1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РамноправностЕвропа

Студија на ЕУ за расизам: Најлошо е во Германија

ЖА /АРД
27 октомври 2023

Во ЕУ сѐ повеќе црнци се чувствуваат дискриминирани поради потеклото и бојата на кожата. Анкета направена во 13 земји од ЕУ покажува дека проблемот е најголем во Германија, а во последните години е и зголемен.

https://p.dw.com/p/4Y5ub
Протест против расизам во Келн, Германија
Сите сме исти - протест против расизам во Келн, ГерманијаФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Според студијата на Европската унија, проблемот на расизам против црнците во Германија значително е зголемен во последните пет години. Од 13 држави-членки во кои Агенцијата на ЕУ за основни права (ФРА) го вршела истражувањето,  Германија се покажала како најлоша.

Агенцијата ги спровела истражувањата меѓу октомври 2021 и октомври 2022 година во Белгија, Данска Германија, Финска, Франција, Ирска, Италија, Луксембург, Австрија, Полска, Португалија, Шведска и Шпанија. Во анкетата учествувале околу 6750 испитаници.

Германија и Австрија убедливо најлоши

Според студијата, 76 проценти од испитаниците со африкански корени анкетирани во Германија изјавиле дека биле жртва на расизам  во последните пет години, изричито поради своето потекло и бојата на кожата. Во извештајот се наведува дека слично е само во Австрија, каде таква изјава дале 72 проценти од испитаниците. Следи Финска со 63 проценти.

Студијата покажува дека во последните пет години најмалку расизам има во Полска (20 проценти) и во Шведска (25 проценти).

Во просек, во сите 13 земји од ЕУ во последните пет години 45 проценти од луѓето изјавиле дека биле дискриминирани поради своето потекло,  бојата на кожата или верата. Во претходната студија, просечниот удел беше 39 проценти.

Бојата на кожата главна причина за дискриминација

Во последните пет години 38 проценти од анкетираните се чувствувале експлицитно дискриминирани поради бојата на својата кожа, а потоа поради етничко ии миграциско потекло (30 проценти) и вера (6 проценти).

Посматрајќи ги само изминатите дванаесет месеци, 29 проценти од сите учесници во студијата изјавиле дека биле мета на дискриминаторски или расистички напади три до пет пати, 23 проценти пријавиле два инциденти, а 19 проценти рекле дека еднаш биле жртви на дискриминација. Дури 16 проценти од испитаниците пријавиле шест или повеќе инциденти, а 11 проценти се чувствувале постојано дискриминирани во секојдневниот живот.

против расизам
76 проценти од испитаниците со африкански корени анкетирани во Германија изјавиле дека биле жртва на расизам во последните пет годиниФотографија: picture-alliance/ImageBroker

Дискриминација при барање работа и стан

На прашањето во кои области од секојдневниот живот погодените чувствувале дискриминација, мнозинство (34 проценти) одговориле дека се чувствувале во неповолна положба при барање работа, а 31 процент рекол дека биле дискриинирани на работно место. Ист број анкетирани во студијата се чувствува  дискриминиран при барање стан.

„Штом ќе ви ја видат бојата на кожата...“

Во Германија во последните пет години дури 56 проценти црнци пријавиле дека биле дискриминирани при барањето работа. Тука само во Австрија има повисока вредност, 59 проценти. Кога станува зборза барање стан, 74 проценти од сите испитаници во Германија зборуваат за дискриминаторски искуства.

„Шокантни" резултати на истражувањето

Мајкл Офлахерти, директор на Агенцијата на ЕУ за основни права, оценува дека резултатите од истражувањето се „шокантни“: „Луѓето со африканско потекло сѐ повеќе се дискриминирани само поради бојата на својата кожа. За расизам и дискриминација не смее да има место во нашите општества“, вели тој.

Агенцијата ја повика Европската унија и нејзините членки да преземат мерки за да се „осигура и луѓето со африканско потекло да можат да ги остваруваат своите права, без расизам и дискриминација.“ Казните мора да спречат дискриминација и расизам, како и дискриминаторски пракси во институциите или органите на власта.