1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСловачка

Словачка: Обид за атентат во затруена земја

Кено Верзек
17 мај 2024

Постар човек со конфузни политички ставови пука во словачкиот премиер Роберт Фицо - чин во земја која никогаш консеквентно не ставила крај на преплетувањето на политиката и организираниот криминал.

https://p.dw.com/p/4fxgP
Словачкиот премиер Роберт Фицо во Хандлова непосредно пред обидот за атентат врз него
Словачкиот премиер Роберт Фицо во Хандлова непосредно пред обидот за атентат врз негоФотографија: Radovan Stoklasa/TASR/AP Photo/picture alliance

Опасни по живот прострелни рани во градите и стомакот, долги итни операции чиј позитивен исход не беше сигурен, сега веројатно долго закрепнување - словачкиот премиер Роберт Фицо веројатно за влакно го преживеа обидот за атентат врз него во средата (15.05). Толку сериозен обид за атентат врз шеф на влада на европска земја немало со децении. Дотолку поголем сега е шокот во Словачка, но и на други места. Обидот за атентат врз Фицо е тажна кулминација на зголеменото насилство врз политичарите во многу европски земји.

Во Словачка, политички длабоко поделена земја со пет милиони жители, каде што преовладува извонредно груб и насилен тон меѓу партиите, речиси сите противници на Фицо го изразија својот ужас и вознемиреност. Главната опозициска партија ги откажа протестите против планираниот ремонт на јавната радиодифузија од страна на владата на Фицо. Претседателката Зузана Чапутова, која и самата е цел на бројни повици за убиство и затоа наскоро се откажува од својата политичка кариера, ја повика политичката елита и јавноста во земјата да се откажат од климата на омраза и вербално насилство.

Сѐ уште не се разјаснети мотивите на атентаторот и околностите на делото. Се чини дека е сигурно оти станува збор за осамен сторител. Седумдесет и едногодишниот Јурај Ц. од малото гратче Левице, во југозападна Словачка, работел за фирма за обезбедување и, според пишувањата на словачките медиуми, неуспешно пробувал да изгради кариера како писател и поет. Тој, како што се вели, припаѓал на десничарско здружение на писатели. Во минатото, тој на социјалните мрежи објавувал и содржини против мигрантите и Ромите. Во исто време, очигледно бил и противник на деснонационалистичката владина коалиција на премиерот Фицо. Набљудувачите го опишуваат напаѓачот како очигледно фрустриран и политички конфузен.

Роберт Фицо напаѓач
Осомничениот сторител е совладан и уапсенФотографија: Radovan Stoklasa/AP Photo/picture alliance

Ерата на Мечијар - приватизациски криминал, брутални мафијашки убиства

Ништо не укажувало на вакво злосторство против Фицо. Но, нападот е дел од долгогодишната историја на сериозно насилство во политиката и организираниот криминал во Словачка и, до одреден степен, исто така дел од политичката култура полна со длабоки девијации. Словачка никогаш не извлече дефинитивни консеквенции од ова минато.

По мирното распуштање на Чехословачка и прогласувањето независност во 1993 година, земјата под водство на премиерот Владимир Мечијар со години беше на крстопат помеѓу автократскиот режим со блиски врски со организираниот криминал и развој на една правна држава. Овој период беше обележан со економски и приватизациски криминал, брутални мафијашки убиства и бројни сериозни напади врз критичарите на системот Мечијар. Најниската точка на ерата беше борбата за моќ во 1995 година меѓу Мечијар и тогашниот претседател Михал Ковач, во која словачката тајна служба го киднапираше синот на претседателот. Мечијар наводно бил мозок на аферата, но како резултат на амнестија што самиот ја објави, таа афера никогаш не беше разјаснета.

Убиството на Јан Куцијак

Со пристапувањето на Словачка во ЕУ во 2004 година, се чинеше дека оваа ера заврши. Тоа беше и времето кога започна големата политичка кариера на Роберт Фицо во Словачка. Адвокатот Фицо во тоа време се профилираше како социјалдемократ и борец против корупцијата и незаузданиот неолиберализам. Премиер за првпат стана во 2006 година и набрзо и нему му се префрлаше вмешаност во корупциски скандали, вклучувајќи ја и аферата Пента-Горила, најголемиот посткомунистички корупциски скандал во Словачка, кој се однесуваше на влијанието на матни бизнисмени врз политиката во Словачка.

Слика на убиениот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова (2018)
Слика на убиениот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова (2018)Фотографија: Svancara Petr/CTK/dpa/picture alliance

Најниската точка на владеењето на Фицо беше нарачаното убиство на новинарот Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова во февруари 2018 година - Куцијак ги истражуваше врските меѓу политиката и организираниот криминал во Словачка. Иако владата на Фицо не била директно вмешана во убиството, премиерот тогаш мораше да поднесе оставка бидејќи Куцијак открил врски меѓу италијанската мафија и словачката влада, вклучително и за советничка и наводна љубовница на Фицо. Наводниот налогодавач за убиството, бизнисменот Маријан Кочнер, исто така одржувал блиски врски со членови на владата и високи функционери во државниот апарат. Генерално, сликата на Словачка во тоа време беше - вистинска мафијашка држава.

Без длабоки реформи

По ерата на Фицо, во 2019 година за претседателка беше избрана адвокатката и антикорупционерка Зузана Чапутова, а следната година на власт дојде либерално-конзервативна реформска коалиција. Но, надежите на словачкото општество за длабоки и трајни промени на крајот не беа исполнети, реформската коалиција пропадна минатата година поради постојани спорови. Фицо се врати на власт по предвремените избори во септември 2023 година. Оттогаш, тој и неговата влада првенствено се занимаваат со политичко влијание врз судството, запирање на кривичните постапки за корупција и замолчување на независните медиуми.

Словачка Роберт Фицо
Роберт Фицо се врати на власт во септември 2023 годинаФотографија: Nadja Wohlleben/REUTERS

Од социјалдемократ, Фицо пред многу години се трансформираше во десничарски националист. Тој сака да ја критикува Европската унија, либерализмот, „ЛГБТК идеологијата“ и наводните непријатели на „традиционалните вредности“. Застапува проруски и антиукраински позиции, за него сите противници се „предавници“, критичките новинари ги нарекува „хиени“, „идиоти“ или „антисловачки проститутки“. На овој начин и самиот Фицо даде одлучувачки придонес за климата што претседателката Чапутова во говорот во средата ја окарактеризира на овој начин: „Реториката полна со омраза на која сме сведоци води до акции полни со омраза“ и додаде: „Ве молам, да го запреме ова!“

Киднапирање на државата

Дали овие зборови на Чапутова ќе наидат на „отворени учи“ е големо прашање. Во првите реакции по обидот за атентат врз Роберт Фицо, владините и партиските пријатели генерално ги обвинија опозициските партии и невладините новинари дека се луѓето кои духовно стојат зад злосторството. Тоа може да биде знак дека коалицијата и особено партијата СМЕР на Фицо го користат нападот како можност да преземат уште поригорозни мерки против критичарите.

Еден од оние кои сега ги напаѓаат независните новинари е словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак. Тој ги има сите причини да го прави тоа, бидејќи пред неколку години независните медиуми во Словачка ја разоткрија неговата наводна вмешаност во државно киднапирање.

Словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак
Словачкиот министер за одбрана Роберт Калинак Фотографија: picture alliance/dpa/CTK

Стануваше збор за киднапирање на виетнамски бизнисмен од Берлин преку Братислава назад во Виетнам. Се вели дека Калинак како министер за внатрешни работи во јули 2017 година се погрижил Трин Ксуан Тан, кој претходно бил киднапиран од Берлин, да биде донесен во Виетнам со авион на словачката влада со лажни документи. Калинак е пријател на Виетнам долго време. Тој, меѓу другото, за време на посетата во 2017 година, иницираше заедничка соработка меѓу словачки и виетнамски компании во секторот за безбедност и вооружување.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик