1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како ќе биде крунисан Чарлс Трети

Кристине Ленен
6 мај 2023

Зошто денеска се крунисува Чарлс Трети? Кој настапува на концертот по повод неговото крунисување? Дали неговиот син Хари е таму... И, што има за ручек?

https://p.dw.com/p/4QwNW
Германија Чарлс Трети
Подготовка за крунисувањето: На патување во Германија, кралот Чарлс Трети беше поздравен со торта-круна (30.03.2023)Фотографија: Jens Büttner/AP Photo/picture alliance

Англиските кралици и кралеви се крунисануваат во Лондон веќе околу 1000 години. За време на овој долг временски период, се создадени многу ритуали, кои ќе му дадат белег и на крунисувањето на Чарлс Трети и неговата сопруга Камила. Некои од ритуалите се стари речиси колку и самата церемонија, како што е кралската круна. Други се доста модерни, меѓу нив и „кишот за крунисувањето“. Седум од најважните прашања околу крунисувањето на кралот Чарлс Трети:

1. Зошто крунисувањето е на 6-ти мај?

Кралското семејство и британската влада се договораат за соодветниот датум за крунисувањето. Ниту Бакингемската палата ниту „Број 10“ - резиденцијата на британскиот премиер - официјално не објаснија зошто изборот сега падна на 6-ти мај.

Британскиот печат укажува на некои лични врски помеѓу кралот и датумот на крунисувањето. 6-ти мај е роденден и на неговиот внук Арчи Харисон Маунтбатен-Виндзор, најстариот син на принцот Хари и Меган Маркл, кој е роден во 2019 година. Тоа е и годишнина од смртта на неговиот прапрадедо, кралот Едвард Седми, кој починал во 1910 година. Дали е добра идеја да се засени роденденот на сопствениот внук? Можеби не. Во секој случај, мајката Меган Маркл со својот син не патува на крунисувањето.

Полуксузна церемонијална кочија за Чарлс Трети

2. Зошто е избрана Вестминстерската опатија?

Друга црква веројатно не се ни разгледувала: британските кралици и кралеви се крунисани тука од 1066 година, кога Вилијам Освојувачот ја освоил Англија. Оттогаш во катедралата се одржани 38 церемонии на крунисување. Вестминстерската опатија е исто така место на многу други важни црковни служби на кои присуствува англиското кралско семејство.

Вестминстерска опатија Лондон
Вестминстерската опатија често е место каде се одржуваат важни богослужби во Велика БританијаФотографија: Dan Kitwood/PA Wire/picture alliance

Патем, Вилијам Освојувачот е крунисан на Божик - 25 декември 1066 година. Во тоа време, кралевите се сметале за божји претставници на земјата. Чарлс Трети очигледно не сакал сличен религиозен датум. Неговата мајка, своевремено се одлучила за летно крунисување: Елизабета Втора беше крунисана на 2 јуни 1953 година во Вестминстерската опатија.

3. Каква круна носи кралот?

Кралското семејство поседува неколку круни. Кралот Чарлс Трети за крунисувањето ја избра „Круната на Едвард“. Таа е најстарата од британските кралски круни, направена во 1661 година, а првпат ја носел кралот Чарлс Втори. Таа ја заменила средновековната круна, која била стопена во 1649 година. Од 1649 до 1661 година Англија накратко станала република, предводена од диктаторот и воен лидер Оливер Кромвел. Бунтовниците продале многу од кралскиот накит и го стопиле златото.

По обновувањето на монархијата (т.н. „Реставрација“), морало да се направи нова круна која во многу нешта наликувала на  претходната. Според фондацијата „Royal Collection Trust", круната тежи околу два килограми, украсена е со рубини, аметисти и сафири и е направена од чисто злато. Нејзината вредност се проценува на околу 40 милиони долари (околу 36 милиони евра).

Патем, се вели дека круната го носи името на Свети Едвард, последниот англосаксонски крал на Англија, кој живеел во 11 век.

Круната на Едвард Обединето Кралство
„Круната на Едвард“ пред Чарлс ја носеше неговата мајка, Елизабета ВтораФотографија: Photoshot/picture alliance

4. А каква круна носи кралицата?

Со благослов на покојната кралица Елизабета Втора, Камила ќе биде формално именувана како Кралица Камила, а не само како кралска сопруга. Таа на 6-ти мај исто така ќе биде крунисана во Вестминстерската опатија, и тоа со круната на Кралицата Мери, кралската сопруга на кралот Џорџ Петти, направена за церемонијата на крунисувањето во 1911 година.

Од круната пред церемонијата ќе биде изваден важен скапоцен камен - дијамантот Кох-и-Нур, кој неодамна предизвика контроверзии бидејќи дошол во сопственост на британското кралско семејство под сомнителни околности. Четири земји го бараат назад дијамантот од Велика Британија: Индија, Пакистан, Авганистан и Иран.

Наместо Кох-и-Нур, на круната на Камила ќе има некои од омилените камења на кралицата Елизабета Втора - почит кон починатиот монарх, се вели во официјалното соопштение.

5. Што е со пригодните производи?

Нема кралска прослава без пригодни производи. Фановите на кралското семејство од цел свет можат по повод крунисувањето на кралот Чарлс Трети да купуваат салфети, специјални монети или магнети за фрижидер. Лицето на новиот крал дури ги краси и британските кутии за бисквити.

Генерално, британските медиуми досега имаа впечаток дека за ова крунисување се произведуваат помалку сувенири отколку, на пример, за свадбата на принцот Хари и Меган Маркл.

„Њујорк тајмс“ во една статија истакна еден многу посебен сувенир за крунисувањето: Британски лекар дизајнирал пакување за житарки за кралот Чарлс Трети. На задната страна можете да се исече лицето на новокрунисаниот крал и да се користи како маска за лице.

Монетата издадена по повод крунисувањето на Чарлс Трети
Монетата издадена по повод крунисувањето на Чарлс ТретиФотографија: Molly Darlington/REUTERS

6. Што има за ручек?

Во викендот на крунисувањето треба да се одржи и „Големиот ручек на крунисувањето“. Тоа не е државен банкет, туку иницијатива за која не се потребни кралски гости. Заедниците, клубовите, пријателите, семејствата и соседите можат да се состанат на самоорганизирани „Големи ручеци“ за да го прослават крунисувањето на нивниот крал. Традиционално, парите се собираат за добротворни цели.

Но, дури и „Големите ручеци“ не можат да поминат без придонесот на кралското семејство: кралот Чарлс Трети и кралицата Камила предложија рецепт за оброкот, имено „Киш за крунисување“. Практично јадење кое што е евтино за правење и може да се служи и ладно и топло. Кралската двојка препорачува кишот, со неговите „вкусови на спанаќ, боранија и свеж естрагон“, да се јаде топол или ладен со зелена салата и варени нови компири.

Ако кишот од спанаќ не е доволно спектакуларен, има уште три предлози: јагнешко со азиска маринада по рецепт на американско-кинескиот славен готвач Кен Хом, „модар патлиџан за крунисувањето“ на британската пекарка и колумнистка Надија Хусеин и многу посебен десерт од познатиот лондонски готвач Адам Хендлинг.

Надија Хусеин, позната британска пекарка и колумнистка
Надија Хусеин, позната британска пекарка и колумнистка Фотографија: Ben A. Pruchnie/Getty Images

7. Кој настапува на традиционалниот Концерт за крунисувањето?

Во недела, еден ден по крунисувањето, во замокот Виндзор ќе се одржи концерт. Се очекуваат големи ѕвезди како Лајонел Ричи, Кејти Пери и оперскиот пејач Андреа Бочели, кој ќе пее дует со велшкиот колега Сер Брин Терфел.

Британската поп група Take That доаѓа со три свои члена - без Роби Вилијамс и Џејсон Оринџ - а доаѓа и пејачката и текстописец Фреја Ридингс и велшкиот соул композитор и продуцент Алексис Френч.

Најава има и за музичката легенда Ендрју Лојд Вебер. Композиторот на „Jesus Christ Superstar", „Evita", „Cats", „Starlight Express" и „The Phantom of the Opera" веќе настапи пред кралското семејство за платинестиот јубилеј на кралицата Елизабета Втора.

Покрај големите суперѕвезди, на сцената ќе има и таканаречен „Хор за крунисувањето“, кого го сочинуваат локални хорови од целата земја кои настапуваат заедно. Овој „Хор за крунисувањето“ ќе пее и  заедно со Виртуелниот хор, составен од пејачи од целиот Комонвелт.

Кејти Пери и Орландо Блум
Пејачката Кејти Пери со нејзиниот партнер, британскиот актер Орландо БлумФотографија: Xavier Collin/picture alliance/Photoshot

А, ќе дојде ли Хари?

По конфликтот со Бакингемската палата, најмладиот син на кралот Чарлс, принцот Хари, треба да смета со прилично ладен дочек. Во секој случај, „загубениот син“ кој официјално го напушти кралското семејство потврди дека доаѓа. Сега е познато и дека за време на церемонијата на крунисување тој нема да седи во првиот ред како остатокот од кралското семејство, туку ќе мора да седи поназад. Сѐ уште не е јасно дали тој ќе дојде и на концертот ден потоа. Се верува дека Хари ќе се врати во Калифорнија кај своето семејство што е можно поскоро по церемонијата на крунисување за да го прослави четвртиот роденден на синот Арчи со Меган и децата.