1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

ОН за Блиски Исток: Опасноста од проширување е многу реална

Антје Пасенхајм | АРД
19 октомври 2023

Интензивирање на дипломатските напори и стремеж кон политичко решение- е итниот апел на посредникот на ОН за Блискиот Исток во Советот за безбедност. Советот повторно не можеше да се договори за усвојување на резолуција.

https://p.dw.com/p/4XjWe
Совет за безбедност на ОН, САД
САД ставија вето на резолуција на Советот за безбедност на ОН за конфликтот во ГазаФотографија: Fatih Aktas/Anadolu/picture alliance

Предупредувањето од посредникот на ОН за Блискиот Исток, Тор Венесланд, тешко можеше да звучи понагласено:  „Опасноста од проширување на овој конфликт  е реална - многу, многу реална - и крајно опасна." Тој може да го каже тоа врз основа на неговите состаноци - и динамиката што ја набљудува на лице место, рече Венесланд, кој беше вклучен преку видео врска на седницата на Советот за безбедност на ОН.

Венесланд се приклучува кон повикот на египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси за меѓународен самит за деескалирање на непријателствата во регионот. Тој ги пофали дипломатските напори на терен - особено од страна на  германскиот канцелар Олаф Шолц. Венесланд претходно повторно ги формулираше овие барања: Хамас мора веднаш да ги ослободи сите заложници,  Израел мора веднаш да дозволи хуманитарна помош  за цивилите во Појасот Газа. Но, итно мора да се зголемат обединетите напори за конфликтот да не се прелее во регионот, предупреди блискоисточниот посредник.

Предупредување против провокации

„Во однос на Западниот Брег и Либан, не смее да има погрешна проценка“, рече Венесланд - „не смее да има провокација и чекор што би ја затворил вратата за нашите сегашни напори“. Единствениот начин да се излезе од оваа спирала на насилство е долгорочно политичко решение засновано на меѓународното право, постоечките договори и резолуциите на ОН.

Непосредно пред тоа, Советот за безбедност отфрли уште една резолуција на единаесеттиот ден по избувнувањето на насилството. Како што се очекуваше, нацртот пропадна поради американското вето. Во текстот доставен од Бразил се бара Израел да ја повлече наредбата за евакуација на  северниот дел од Појасот Газа.  Амбасадорката на Вашингтон во ОН Линда Томас-Гринфилд нагласи: Во текстот не се споменува правото на Израел на самоодбрана. „Ние вршиме напорна дипломатска работа на теренот“, рече таа. „Иако ја разбираме желбата на Бразил да успее со овој текст, веруваме дека не треба да ја загрозиме дипломатијата во моментов."

Набргу потоа дојде веста од регионот: Со оглед на катастрофалната хуманитарна ситуација во блокираниот Појас Газа, Израел го отвори патот за испорака на помош од Египет, соодветно на повикот на американскиот претседател Џо Бајден.

„Принципите на меѓународното право се исмејуваат“

Според проценките на Обединетите нации, околу еден милион од приближно два и пол милиони жители на Појасот Газа побегнале во јужниот дел од палестинската територија. Загриженоста за очајната ситуација на луѓето таму се зголеми во Советот за безбедност откако ракети погодија болница во Појасот Газа, при што имаше стотици мртви и повредени. Амбасадорката на Обединетите Арапски Емирати во ОН, Лана Нусеибех, предупреди: „Секој дополнителен час од оваа погубна војна ги исмева принципите на меѓународното хуманитарно право“. Според Нусеибех, нејзината земја бара целосна и независна истрага за бомбардирањето и инсистира одговорните да бидат повикани на одговорност. Очигледно, Русија побарала од претседателот на Генералното собрание на ОН да свика итен состанок. Советот за безбедност во неколку наврати ги отфрли руските предлози за хуманитарна резолуција. Дипломатите очекуваат седницата на Генералното собрание да се одржи во следните неколку дена. Таму нема можност за поставување вето, но одлуките не се обврзувачки.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема