1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Како Израел ги тренира своите војници за урбана борба

19 октомври 2023

Израелската армија се вбројува во најдобро обучените воени сили за урбана борба. Сепак, дури и со најдобриот тренинг е можна само делумна подготовка за ваков вид војување, какво што претстои во Газа.

https://p.dw.com/p/4Xgps
Израел | Маневри за урбана војна во воената област за обука УВТЦ
Маневри за урбана војна во воената област за обука УВТЦ во пустината НегевФотографија: Jack Guez/AFP/Getty Images

На еден час возење од Појасот Газа, израелската армија веќе две децении тренира урбана војна: градот за вештачки маневар „Баладија Сити“ е дел од воената база во Кибуц Цеелим, во пустината Негев. Белите блокови од куќи може да се видат на фотографии и сателитски снимки. Тие се слични на оние во Појасот Газа и распоредени се густо во областа за маневри.

Тука има и објект на џамија, болница и комплетно опремени станови. На ѕидовите - антиизраелски графити. Меѓу западните вооружени сили, Израелците се вбројуваат меѓу армиите кои се најдобро обучени за урбана војна.

„Тоа се многу добро подготвени израелски сили, најдобри во светот за вакво нешто“, вели во интервју за ДВ Френк Ледвиџ, експерт за воена стратегија на британскиот Универзитет Портсмут.

Но, секоја подготовка е само приближување кон реалноста со која сега се соочува Израел во северниот дел на Појасот Газа, убеден е германскиот безбедносен експерт Кристијан Мелинг. Тој во интервју за ДВ вели:

„Можете да го вежбате тоа, да, но тоа не значи дека можете да ги елиминирате сите загуби на својата и на другата страна. Мислам дека притоа се учи оти токму тоа не е можно“, вели првиот човек на Центарот за безбедност и одбрана на Германското друштво за надворешна политика (ДГАП). Во Газа, додава тој, борците на Хамас тешко можат да се разликуваат од оние кои не се учесници.

Во „Баладија Сити“ и војници на Бундесверот

Израел го изгради градот за обука во пустината со куќи од бел бетон во 2004 година, со помош на американската армија. Тука беа обучувани американски маринци и мировници на ОН. На обука за урбана војна, свои сили за одговор на кризи и планински трупи од 2015 година испраќа и германскиот Бундесвер.

Во Појасот Газа, работите ги отежнува и тунелскиот систем на Хамас, кој ја покрива речиси целата област. Милитантната исламистичка организација е класифицирана како терористичка организација од страна на САД и Европската унија, вклучително и Германија.

Израел | „Баладија Сити“
Израелската армија тренира урбана војна во „Баладија Сити“, во пустината НегевФотографија: Jack Guez/AFP/Getty Images

Ракетен фрлач од таен влез во тунел

Во текот на изминатите две децении, терористите на Хамас продолжија да го прошируваат комплексниот тунелен систем, кој сега е долг 500 километри. Тој делумно е длабок 30 метри и се вели дека на места е достапен и за автомобили.

Израелската армија таму откри стапици преку кои Хамас може брзо да ги извади ракетните фрлачи на површината за да ги снема повторно откако ќе бидат истрелани ракетите.

Терористите можат да се појават и во урбана војна, а потоа повторно да исчезнат. Најсовремената електроника на Израелците за извидување е главно безвредна под земја. Освен, ако не успее да шпионира во тунелите со мали хај-тек дронови.

Тешка потрага по раководството на Хамас

„Израелската армија ќе се обиде да лоцира што е можно поголем дел од инфраструктурата на Хамас, т.е. бази во нејзиниот тунелен систем, како и команден персонал“, анализира истражувачот на ДГАП, Мелинг.

Но, терористичката организација успеа да го заштити своето раководство „многу успешно“ во последните години. Сепак, можно е Израелците да добиваат информации од агенти во Појасот Газа.

„Но, тогаш се враќаме на проблемот број еден: да знаеш каде е некој не значи дека можеш да го фатиш ако треба да поминеш низ огромен број на човечки штитови, а притоа не смееш едноставно да пукаш во луѓето“, објаснува Мелинг.

тунел за шверцери во Рафах на југот од Појасот Газа
Градител на тунели во Газа (на фотографијата - тунел за шверцери во Рафах на југот од Појасот Газа во 2010 година)Фотографија: picture alliance/landov

Цивилите се без заштита изложени на насилство

Војувањето од куќа до куќа „секогаш се сметало за најопасна операција во војната, со најголеми загуби“. Стотици илјади цивили се без заштита изложени на насилство. Затоа што, според германскиот експерт за безбедност: „Војниците треба да донесат одлуки во рок од неколку секунди, па дури и милисекунди. И притоа прават грешки. Тоа не може да се избегне.“

Американскиот експерт за урбана војна Џон Спенсер укажува на политичките последици што за Израел може да ги има една копнена офанзива која вклучува урбана војна. „Живите (човечки) штитови и заложниците ја отежнуваат операцијата“, вели во интервју за германскиот портал „Шпигел“, Џон Спенсер, кој предава на американската воена академија Вест Поинт.

„Нивната судбина има силно влијание врз тоа како меѓународната заедница гледа на операцијата“, потенцира поранешниот мајор на американската армија.

Кристијан Мелинг
Кристијан Мелинг: Израелската армија ќе се обиде да лоцира што е можно поголем дел од инфраструктурата на ХамасФотографија: DGAP

Споредби со Мариупол и Мосул

Спенсер претпоставува дека би се водела „борба блок по блок, куќа по куќа, тунел по тунел“. Тој не може да се сети на војна „во која толку многу заложници биле користени како штитови, како маса за пазарење или како тактички средства“.

Војната што се наѕира во Газа, која може да трае со месеци, најдобро може да се спореди со борбите во јужниот украински град Мариупол минатата година, или со битката за Мосул на ирачките вооружени сили против Исламската држава во 2016 и 2017 година.

Во Газа, по вистинските борби, следи битка за сликите: Колку Израел може да ја избегне смртта на невините, не само онаа на најверојатно речиси 200-те израелски и меѓународни заложници во рацете на Хамас?

„Израел ќе ја добие тактичката битка“, вели Френк Ледвиџ од Портсмут во интервју за ДВ, фрлајќи поглед кон претстојните месеци: „Постои голема веројатност армијата да го заземе Појасот Газа и да го порази Хамас на терен и веројатно под земја“.

Она што притоа е клучно е разузнавачкото извидување на борбеното подрачје кое се одвива паралелно. „Она што го гледате на вашите екрани е само предната страна на она што се случува“, вели Ледвиџ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема