1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пораки од Берлин пред посетата на Шолц: Преку литиумот до ЕУ

Ненад Крајцер
18 јули 2024

Германскиот канцелар Олаф Шолц, на општо изненадување, патува во Белград. Тема на средбата со Александар Вучиќ е литиумот. Политичарите предупредуваат од последиците, бизнисмените се радуваат на шансата.

https://p.dw.com/p/4iS5Y
Олаф Шолц Александар Вучиќ
Олаф Шолц и Александар Вучиќ Фотографија: picture alliance/dpa

Германската политичка јавност беше изненадена кога во средата наутро (17.07) портпаролот на сојузната влада, Штефен Хебештрајт објави дека германскиот канцелар Олаф Шолц кон крајот на оваа недела во Белград ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ. Ваквите краткорочни најави за меѓународно патување на германскиот канцелар се многу невообичаени - патувањата и активностите за следната недела обично се најавуваат на редовните владини прес-конференции во петок, во пресрет на неделата на патување. 

Во соопштението се наведува дека Шолц со Вучиќ ќе разговара за „билатералните односи“, како и за прашања поврзани со „европската и меѓународната политика“. Но, остатокот од соопштението ја дава вистинската причина за ненадејното заминување на Шолц во Белград.

„Двајцата државници по билатерални разговори ќе учествуваат на „Самитот за критични суровини“. Меѓу учесниците ќе биде и потпретседателот на Европската комисија, Марош Шефчович, како и претставници од бизнисот. Како дел од самитот, „Србија ќе потпише меморандум за разбирање со Европската унија за стратешко партнерство во однос на одржливи суровини, синџири за снабдување со батерии и електрични автомобили“, се вели во соопштението од Берлин, во кое конференцијата во Белград е официјално именувана како „Српска улога во зелената иднина на светот“. 

Горње Недељице Јадар Србија
Селото Горње Недељице каде наскоро треба да започне ископувањето на литиумФотографија: DW/Jelena Djukic Pejic

Кубан: Србија ги решава проблемите

Претставниците на партиите застапени во Бундестагот различно реагираат на веста за краткорочно најавеното патување на Шолц во Белград со цел да се обезбедат важни суровини. Тилман Кубан, известувачот на демохристијанската парламентарна група (ЦДУ/ЦСУ) за Србија, кој неодамна беше во Белград, е воодушевен од оваа иницијатива. Како претставник на парламентарната опозиција, тој вели дека го критикувал канцеларот Шолц, бидејќи, како што вели, „предолго ги игнорирал земјите од Западен Балкан“, но, додава, добро е што сега повторно презема иницијатива, „во интерес на германската економија“. 

„Србија со овој проект покажува дека сака да ги решава проблемите во Европа, а не да ги создава. Секој што сака да ја прошири употребата на обновливи извори на енергија и поголема електромобилност не смее да ја кочи експлоатацијата на литиумот. Затоа што ние Европејците можеме да се наметнеме во геополитичката конкуренција само со сопствени суровини“, потенцира Кубан за ДВ. 

Тилман Кубан
Србија со овој проект покажува дека сака да ги решава проблемите во Европа, вели Тилман КубанФотографија: dts-Agentur/picture alliance

„Вучиќ ќе го продаде договорот како победа над Германија“

Членот на парламентарната комисија за европски прашања на Либерално-демократската партија (ФДП), Томас Хакер, е помалку еуфоричен од неговиот колега од демохристијаните. „Внимателно ќе го следиме планираното патување на канцеларот Шолц во Србија. Во минатото, претседателот Вучиќ постојано се претставуваше како партнер на господинот Орбан и господинот Путин, со што го загрозува одржливото приближување со Европската унија“, изјави Хакер за ДВ.

Тој укажа на влошената состојба со демократската состојба во Србија, како и на замрзнатиот процес на приближување меѓу Србија и Косово. „Канцеларот мора јасно да се осврне на овие прашања за време на неговото патување. Важната економска соработка не смее да ја засени политичката соработка“, заклучи претставникот на ФДП, владејачката партија која нормално се гледа како заштитник на интересите на економијата.

Најкритичен за патувањето на Шолц во Белград е Јосип Јуратовиќ, долгогодишен пратеник на владејачката Социјалдемократска партија на Германија (СПД) и познавач на состојбите во Југоисточна Европа. „Вучиќ веројатно ќе го продаде овој договор во Србија, според стариот манир, како своја голема политичка победа над Германија. Во реалноста, пак, срамно е за неговата политика во Србија што, за да избегне притисок од улица, треба да обезбеди стандарди однадвор“, рече Јуратовиќ. 

Јосип Јуратовиќ
Вучиќ веќе ги „воведе Кинезите во игра“, вели Јосип ЈуратовиќФотографија: Mehmed Smajic/DW

Јуратовиќ смета дека за брзината во преземањето на оваа иницијатива треба да се заблагодари на тоа што Вучиќ веќе ги „воведе Кинезите во игра“. „Јасно е дека ЕУ не може да ја остави експлоатацијата на литиумот во Србија на кинески стандарди. За да ги гарантираме работните места во Германија и ЕУ, а во исто време да ги постигнеме климатските цели што си ги поставивме, мора да обезбедиме ресурси надвор од ЕУ, но под исти еколошки и социјални услови“, заклучи Јуратовиќ.

Договорот за литиум – важен чекор во приближувањето кон ЕУ

Германските медиуми кои известуваат за патувањето на Шолц во Белград пишуваат дека германскиот канцелар патува кај „пријателот на Путин и Орбан“, кој во последно време е „помалку или повеќе меѓународно изолиран“ токму поради неговото отворено пријателство со декларирани противници на ЕУ. Но, за претставниците на економијата, важно е со што Шолц ќе се врати дома: договорот за набавка на најважната суровина за автомобилската индустрија. 

Матијас Вехтер, директор на одделот за меѓународна соработка на Германското здружение на индустријалци (БДИ), смета дека потпишувањето на договор за суровини меѓу ЕУ и Србија би бил многу важен чекор кон целта за диверзификација на германската и европската индустрија и ги наведува податоците (од компанијата Рио Тинто) дека годишно во долината Јадар би можеле да се експлоатираат 58.000 тони литиум, што би покривало 17 отсто од европските потреби.

Вехтер конкретно наведува зошто договорот со Србија би бил голем плус за европската, пред сè, автомобилска индустрија. „Германската индустрија досега набавуваше литиум, кој е важен за батериите, во прв ред од Јужна Америка и Австралија. Централниот проблем е зависноста од Кина за натамошна обработка на литиум. Во овој контекст, многу е добредојдено што голем дел од понатамошната обработка ќе се одвива директно во Србија, а со тоа и во Европа“.

Вехтер смета дека Србија би можела и политички да има корист од овој економски договор. „Тоа исто така би бил важен чекор за приближување на Србија до Европската унија. Соработката во областа на суровините би била силен сигнал“, заклучува Вехтер.

Вучиќ во интервју за германскиот весник „Ханделсблат“ изјави дека Кина нема да има пристап до српскиот литиум. „Ние сме ѝ лојални на Европа“, рече претседателот на Србија.

Канцеларот Шолц веќе еднаш, пред неколку недели, покажа дека е подготвен да ја прескокне сопствената сенка и да прифати разговори со контроверзни политичари кога станува збор за обезбедување на литиум за автомобилската индустрија. Тогаш во Берлин, тој го прими новиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи. И Аргентина, како и Србија, има големи наоѓалишта на овој благороден метал.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема