како е создаден Телеграм?

Телеграм е основан во Санкт Петербург од Русите Павел Дуров и неговиот брат Николај во 2013 година. Павел Дуров сега е извршен директор на компанијата.

Пред да го создадат Телеграм, двајцата го создадоа ВКонтакте, или ВК, во 2006 година. Таа социјална платформа беше огромен успех, но го привлече вниманието на руските власти. Дуров го продаде својот удел во ВК, ја напушти Русија во 2014 година и го зеде Телеграм со себе во доброволен егзил.

По привремените станици во Берлин, Лондон и Сингапур, развојниот тим на компанијата сега има седиште во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Но, ништо не трае вечно во дигиталниот свет, а компанијата се заканува дека ќе се пресели кога и да ѝ одговара. „Во моментов сме задоволни со Дубаи, иако сме отворени за преселба доколку се променат локалните регулативи“, се вели во нивната веб-страница.

Зошто беше уапсен извршниот директор и коосновачот на Телеграм?

Телеграм можеби ќе треба да се спакува и да замине и порано отколку што мисли. На 24 август, 39-годишниот извршен директор Павел Дуров беше уапсен откако неговиот авион слета на аеродромот во Париз.

Телеграм Павел Дуров
Форбс го проценува богатството на Павел Дуров на над 15,5 милијарди долариФотографија: STEVE JENNINGS/GETTY IMAGES NORTH AMERICA/AFP

Апсењето на Дуров - прво од ваков вид - беше изненадување за многумина и може да биде поврзано со барање од Франција или пошироко барање на ЕУ за расчистување на наводите за непочитување на прописи. Деталите не се познати, но повеќето извештаи укажуваат на недостатоци во модерацијата на содржината, како и недоволна соработка со државните органи во спроведувањето на законот.

Се чини дека ова е поткрепено со изјавата на компанијата во неделата (26/08): „Телеграм се придржува до законите на ЕУ... неговото модерирање е во рамки на индустриските стандарди и постојано се подобрува.“

Натаму се вели дека извршниот директор нема што да крие и дека е често во Европа. „Апсурдно е да се тврди дека платформата или нејзиниот сопственик е одговорен за злоупотреба на таа платформа.“

Навистина, кога станува збор за модерирање или бришење на непримерни објави, политиката на Телеграм е прилично едноставна, бидејќи се занимава само со јавно достапни содржини. Сите разговори меѓу учесниците имаат приватен карактер и компанијата не сака да обработува никакви барања поврзани со нив.

Што е следен чекор за Телеграм?

Сите овие преиспитувања се веројатно непожелни - барем засега. Со свртување на вниманието кон Телеграм, во фокусот е неговото многу фалено ветување за безбедност.

Експертите истакнуваат дека пораките на Телеграм не се автоматски шифрирани, туку корисниците мора да ја изберат оваа опција. Апликацијата исто така користи свои алатки за шифрирање и не дозволува никој однадвор да ги тестира. Доколку протоколите за приватност се покажат како недоволно уверливи, веста би можела да го исфрли од рацете најголемиот продажен адут на компанијата.

Телеграм Павел Дуров
Жителите на Москва по апсењето на Дуров во Франција фрлаа авиони од хартија пред француската амбасада во главниот град на Русија во знак на поддршка на шефот на ТелеграмФотографија: Artyom Geodakyan/TASS/dpa/picture alliance

Покрај нарушувањето на секојдневната работа на Телеграм, апсењето на Дуров веројатно ќе ги вознемири корисниците кои можеби се прашуваат што компанијата може да им понуди на властите за да го ослободат Дуров.

Во поширока смисла, со обидот да го стават Телеграм под контрола, властите ќе поттикнат дебата за слободата на говорот, цензурата, слободните информации и контролата на глобалните дигитални платформи.

Повикувајќи се на одговорност на основачот на компанијата, властите се обидуваат да воспостават контрола над нелегалните активности и да ги сузбијат контроверзните теории на заговор, екстремизам и регрутирање терористи.

Со оглед на тоа што Телеграм има многу да загуби, најверојатно ќе направи сѐ што е во негова моќ за да избегне дополнителни ограничувања. Како што компанијата јасно стави до знаење, таа е подготвена да се пресели преку ноќ. Но, каде може да се скрие?

Овој текст првично беше објавен на ДВ на англиски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема