1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По пожарите се редат пријави против потпалувачите

ДТЗ
9 август 2024

Дроновите коишто беа пуштени на опожарените подрачја открија незаконска сеча на дрва за огрев. Полицијата го фати и прилепчанецот којшто предизвикал повеќе пожари во Македонски Брод

https://p.dw.com/p/4jHWb
пожари
По пожарите се редат пријави против потпалувачите Фотографија: Petr Stojanovski

Расте бројот на пријави против потпалувачите на дел од пожарите коишто со недели ја пустошат Северна Македонија. Полициските дронови коишто веќе неколку дена ги мониторираат опожарените појаси открија и обид за нелегална сеча на дрва за огрев токму во пределот на планината Серта, каде што ситуацијата беше и најкритична, а во моментов е активна забраната за движење во шума.  

Дронот откри нелегална сеча

Како што соопшти МВР, станува звор за две лица од селото Селце коишто биле затекнати на местото на пожарот.  Од нив биле одземени трактор со приколка, две моторни пили и исечените дрва. При претрес во нивниот дом во с.Селце, биле пронајдени и одземени испратници и одобренија за сеча на дрвна маса, издадени од ЈП „Национални шуми“, фотокопии од лични карти за кои се поднесувале барања за добивање на одобренија за сеча, воздушна пушка, две канти со бензин, импровизирана направа за центрирање на оптика за огнено оружје и други предмети поврзани со делото.

Серта, Неготино
Полициските дронови открија обид за нелегална сеча на дрва за огрев токму во пределот на планината Серта, каде што ситуацијата беше и најкритичнаФотографија: Petr Stojanovski

„По целосно расчистување и документирање на случајот, СВР Штип против двете лица ќе поднесе кривична пријава по член 235 став 3 од Кривичниот законик. Министерството за внатрешни работи продолжува со интензивните активности за откривање и санкционирање на други кривични дела во врска со незаконска сеча на дрва, како и за откривање и санкционирање на лица кои предизвикуваат пожари во шумски предели“, соопшти полицијата.

Прилепчанец предизвикал повеќе пожари во Македонски Брод

Претходно МВР информираше дека е приведен и 57-годишен прилепчанец поради предизвикување шумски пожари во околината на Македонски Брод. Според пријавата, тој во повеќе наврати, во атарите на селата Слатина и Грешница, општина Македонски Брод, предизвикувал пожар на отворен простор, кој се проширувал и настанувале пожари на поголема површина, каде горела трева и нискостеблести растенија.

Полициски службеници од ОВР Македонски Брод го затекнале на местото на настанување на пожар. Кај него биле пронајдени предмети со кои може да се предизвика пожар. Со пријавениот бил извршен службен разговор, при што ги признал делата.

Nordmazedonien | Waldbrände in der Nähe von Negotino
Фотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Изминатите денови, полицијата информираше дека се пронајдени и уапсени повеќе лица кои се сомничат дека предизвикале шумски пожари и тоа во Чашка, Прилепско, Радовишко, Светиниколско...

Според Центарот за управување со кризи, од 46 пожари на отворен простор, изгаснати се 37, два се уште се активни и седум се под контрола.  Активни се пожарите во општините  Макдонски Брод и Студеничани. Во Македонски Брод пожарот е во селата Тажево и Брезница и во Јасен и гори борова шума, а во Студеничани пожарот е во село Батинци кај место викано Дрешница и гори мешана шума.