1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Нема да барам сто дена меден месец

ДТЗ | ЕМФ | МИА
22 јуни 2024

Мандатарот Христијан Мицкоски во Собранието најави инвестиции, намалување на даноците и зголемување на пензиите.

https://p.dw.com/p/4hNxk
Мандатарот Христијан Мицкоски во Собранието
Мандатарот Христијан Мицкоски во СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Доаѓа часот кога татковината треба да направи повеќе за граѓаните. Секој од вас направи сѐ за својата татковина, сега е време таа да прави за вас“, рече мандатарот Христијан Мицкоски денеска (22.06) на седницата во Собранието на која што ќе се гласа за новата влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Северна Македонија Собрание седница за избор на влада
Согласно собранискиот Деловник, седницата за избор на влада трае најмногу два денаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Мицкоски тврди дека не му се потребни сто дена поштеда и веќе за во вторник најави инвестиција од 400 милиони евра:

„Според сознанијата што ги имаме, ситуацијата во повеќе области е рамна на клиничка смрт, институциите се доведени до колапс. Одлучно ќе одговориме и за сѐ јавноста ќе биде известена. Нема да барам 100 дена меден месец, туку најавувам инвестиции веднаш, веќе во вторник инвестиција повеќе од 400 милиони евра, потоа намалување на даноците и зголемување на пензиите“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека владата ќе остане посветена на европските интеграции и дека ќе работи на усогласување на политиките со европските стандарди, унапредувајќи ја целта за полноправно членство во Европската Унија.

„Продолжуваме и понатаму да стоиме заедно со нашите партнери од ЕУ и заедно ќе усогласуваме заедничката надворешна политика со ЕУ. Продолжува и поддршката на Украина да се брани и да го одбрани својот суверенитет и територијален интегритет“, рече Мицкоски.

Собраниската седница ја следат претседателката Гордана Сиљановска Давкова и претставници на диломатскиот кор.

Nord-Mazedonien | Parlamentssitzung zur Wahl der neuen Regierung
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова со парламентарната салаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Согласно собранискиот Деловник, седницата за избор на влада трае најмногу два дена. Мандатарот ја образложува програмата и предлог-составот на владата пред пратениците. Гласањето за избор на новиот владин состав се врши по завршување на претресот, најдоцна до недела (23.06) на полноќ.

Владата се бира со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Во кабинетот на Мицкоски, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.

Кои се новите министри?

Досегашниот технички министер за внатрешни работи Панче Тошковски е предложен за министер во овој ресор, за надворешни работи и надворешна трговија - Тимчо Муцуски, а за финансии потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Кочоска Димитриеска. Функцијата на заменик претседател на Владата и министер за транспорт треба да ја добие Александар Николоски, во ресоротот одбрана се предлага Владо Мисајловски, а за информатичко општество и дигитална трансформација Стефан Андоновски. Министер за локална самоуправа ќе биде поранешниот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински.

Со новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе раководи Сања Божиновска, Цветан Трипуновски ќе го добие Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Весна Јаневска ќе биде прв човек во образование и наука, кандидат за во Министерството за култура и туризам е актерот Зоран Љутков, а со Министерството за спорт ќе раководи ракометарот Борко Ристовски.

Северна Македонија избор на влада Собрание
Владата се бира со мнозинство гласови од вкупниот број пратенициФотографија: Petr Stojanovski/DW

Вицепремиерски места ќе имаат и коалициските партнери Социјалистичката партија и Демократската партија на Србите. Љупчо Димовски, претседателот на СП ќе биде вицепремиер и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ - вицепремиер задолжен за односи со заедниците. Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите. 

На министерската функција во правда треба да дојде Игор Филков, додека за министер за јавна администрација е предложен Горан Минчев од Движењето ЗНАМ.

Нова политичка структура

Лидерите од Коалицијата „Вреди“ во пресрет на собраниската седница за избор на новата влада, на трибина ја претставија Платформата на патриотизмот како знаење, професионализам и одговорност според која ќе се водат нивните министри, заменици министри и раководители на институции во наредниот четиригодишен период како дел од новата влада. 

За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата се предлага Изет Меџити од коалицијата Вреди, за здравство - Арбен Таравари, за социјална политика, демографија и млади - Фатмир Лимани, за економија - Бесар Дурмиши; Орхан Муртезани е кандидат за министер за европски прашања, а вицепремиер и министер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи. 

„Заврши времето на демагогија, денеска се бараат образовани, искусни и храбри луѓе да бидат носители на сложени реформски процеси за да ја направиме нашата земја нормална, економски развиена и подготвена за интегрирање во ЕУ. Ќе се фокусираме на работата, почитување на институциите, одговорност за преземената задача, исполнување на обврските навремено и успешно. Тоа може да го направи само новата генерација која е ослободена од товарот на старото, од хипотеките на минатото, од фолклорот полн со зборови и малку труд“, рече лидерот на  Демократското движење Изет Меџити.

Северна Македонија Арбен Таравари Вреди
„Вреди“ ќе ги претставува Албанците со легитимитет, достоинство и одговорност, најавија од коалицијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој истакна дека „Вреди“ е победник на парламентарните избори и е новиот политички фактор кој ги претставува Албанците со легитимитет, достоинство и одговорност, новата политичка структура која ќе биде носител на успешна институционална транзиција. Во однос на Законот за реформа на органите на државата управа кој беше донесен со двотретинско мнозинство од новиот парламентарен состав, нагласи дека претстои голема реформа и трансформација на министерствата, но дека содржината, односно основните концепти ќе останат исти, а правата на Албанците ќе продолжат да се гарантираат и штитат согласно Уставот и Рамковниот договор. Притоа Меџити најави дека балансерот како механизам за обезбедување правична застапеност ќе биде заменет со закон.

Втора шанса за „Северна“

Атина и Вашингтон со внимание ќе ја следат свечената заклетва на Христијан Мицкоски, кој најави дека ќе го употреби уставното име. Ова ќе биде втора шанса за државниот врв да ја употреби придавката „Северна“, откако претседателката Гордана Сиљановска Давкова избегна да го стори тоа по победата на пролетните избори. 

Американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека е воодушевена и ја поздрави најавата на мандатарот Христијан Мицкоски дека в недела, при заклетвата како нов премиер, а и во настапите во странство, ќе го користи уставното име на земјата. Во интервју за „360 степени“, Агелер изрази надеж дека неговиот пример ќе го следат и сите министри.