1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиерот Мицкоски ги засука ракавите

Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Ерол Ризаов
25 јуни 2024

Ова жешко лето туѓиот успех ќе се одработи како свое големо достигнување. Тоа што вчера беше предавство, утре ќе биде голема победа. Пишува Ерол Ризаов

https://p.dw.com/p/4hSHZ
Премиерот Христијан Мицкоски Северна Македонија
Премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Премиерот Христијан Мицкоски ги засукал добро ракавите и орен е за работа со својот тим да го спасува болниот на Балканот, кој како што лично дијагностицирал, е на смртна постела и само што не умрел. Верувам дека тој како и сите пред него, верува во тоа што го ветува и го приложува како  програма за работа на владата  и го соопштува на јавноста сугестивно и еуфорично на стартот на владеење како и неговите претходници. Сѐ е убаво срочено, спакувано, кажано и верно препишано, дури и надградено над поранешните ветувања на премиерите и владите што доѓаат и си заминуваат со резултатот еден чекор напред два назад.

Формулата е иста. Ќе биде тешко, ама ние ќе успееме. Колку илјади пати во овие изминати 33 години сме ги слушнале и читале овие списоци на желби и секогаш победниците на изборите успешно нѐ     излажале што и емпириски докажува дека сме со кратко паметење. Ќе беше многу поуверливо ако Мицкоски кажеше и некои други причини за клиничката смрт на Македонија. На пример, колку покрај вината и грешките на власта, тој и неговата партија допринеле да дојде до тоа. Сигурно во изборниот штаб на ВМРО ДПМНЕ процениле колку влијаело на изборната победа жестоката речиси седум годишна кампања за „велепредавство“ на државните и национални интереси поради договорите со соседите Грција и Бугарија и не помалку како измеќарите на ДУИ во СДСМ ги направија Македонците граѓани од втор ред во сопствената држава. Сега по освојување на власта и обезбедено двотретинско мнозинство, сите тие работи што беа блокирани треба да се завршат заедно со трите албански партии од ВРЕДИ и  во соработка со ДУИ  и сето тоа се разбира да се прикаже како голем успех што навистина е тешка работа.

Ова жешко лето и есенва Мицкоски ќе работи со засукани ракави некаде до пред зима кога ќе мора да се пресоблече и да облече капут, оти чудата што им се ветени на граѓаните на Македонија никогаш не се исполнети, а и кога имало шанси да се исполнат биле уништени од високата доза да се биде допадлив на јавноста и немањето на храброст да се биде решителен за тешки и непопуларни одлуки кои се главниот предуслов за преобразба на општеството и за промена на свеста од која е направена пустош во главите на луѓето. Тоа не се лечи брзо.

Доаѓа време на „братство и единство“

Од денес ќе му даваат по три лажички волшебен лек на клинички умрениот да стане на нозе. Прво, уште рано сабајле стасува инфузијата од 400 -450 милиони евра инвестиција која ќе нѐ     шокира иако тоа од некаде ни е многу познато. Утре стасува и новата инвестиција од милијарда евра. Задутре ќе се намалат даноците да се стимулираат богатите да бидат уште побогати, сиромашните посиромашни. Прекутре ќе се зголемат пензиите- да се радуваат децата и внуците на пензионерите кои од тоа живеат.

Струјата нема да поскапи. Тоа зависело од владата и волјата на премиерот. Ако се практикува ваквата економска закономерност, далеку ќе стасаме и со реформите и со стандардот на населението. Невработеноста ќе исчезне однесена како со рака. Ќе се засили увозот на евтина работна сила од Азија и од Африка, а ќе се зголеми извозот на квалитетни кадри од Македонија во Европа и во Америка. Тоа е незапирлив процес кој е последица на мали плати и немање услови за работа какви што има на Запад. Новата влада ветува дека ќе ја врати довербата во институциите на системот со партиски кадровски промени почнувајќи од возачите и келнерите, секретарките, па сѐ до директорите на училишта и на државните компании. Криминалот и корупцијата со чесната влада ќе станат лошо минато.

Новата влада на Северна Македонија премиерот Хистијан Мицкоски
Новата влада на Северна Македонија предводена од премиерот Хистијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Татковината ќе им се одолжи на заборавените граѓани, на сите без оглед на партиска, верска и национална припадност. Доаѓа време на „братство и единство.“ Кој памети што значи тоа знае што ќе се случува. Дојде нова чесна и работлива влада и енергичен премиер визионер кој постојано ќе ги држи под контрола функционерите и надлежните институции да си ја вршат работата како треба и како што приличи на слуги на граѓаните.

Пеколно темпо на ЕПП во медиумски ЕПП настапи

Дали забележувате како функционерите на ВМРО ДПМНЕ во секој јавен настап го цитираат својот лидер како нов спасител на државата. Тоа е првиот предзнак дека „слугата на народот“ брзо ќе го земе камшикот во рака. Во Македонија има многу луѓе што сакаат цврста рака, но камшикот да не удира по нивниот грб. Мицкоски тоа нема да го прави како неговиот сопартиец Никола Груевски со прислушкување и држење под надзор на илјадници граѓани и јавни личности, па и на своите најблиски соработници,  туку со предана работа  на остварување на списокот на желби и со одговорност за секоја грешка. Затоа, неговите планови и ветувања ќе ги чуваме и ќе ги препрочитуваме секое утро како потсетник на убавата ни иднина.

Значи, летово како што прогнозира премиерот ќе има пеколно темпо. Не се работи за временска прогноза од Зајчев рид, туку за невидена досега ЕПП активност на премиерот и министрите кои ќе ни рецитираат чудесни извештаи за постигнатите успеси почнувајќи од утринските телевизиски програми најгледани од домаќинките, па до доцна навечер на специјалните емисии со добро уреднички обмислени термини на гледаноста меѓу две турски серии и на вестите и често со „брекинг њуз“ на програмата да се соопшти ново достигнување, или апсење на предавниците и криминалците.

На социјалните мрежи ќе си оди во живо работата на владата 24/7. За лошите работи, грешки и промашувања, неисполнети ветувања познато е правилото, тоа што не е објавено не се ни случило. Има уште нешто многу поефикасно за управување со државата не само со преземање на активности и тактики на претседателот на Србија Александар Вучиќ, туку заради еквидистанца треба нешто да се преземе и од знаменитиот бугарски премиер, ресенчанецот со македонско потекло Андреј Љапчев кој наводно за Македонците кажал уште пред сто години: „со овој народ покроце, по кроце, со арно и со убаво и со малку ќотек."

Тоа веќе го видовме на неколку пати кога демантиравме дека ќотекот излегнал од рајот, туку од македонскиот парламент. Додуша овојпат во Собранието работите ќе течат многу помазно, прво подготвен терен со канонада од тешката медиумска артилерија против предавниците кои предизвикаа клиничка смрт на државата, а потоа со 85 до 88 гласа за усвојување на секоја одлука за спасување и оживување на Македонија.

Пред да оди Мицкоски на самитот на НАТО

Една мала добронамерна сугестија додека премиерот Мицкоски се подготвува да оди во Вашингтон на самитот на НАТО и да ја брани Северна Македонија ако колегата Мицотакис го отвори прашањето за непочитување на  Преспанскиот договор.  Би било добро да ги повика некој од тие што му овозможија да оди на самитот на НАТО и да им се извини што тој и ВМРО ДПМНЕ беа против „велепредавството“ и потпишувањето на Преспанскиот договор. Ако не може на тие што ја завршија таа работа да им се извини и ако му е тоа преголем товар за суетата, барем нека ги викне осумтемина пратеници на ВМРО ДПМНЕ што ги прогласија за предавници и за страотната глетка од Собранието кога построени како инквизитори ги анатемисаа што се осмелиле да гласаат за уставните измени кои сега му обезбедија да оди и да седи на иста маса со првите луѓе на најголемиот воен и политички сојуз во светот. Се разбира и да зборува таму ако има што да каже, освен амин. 

Уставните измени ќе се донесат без „бугарски диктат“ 

Како сега  без ова извинување со чист образ ќе гласаат за уставните измени  кои ги нарекоа бугарски диктат. Мицкоски има одговор на ова прашање. Тој и натаму е категоричен дека уставните измени нема да се донесат под бугарски диктат. Се разбира така и ќе биде. Уставните измени ќе бидат донесени без бугарски диктат.

Ќе се оди во Софија да се баци рака, ќе се направи некоја мала козметичка операција без да се менува ништо суштинско во Договорот и тоа ќе се прикаже како голем успех на  премиерот Мицкоски и на ВМРО ДПМНЕ,  голема национална политичка партија која во голготата за евроатланските интеграции на Македонија не мрдна со прст и нема дадено никаков придонес.

На пример, како голем успех ќе ни биде претставено тоа што Бугарија веќе од поодамна го вети дека нема да става повеќе вета ако се применува договорот и усвоената преговарачка рамка. Или, дека го признава македонскиот јазик со мало проблематизирање на влијанието на бугарските дијалекти, што, исто така, е присутно уште од признавањето на Македонија како држава од страна на Бугарија. Мицкоски веќе не го спомнува условот дека уставните измени ќе се донесат на денот кога Македонија ќе влезе во ЕУ, или кога Бугарија ќе ги почитува одлуките на судот во Стразбур за правата на Македонците во Бугарија. 

Што ќе ни се случува ова жешко лето со пеколното темпо на Мицкоски. Ништо друго, освен што туѓиот успех ќе се претстави како свое големо достигнување што е нешто сосема нормално во политичкиот „прагматизам“ на ВМРО ДПМНЕ. Тоа што вчера беше предавство, утре ќе биде голема победа и историски успех.

Ќе верував многу повеќе дека има целосна подготвеност за остварување на политичката и економската програма на новата влада ако со кратко, јасно и конкретно образложение беа прифатени реформите што ги бара Брисел во триесетина и кусур поглавја и продолжување на преговорите со ЕУ без глумење и лажење за подобри промени на веќе склучените договори со соседите и прифатената преговарачка рамка со ЕУ. Во тие реформи сѐ е содржано што и како треба да направи Македонија не само за да стане членка на ЕУ, туку сѐ она што го бараат граѓаните на Македонија и што го ветува ВМРО ДПМНЕ и сите други политички партии како своја програма. Таму се и политичките и економските, образовните, здравствените системи, еколошките и сите други промени кои значат воспоставување нови европски вредности. Економскиот раст, стандардот на граѓаните за кои толку многу зборува и ветува Мицкоски е еден од значајните предуслови во преговорите со ЕУ. Секако да не се заборави и најважното поглавје- владеење на правото, со тоа почнуваат и завршуваат преговорите. Пресметката со криминалот и корупцијата, ако почне од сопствениот двор, тогаш се враќа довербата во правосудниот систем. Ако пак се менуваат судиите и обвинителите и сите судски инстанци со партиски кадри тоа значи дека повторно ќе има „заробена држава“. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.