1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Кој е основачот на Телеграм, Павел Дуров?

Дарко Јањевиќ
27 август 2024

Технолошкиот магнат Павел Дуров честопати е гледан како руски одговор на Марк Закерберг. Но, тој е огорчен кога неговата компанија се третира само како клон на Фејсбук. Дуров постојано се судира со Кремљ.

https://p.dw.com/p/4jx3U
Павел Дуров основач на Телеграм
Павел Дуров, наречен „рускиот Марк Закерберг“, има богатство со проценета нето вредност од над 15,5 милијарди долариФотографија: Albert Gea/REUTERS

Неочекуваното апсење на Павел Дуров во Франција предизвика шок во неговата дигитална империја - апликацијата за пораки Телеграм, која има преку 900 милиони активни корисници.

Милијардерот со руско потекло ја создаде апликацијата заедно со својот постар брат, надарениот математичар и програмер Николај Дуров.

Браќата ја изградија репутацијата на платформата како платформа за приватност со создавање повеќе нивоа на заштита на податоците и постојано пркосејќи им на државните актери кои бараа пристап. Во исто време, критичарите на Телеграм ја опишуваат апликацијата како „Див Запад“ и место каде што се шират дезинформации и пропаганда со мал или никаков надзор.

Тоа е само еден од проектите што ги лансираше Павел Дуров, кој често е нарекуван „Рускиот Марк Закерберг“.

ВКонтакте - руски ривал на Фејсбук

Павел Дуров е роден во Санкт Петербург, во поранешниот Советски Сојуз во 1984 година. Двајцата родители биле предавачи на Државниот универзитет во Санкт Петербург. Кога Дуров имал четири години, неговото семејство се преселило во Италија и таму ги поминало следните четири години. Дуров започнал да посетува основно училиште во Торино.

Во 1992 година, неговото семејство се враќа во родниот град на Дуров, а неговиот татко ја презема функцијата шеф на одделот за класични јазици на филолошкиот колеџ на државниот универзитет. Дуров го продолжува своето образование во Русија и ги започнува своите први обиди во програмирањето за време на средното училиште. Потоа, тој посетува колеџ за да се стекне со диплома по англиски јазик, каде што основа дигитална библиотека со име Durov.com и онлајн студентски форум. Дуров подоцна призна дека создал различни профили и влегувал во дискусија сам со себе на својот форум за да ја поттикне дискусијата.

По завршувањето на студиите и стекнувањето диплома за преведувач од англиски во 2006 година, идниот технолошки милијардер, инспириран од Марк Закерберг, кој го лансираше Фејсбук во 2004 година, се фокусира и создавање социјална мрежа. Платформата на Дуров VKontakte (Во контакт) е подготвена за лансирање до крајот на 2006 година. Притоа, таа делумно е финансирана од средства добиени преку соученикот на Дуров и деловен партнер Вјачеслав Мирилашвили, син на контроверзниот претприемач Михаел Мирилашвили.

Мрежата достигна 3 милиони корисници во 2007 година и продолжи да се шири, набрзо зацврстувајќи ја својата позиција како доминантна социјална мрежа во Источна Европа.

Стримингот како тајно оружје

За еден западен корисник кој сака да ѝ се приклучи на мрежата, ВКонтакте на почетокот не изгледа ништо повеќе од руска копија на Фејсбук, полна со списоци на пријатели, фото албуми, кориснички „ѕидови“ - сѐ до боите на платформата - темносина и бела.

Сепак, ВКонтакте има карактеристика која Фејсбук ја нема. Поради слабото спроведување на законите за авторски права во Русија, корисниците на мрежата поставуваа и стримуваа секакви видови видео содржини, вклучително и руски и холивудски филмови.

Дуров подоцна рече дека го користел Фејсбук како пример за тоа „што не треба да се прави“.

„Отворив компанија која стана она што тие го нарекуваат Фејсбук на Русија“, му изјави Дуров на американскиот новинар Такер Карлсон во април 2024 година. „Не сакаме да го именуваме така, бидејќи всушност успеавме да направиме многу работи пред Фејсбук и тоа му даде печат на развојот на индустријата на социјалните медиуми во текот на годините“.

Павел Дуров Телеграм
Неочекуваното апсење на Павел Дуров во Франција предизвика шок во неговата дигитална империја Фотографија: Robert Schlesinger/picture alliance

Пари кои летаат со авиони од хартија

Зголемената популарност на компанијата наскоро го доведува Дуров во конфликт со руската држава. Во 2011 и 2012 година, руската опозиција ги користи социјалните мрежи за координирање на бранот антивладини протести, а властите извршија притисок врз ВКонтакте да го прекине овој канал на комуникација.

Дуров одбива. Слична ситуација има и кон крајот на 2013 и во 2014 година, кога Украинците ги започнаа своите протести на Мајдан, што ќе доведе до конечно соборување на прорускиот претседател Виктор Јанукович. Дуров тврди дека руските власти вршеле притисок да ги открие приватните податоци на организаторите на протестите во Украина и дека тој повторно го одбил нивното барање.

Во меѓувреме, Дуров стана милионер и почна да развива репутација на ексцентрик. Во 2012 година беше критикуван дека става пари во авиони од хартија и од неговата канцеларија во Санкт Петербург ги пушта на улица. Случајните минувачи набрзо почнаа да се караат за парите, а Дуров на интернет коментираше дека „подивеле“.

Во 2013 година, Дуров и неговиот постар брат ја лансираа апликацијата за пораки Телеграм. Дуров тврди дека дошол до идеја за шифрирана платформа за пораки кога вооружени полицајци дошле во неговиот дом во Русија. Тој, наводно, сакал да го информира својот брат за тоа што се случува и да ги координира своите следни чекори, но сфатил дека ниту еден од достапните канали за комуникација не е безбеден од надзор.

Павел Дуров Телеграм
Дуров вети дека ќе продолжи да се фокусира на неговата апликација за пораки и да додава нови функцииФотографија: Jaap Arriens/Nur Photo/picture alliance

Телеграм им се придружува на Епл и Гугл во забраната на апликацијата на Навални

Соочен со зголемен притисок од владата, Дуров го продаде својот удел во ВКонтакте и ја напушти Русија во 2014 година. Наскоро тој добива државјанство на карипската земја Свети Кристофер и Невис, а неколку години подоцна обезбедува француски пасош и државјанство на Обединетите Арапски Емирати. Неговиот тим се обиде да се стационира во различни земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија и САД, пред на крајот да се насели во Дубаи.

Во разговор со Карлсон, Дуров рече дека американското разузнавање се обидело да регрутира еден од неговите инженери за да создаде софтверски алатки кои ќе им овозможат пристап до апликацијата преку „задна врата“. Тој, исто така, рече дека повеќепати бил испрашуван од агенти на ФБИ додека бил во посета на САД.

Во 2018 година, руските власти се обидоа да го блокираат Телеграм откако неговото раководство одби да ѝ дозволи на руската разузнавачка служба ФСБ пристап до разговорите на корисниците. Блокадата не успеа. Телеграм сега функционира во Русија и го користат многу високи државни функционери.

Но, досието на Телеграм во борбата против државната цензура не е целосно беспрекорно - во 2021 година, неговата платформа им се придружи на Епл и Гугл во блокирањето на софтверот „Паметно гласање“ за кој се залагаше починатиот опозициски лидер Алексеј Навални, што требаше да им овозможи на руските гласачи стратешки да гласаат против прорежимски партии.

Павел Дуров Телеграм
Досието на Телеграм во борбата против државната цензура не е целосно беспрекорноФотографија: Jaap Arriens/Nur Photo/picture alliance

Руски милијардер без јахта

Дуров се опишува себеси како „либертаријанец“ и „граѓанин на светот“, чиј главен приоритет е личната слобода. Неговите седум правила за здрав живот вклучуваат откажување од алкохол и месни производи и живеење сингл.

Иако не е во брак, Дуров има најмалку пет деца со две различни жени. Во објавата на интернет во јули 2024 година, Дуров рече дека штотуку му било кажано дека има „над 100 биолошки деца“ поради неговите напори како донатор на сперма.

Нето богатството на Дуров, кој оваа година ќе наполни 40 години, според Форбс изнесува над 15,5 милијарди долари (13,9 милијарди евра). Милијардерот тврди дека не поседува луксузен недвижен имот, авиони или јахти и јавно ги осуди опасностите од „прекумерната потрошувачка“.

Коментирајќи го нападот на Русија врз Украина во 2022 година, Дуров го опиша како „трагичен“ и го посочи украинското потекло на својата мајка.

„До денес имаме многу роднини кои живеат во Украина. Затоа, овој трагичен конфликт е личен, како за мене, така и за Телеграм“, напиша тој.

Овој текст првично е објавен на  ДВ на англиски јазик