1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Состанок во Брисел: ќе потпишат или не, ќе потпишат или не…

Ивица Петровиќ
27 февруари 2023

Лидерите на Србија и на Косово денеска би можеле да прифатат непријатни работи и покрај „црвените линии” до кои се држеа. Соговорници на ДВ се убедени дека притисокот од Западот е толкав што веќе нема простор за маневри.

https://p.dw.com/p/4O1Gq
Европските лидери со поголем оптимизам ја дочекуваат денешната средба меѓу српскиот претседател Вучиќ (лево) и косовскиот премиер Курти (десно)
Европските лидери со поголем оптимизам ја дочекуваат денешната средба меѓу српскиот претседател Вучиќ (лево) и косовскиот премиер Курти (десно)Фотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance | Erkin Keci/AA/picture alliance

Дијалогот меѓу Белград и Приштина е проследен од голем број недоумици, но во пресрет на денешната средба (27.02.2023) во Брисел се забележува поголем оптимизам кај европските челници.

Иако и натаму не се знае како ќе изгледа конечната верзија на германско-францускиот план, европските дипломати срамежливо најавуваат дека двете страни ќе го потпишат споменатиот предлог и се закануваат дека онаа страна која би можела да го кочи, може да биде меѓународно изолирана. 

Тоа практично значи и дека Приштина ќе прифати формирање Заедница на српски општини која до сега беше главна спорна точка. Многу дипломати наведуваат дека Србија со потписот на некој начин ја прифаќа реалноста на независноста на Косово, но Белград официјално и натаму се држи до своите црвени линии.

Тие „црвени линии“ не звучат премногу убедливо за дел од српската опозиција која смета дека властите со потпишувањето на француско-германскиот предлог овозможуваат сецесија на Косово и создавање на Голема Албанија. Клучен проблем опозицијата гледа во точката од договорот која на Косово перспективно би му овозможила членство во ООН.  

Заедницата на српски општини на Косово е спорна тема во дијалогот и наидува на отфрлање во Приштина
Заедницата на српски општини на Косово е спорна тема во дијалогот и наидува на отфрлање во ПриштинаФотографија: DW/I. Đerković

(Не)битни црвени линии 

Новинарот Ѓорѓе Влајиќ за ДВ набројува дека српските власти како црвени линии покрај експлицитното признавање на Косово, наведуваа и членство во ООН, како и организации од типот на Интерпол и УНЕСКО, а како услов над сите услови формирање на Заедница на српските општини.

„Не сум сигурен за цврстината на црвените линии на обете страни и мислам дека на крајот ќе мора да го прифатат она што им го наметнуваат Брисел и Вашингтон”, вели Влајиќ.

Оптимизмот на европските лидери околу прифаќањето на планот не е без основа, нагласува за ДВ правникот и активист за човекови права, Милан Антонијевиќ.

„Мислам дека во изминатиот период доволно голем беше притисокот врз Приштина, и дека во понеделник може да се очекува далеку поконструктивен став на Приштина. Очекувам дека ќе се согласат за Заедницата на српски општини и дека нема да има никакви контрапредлози во врска со тоа”, вели тој.

„Доколку така и се случи мислам дека нема да има  никаква причина Белград да не го прифати таквиот план”, оценува Антонијевиќ.

Преговорите нема да пропаднат 

Очекувањата од средбата во Брисел се поделени. Во српските медиуми се шпекулира дека состанокот ќе биде пресвртница, поточно дека ќе се прифати некаков вид на прва фаза од договор, или дека ќе следи целосен крах на преговорите меѓу Белград и Приштина.

Ѓорѓр Влајиќ забележува дека „Александар Вучиќ раскажува различни приказни, но цело време инсистира на тоа дека е кооперативен”.

Очекувањата од средбата Вучиќ (лево) - Курти (десно) во Брисел, чиј домаќин е првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел (во средина) се поделени
Очекувањата од средбата Вучиќ (лево) - Курти (десно) во Брисел, чиј домаќин е првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел (во средина) се поделениФотографија: Milos Miskov/AA/picture alliance | Lev Radin/Pacific Press/picture alliance | Erkin Keci/AA/picture alliance

Нашиот соговорник вели дека „ако се потпише тој документ ќе се исполнат некои од барањата на меѓународната заедница, но двете страни ќе го извлечат покусиот дел. Преговорите секако нема да пропаднат бидејќи тоа не е во ничиј интерес”. 

Антонијевиќ смета дека пореална е варијантата дека ќе се потпише планот бидејќи Србија и Косово го немаат тој луксуз да ги прекинат преговорите. Тоа нема да се случи заради меѓународниот углед и сите горливи прашања кои се отворија по војната во Украина. Мислам дека ваква перспектива за Западен Балкан не се отвора многу често. Очекувам дека Србија ќе продолжи да биде конструктивна, а што се однесува до Косово мислам дека веројатно е момент да чуеме нешто што ќе биде охрабрувачко за мир и нормализација на односите”, вели Антонијевиќ. 

Бескорисен маневар на Приштина  

Белград не пропушта да забележи како Приштина во пресрет на средбата се обиде да го одложи формирањето на Заедницата на српски општини, но Брисел и Вашингтон потоа ставија јасно до знаење дека сите потпишани обврски мора да се исполнат.

„Имаше обиди во Приштина формирањето на ЗСО да се поврзе со конечниот договор по кој би следело меѓусебно признавање”, вели Ѓорѓе Влајиќ кој додава дека „било какво прифаќање и потпис од Албин Курти за него би биле политичко самоубиство.“

„Од друга страна веќе добија јасна порака дека тоа што го сакаат не е прифатливо. Веројатно веќе се бара некоја алтернатива за Албин Курти. Минатиот пат добро ја одигра политичката карта за промена на владата под американски притисок како би се вратил уште посилен на следните избори. Таквото сценарио овој пат не може да се оствари”, сигурен е Влајиќ.

Милан Антонијевиќ оценува дека „нема никаква причина околу прашањето за Заедницата на српските општини да се почнува од крајот. Тоа е јасна обврска на Приштина која не е исполнета и тоа секако не е причина Приштина да отстапи од преговарачкиот процес.” 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема