1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораки од Берлин: Западен Балкан не смее да биде сива зона

Ненад Крајцер
2 октомври 2024

Берлинскиот процес за Западен Балкан слави десетгодишнина. Пред главниот самит на 14 октомври, министрите за надворешни работи од тој формат се состанаа во Берлин и се обидоа да решат некои од проблемите.

https://p.dw.com/p/4lJuA
Берлински процес - конференција за Западен Балкан во Берлин
Берлински процес - конференција за Западен Балкан во БерлинФотографија: Dominik Butzmann/AA/photothek.de/picture alliance

„Ова е работна конференција и ние работиме со полна пареа за да обезбедиме самитот на  Берлинскиот процес за две недели овде, во Берлин, каде славиме десет години од лансирањето на овој формат, да не биде само славенички, туку и биде пресвртница, не само во однос на  европските интеграции, туку и кога станува збор за економската соработка на земјите од Западен Балкан“, рече германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, на отворањето на конференцијата за надворешни работи на министрите на земјите учеснички во Берлинскиот процес.

Пресудно за тоа дали за две недели ќе биде само роденденска прослава или пресврт, зависи од тоа дали ќе се постигне договор за имплементација на Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). „Има уште работа за да се постигне тоа“, неодредено изјави шефицата на германската дипломатија.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок
Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок: Самитот на Берлинскиот процес за две недели да биде пресвртницаФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

 За главната пречка „не се разговарало“?

Главните пречки лежат во блокадата на увозот на стоки од Србија во Косово, поради што Бербок пред министерската конференција разговараше со министерот за надворешни работи на Србија, Марко Ѓуриќ и со претседателката на Косово, Вјоса Османи, која исто така престојува во Берлин.

Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала-Шварц, пак, на новинарите пред конференцијата им изјави дека за прашањето на ЦЕФТА денеска (во Берлин), „воопшто нема да се разговара", туку за „имплементација на многу помали чекори кои уште не заживеани".

„Не размислуваме“ за исклучување на Косово

Мануел Сарацин, специјален пратеник на германската влада и партиски колега на министерката Бербок од Зелените, во последните недели по неколкуте неуспешни обиди во Приштина за отстранување на блокадата, алудираше на фактот дека Берлинскиот процес може да продолжи и без Косово. Овој вторник, 1 октомври, во Берлин не се зборуваше за тоа.

„Никој не размислува за тоа и првпат го слушам“, рече австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг пред конференцијата во тесен круг новинари, одговарајќи на прашањето дали Косово ќе биде исфрлено од Берлинскиот процес доколку не се откажува од блокадата што го спречува спроведувањето на ЦЕФТА.

Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала-Шварц
Министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала-Шварц: За ЦЕФТА во Берлин нема да се разговараФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман е меѓу оптимистите за постигнување договор околу ЦЕФТА. „Колку што сум информиран, сите страни се согласиле за договорот и мислам дека е најдено добро решение за сите земји од Западен Балкан“, рече хрватскиот министер.

Неговиот колега од Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ вели дека е свесен за важноста на договорот, иако е внимателен со прогнозите. „Западен Балкан има голем проблем со одливот на мозоци. Луѓето ги напуштаат нашите земји, затоа треба да направиме нешто сериозно и многу брзо - всушност, да им дадеме можност да останат во нашите убави земји. И мислам дека деблокирањето на ЦЕФТА е навистина важен процес. Се надевам дека лидерите на Косово и Србија ќе бидат свесни за тоа“, рече Конаковиќ.

Заедничка декларација за заедничкиот пазар

Меѓутоа, во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и членки на ЕУ кои од почетокот учествуваа во Берлинскиот процес (така што сѐ уште стои знамето на Велика Британија, која беше меѓу иницијаторите на тој проект, иако веќе не е членка на ЕУ) - на ЦЕФТА нема ни збор.

Во заедничката изјава се зборува за договорени елементи кои треба да ја продлабочат регионалната соработка и да го промовираат Заедничкиот регионален пазар и добрососедските односи. Овие елементи ја вклучуваат мобилноста на науката, која особено се однесува на полесен пристап до академските институции во другите земји од регионот. Понатаму, регионалните стандарди за т.н скрининг процеси, што е дел од усогласувањето на инвестициската политика со стандардите на Европската Унија. Се споменува и декларацијата за истражување и пристап до иновативна инфраструктура.

Работен дел на состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес
Работен дел на состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

На крајот, претставниците на „Западнобалканската шесторка“ свечено ја истакнаа својата посветеност на регионалната соработка и добрососедските односи, сѐ во чест на десетгодишнината од Берлинскиот процес. Сето ова треба да се преточи во завршниот документ на главниот самит на Берлинскиот процес, кој се одржува во германската престолнина за нешто помалку од две недели.

Ветувањето од Солун

Без разлика на „економската природа“ на Берлинскиот процес, неговата заднина има длабоки политички корени, почнувајќи од познатото „Ветување од Солун“ од пред повеќе од дваесет години, па сè до промената на геостратешката ситуација по руската агресија врз Украина.

„Фактот дека влијанието на Русија врз делови од тој регион беше огромно и пред 24 февруари 2022 година, ја покажува важноста на овој процес. Сметаме дека е важно да се изберат страни и да не седиме на две столчиња и затоа во последните две години не само што го продолживме, туку и го интензивиравме Берлинскиот процес“, изјави шефицата на германската дипломатија. Таа додаде дека Европската унија не е само економска заедница, туку и заедница која споделува вредности.

Берлински процес: „Европа да нѐ третира рамноправно“

Иако во последните десет години имаше многу критики за Берлинскиот процес, тоа, според министрите, не ја намалува целта на неговото постоење. „Мислам дека во овие десет години работа на Берлинскиот процес е постигнат голем напредок и покрај кризите што го зафатија не само  регионот на Западен Балкан,  туку и целиот свет“, изјави хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ-Радман пред почеток на министерската конференција во Берлин.

Отстранување на „сивите зони“

„Берлинскиот процес всушност го прави нашиот регион постабилен и ова е навистина важно прашање на Западен Балкан во моментов. Сè уште не го искористивме целиот потенцијал во Берлинскиот процес“, рече шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина, Конаковиќ на маргините на конференцијата.

Неговата германска колешка нагласи дека целта за зајакнување на земјите од Западен Балкан преку Берлинскиот процес е да се создаде  стабилност преку намалување на ранливоста  на структурите. „Мораме јасно да ставиме до знаење дека во Европа не постојат сиви зони каде што може да се интервенира однадвор“, порача Аналена Бурбок.

Притоа не се мисли само на Русија, како што во текот на претпладнето можеше да се дознае од австрискиот министер Шаленберг, туку и на активностите, особено економските, на некои други сили. „Зошто им дозволуваме на Кинезите таму да градат автопати?“, се запраша Шаленберг. Во сеќавањата така веднаш се враќаат на пример не само црногорските автопатишта, туку и фактот што кинески конзорциум го доби тендерот за изградба на Пељешкиот мост во Хрватска (која во тоа време веќе беше членка на ЕУ), а не австрискиот Штрабаг, како што се надеваа во Виена.