1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Расизмот во Германија опстојува

Кристоф Хаселбах
23 ноември 2022

Во напад со молотови коктели во Мелн, Германија, во 1992 година загинаа три лица. Тоа беше само дел од цел бран расистичко насилство. Што се смени во земјата во однос на периодот пред 30 години, а што остана исто?

https://p.dw.com/p/4JvnX
Опожарената куќа на семејството Арслан во Мелн во ноември 1992 година
Опожарената куќа на семејството Арслан во Мелн во ноември 1992 годинаФотографија: Christian Eggers/AP/picture alliance

На 23 ноември 1992 година, по полноќ, двајца неонацисти фрлија молотови коктели во две куќи во Мелн. Тогаш 19-годишнот Ларс Ц. и 25-годишниот Михаел П. ги одбраа куќите за напад во тоа мирно гратче во покраината Шлезвиг-Холштајн, бидејќи таму живелее турски семејства. По подметнувањето на пожарите, на полицијата и на пожарникарите им е упатен анонимен повик во кој е укажано на пожарите и кои завршиле со „Хајл Хитлер“. 

Жителите од едната од нападнатите куќи се спасени, некои со тешки повреди. Во другата куќа починаа 51-годишната Бахиде Арслан, нејзината 10-годишна внука Јелиз и 14-годишната братучетка Ајсе. Пред да почине, Бахиде Арслан успеала да го спаси својот 7-годишен внук Ибрахим така што го замотала во мокри пешкири. 

Бран расистички напади 

Во тоа време, набрзо по повторното обединување на Германија, во рок од неколку месеци се случија цела низа расистички напади: во Хојерсверд, Росток, Мелн, потоа во Солинген. Во Мелн нападите за првпат однесоа човечки животи. Во Солинген животот го загубија уште пет лица, сите членови на турско семејство.

Во август 1992 година, насилните десничарски екстремисти демонстрираа пред центарот за азиланти во Росток-Лихтенхаген
Во август 1992 година, насилните десничарски екстремисти демонстрираа пред центарот за азиланти во Росток-ЛихтенхагенФотографија: picture-alliance/ZB/B. Wüstneck

Тимо Рајнфранк, генерален директор на Фондацијата Амадеу Антонио, која се бори против расизмот, за ДВ го опишува тогашното расположение. „Десничарските екстремисти вршеа вистински уличен терор и беа доминантни во многу места, особено во источна Германија. Истовремено, политиката и медиумите водеа расистичка дебата за азил која поттикнуваше омраза кон бегалците.“

Тоа беше време кога „во речиси сите области во општеството владееше голема изолација и маргинализација на мигрантското население и луѓето кои немаа бела кожа“, вели за ДВ хамбуршката адвокатка Катрин Инга Керштајн, која повеќепати го застапувала семејството Арслан. Таа додава оти медиумите, исто така, ја разубавувале ситуацијата „за да ја прикријат оваа атмосферата на погром од раните 1990-ти и на тој начин ја зачуваа меѓународната репутација на Германија по повторното обединување“.

Кол не сакаше „туризам на сочувство“

Но, по Мелн, во Германија се случи и бран на гнев, како и на сочувство. Уште истата вечер кога се случи нападот, неколку илјади луѓе се собраа во градот на спонтан, тивок марш. Во деновите и неделите кои следеа, ширум Германија се одржуваа демонстрации и манифестации против расизами ксенофобија.

На погребот во Хамбург имаше 10.000 луѓе, меѓу нив и двајца сојузни министери, но не и тогашниот канцелар Хелмут Кол. Сојузната влада не сака да спроведува „туризам на сочувство“, наведе Кол како индиректна причина за неговото недоаѓање на погребот.

Собир пред Бранденбуршката порта во Берлин во знак на солидарност по трагедијата во Мелн во 1992 година
Собир пред Бранденбуршката порта во Берлин во знак на солидарност по трагедијата во Мелн во 1992 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Новина тогаш беше дека истрагата ја презеде сојузното обвинителство. Бидејќи, цел на нападите било да се „наруши внатрешната безбедност на Сојузна Република Германија“, како што ја образложи одлуката тогашниот сојузен јавен тужител Александер фон Штал.

На сторителите од Мелн им се судеше и една година подоцна беа осудени на повеќегодишна затворска казна - за три убиства и обид за убиство во седум случаи. И двајцата сега се повторно слободни.

Хале, Ханау и нападот на џамијата во Мелн

Пред 30 години, канцеларот Кол не присуствуваше на погребот на жртвите од Мелн, ниту на оние од Солинген. Таква ладна реакција на политичарите денес би била незамислива.

Претседателот Франк-Валтер Штајнмајер неодамна во својата резиденција разговараше со преживеаните од Мелн, меѓу останатото и за проблемите кои ги имале и сѐ уште ги имаат со властите и со институциите. Во говор во август, Штајнмајер предупреди на општествената клима која може да биде плодна почва за насилство и бараше државата да стори сѐ што е во нејзина можност да ги заштити луѓето од колективен бес, говор на омраза и од насилство.

Зборувајќи за тоа, Катрин Керштајн се повикува и на својот клиент Фарук Арслан, син на починатата Бахиде. „Што се промени? Фарук Арслан тоа го опиша и вака: нацистите денес се во костуми и вратоврски. Веќе не се препознатливи. Но, тие се сѐ уште тука.“

Неонацистите во Германија не изгледаат само вака
Неонацистите во Германија не изгледаат само вакаФотографија: Daniel Schäfer/dpa/picture alliance

„Расистичкото насилство и натаму е дел од секојдневниот живот на многу луѓе“, се согласува Тим Рајнфранк. Тој укажува на нападот на синагогата во Хале во 2019 година и нападот врз луѓето од странско потекло во Ханау во 2020 година, во кој животот го загубија 9 луѓе. Овие напади „уште еднаш јасно ја покажаа акутна опасност која десничарските екстремисти и натаму ја претставуваат во Германија“.

А, на почетокот на септември годинава, непознати лица во Мелн запалија листови на огласната табла во влезниот дел на локалната џамија, каде што, исто така, живее едно семејство. Никој не е повреден. Истрагата е сѐ уште во тек.

Кој и како врши комеморации?

Нападот што се случи пред 30 години ќе биде одбележан денеска (23 ноември) во џамијата во Мелн, а потоа и во црквата Свети Никола. Се очекува на комеморацијата да присуствува и ополномоштеничката за култура на германската влада Клаудија Рот, како и турскиот амбасадор Али Кемал Ајдин. На местото на пожарот потоа ќе бидат положени венци.

Говори сакаат да одржат и Фарук и Ибрахим Арслан (37), момчето кое го спаси баба му, која загина во пожарот. Во интервју за НДР, тој се пожали дека градот се обидува да ја присвои годишната комеморација во Мелн и оти никој од властите никогаш не разговарал за тоа со погодените.

Ибрахим Арслан говори на комеморацијата одржана во 2017 година
Ибрахим Арслан говори на комеморацијата одржана во 2017 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/S.Sauer

„Државата не ги заштити“

Катрин Керштајн вели дека се променило и тоа што денес „погодените меѓусебно се поддржуваат и се посетуваат на комеморативните настани, меѓусебно се зајакнуваат и ги умножуваат и интензивираат нивните барања, вклучително и барањата кон државата - која не ги заштити, која го забошоти проблемот и со едностраните истраги делумно ги овозможи тие убиства“.

Тимо Рајнфранк од фондацијата Амадеу Антонио смета дека „многу е важно политичарите и општеството денес да сфатат дека расистичките и антисемитските напади не се однесуваат само на поединци, туку на цели групи, а со тоа и на целата земја“.

Неодамна објавената студија на Универзитетот во Лајпциг покажува и колку е актуелна темата за расизмот во Германија. За волја на вистината, студијата забележува пад на чисто десничарско екстремистички погледи на светот кај Германците.

Меѓутоа, ксенофобичните ставови се широко распространети: речиси една третина од анкетираните велат дека „странците“ дошле овде само „да ја искористат нашата социјална држава“, а речиси исто толку веруваат дека Германија е „опасно преплавена со странци“.