1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Бакнежот на Вучиќ за Рио Тинто“

Обработка: Драгослав Дедовиќ
19 јуни 2024

Весникот „Ноје цирхер цајтунг“ објавува текст во кој Србија е означена за „клуч за енергетската транзиција на Европа“. Авторот го споредува проектот за добивање на литиум со заспаната убавица која Вучиќ ја буди со бакнеж

https://p.dw.com/p/4hGC5
Рио Тинто  Србија
Контроверзен проект - Рио Тинто во СрбијаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Кога српската влада пред две години објави крај на плановите за ископ на литиум во долината на Јадар во западна Србија, тоа не беше конечно напуштање на најголемиот ваков проект во Европа, туку еден вид сон на Трнорушка. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во интервју за „Фајненшл тајмс“ минатиот викенд најави дека целиот потфат може да се разбуди со бакнеж. Тој рече дека одлучувачки ќе бидат гаранциите на корпорацијата Рио Тинто за заштита на животната средина, како и инвестициските ветувања на Европската унија. Во идеален случај, рудникот би можел да започне со работа во 2028 година“, пишува швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг", еден од најугледните весници во германското говорно подрачје, во текст потпишан од авторот Волкер Пабст.

По тој вовед, Пабст ја раскажува историјата на конфликтот во врска со намерата да се експлоатира литиумот кај Лозница. Се вели дека во 2021 година тоа предизвикало  протести низ земјата, бидејќи се работи за исклучително убав пејсаж кој е важен за водоснабдувањето на голем дел од земјата во сливот на Сава.

„Голем мобилизациски потенцијал за опозицијата“

„Добивањето литиум е сложен процес кој користи и токсични хемикалии. Огромната површина од 626 хектари би била целосно променета со таа интервенција. Особено надвор од погодената област, протестите претставуваа фундаментална критика на властите кои дозволуваат грабливо рударство во корист на малкумина и на штета на многумина. Темите за заштита на природната средина имаат голем мобилизациски потенцијал за опозицијата“, пишува весникот.

Швајцарскиот весник наведува дека во 2022 година, поради овој потенцијал, тогашната премиерка Ана Брнабиќ излезе во јавноста и изјави дека ги откажала лиценците за ископ на литиум, но и дека политичките противници на власта се сомневаа дека тоа е предизборна тактика. Се посочува и дека Рио Тинто неодамна објави нацрт-студии за влијанието на рудниците за литиум врз животната средина, а професорот на Машинскиот факултет Александар Јововиќ излезе во јавноста со оценка дека експлоатацијата нема да им наштети на луѓето и на животната средина.

Еколошки протест во Белград против рудник за литиум, септември 2021
Еколошки протест во Белград против рудник за литиум, септември 2021Фотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Еколошките активисти едноставно не веруваат во независноста на професорот кој ја потпишал студијата, но не веруваат ниту властите", пишува„Ноје цирхер цајтунг".- 

„Концернот Рио Тинто постојано беше изложен на критики  за неговите методи на експлоатација, особено во земјите каде што има дефицити во владеењето на правото“. Се вели дека доколку се активира проектот, движењето „Еколошко востание“ најави протести.

Геополитика и „западно лицемерие“

„Полемиката околу експлоатацијата на литиум во зоната Јадар не е само за заштита на животната средина. Спорот има и геополитичка компонента. Лесниот метал литиум е важна суровина за производство на батерии за електрични автомобили, а со тоа има суштинско значење за енергетската транзиција. Во рамките на Европската Унија, нема позначајни области за експлоатација на литиум, а особено не со споредлива големина“.

Рециклирање на батерии - модерен рудник за ретки метали?

„Според Вучиќ, со планираното добиено количество литиум од 58.000 тони годишно, може да се произведат 1,1 милион батерии за електрични автомобили. Консултантската куќа 'Фастмаркетс' наведува дека во 2030 година таа сума би можела да покрие 13 отсто од европските потреби. Европската унија, а пред се Германија со својата автомобилска индустрија, имаат голем интерес проектот да го спроведува западна компанија како што е британско-австралискиот концерн Рио Тинто. Тоа би ја намалило зависноста од Кина, што е стратешка цел на Западот“.

„Тоа го знаат и еколошките активисти во Србија. Тие го обвинуваат Западот за лицемерие. Конечно, има и потенцијални наоѓалишта на литиум во Германија, кои не се отвораат од обѕир кон луѓето и природата, додека во Србија се поддржуваат вакви проекти. Противниците на власта сметаат дека тоа што Вучиќ повторно го потегнува рудникот токму сега е всушност порака до Западот. Изложен е на критики поради неговиот недоволно конструктивен однос кон прашањето за Косово, но и поради нерегуларностите на претходните избори“.

„Но, тоа не значи дека на политиката на Вучиќ на 'клацкалка' и дојде крајот. Во разговор со новинар на 'Фајненшл тајмс', Вучиќ индиректно алудираше на  интересот на Кина за проектот за добивање на литиум.Белград има блиски односи со Пекинг. Вучиќ бара од европските инвеститори фабрики за батерии и електрични автомобили. Според изјавата на министерот за финансии Синиша Мали, целиот производствен синџир треба да остане во Србија, при што годишно би се добивале од десет до дванаесет милијарди долари. Србија сака да го извлече максимумот од своето подземно богатство“, се заклучува во текстот на швајцарскиот весник „Ноје цирхер цајтунг."