1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гореше цела Источна Македонија, огновите земаа жртва

30 јули 2024

Карактеристично за вчерашните пожари е што сите избувнале околу пладне. Силниот ветер ги проширил со голема брзина и ги намалил ефектите од интевенцијата на хеликоптерите и ер тракторите.

https://p.dw.com/p/4itRb
Северна Македонија пожари
Вчера имало вкупно 41 пожар на отворено и во шумиФотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Изгубен човечки живот и дел изгорени куќи во 12 села, е билансот од вчерашните пожари кои го зафатија целиот источен дел од земјата.

Возрасно лице се задушило од чад во пожарот што го зафатил кумановското село Кокошиње, а неговата сопруга била успешно евакуирана, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

„Гореше целата Источна Македонија“, рече тој. 

Вчера имало вкупно 41 пожар на отворено и во шуми. Покрај десетте од претходниот ден, сите други биле новопојавени пожари.

„Карактеристично за нив е дека сите избија некаде околу пладне“, рече Ангелов.

Силниот ветер што вчера (29.07) ја зафати земјата придонел тие да се пошират со голема брзина и ги намалил ефектите од интензивната интервенција на хеликоптерите на МВР и на Армијата, како и на трите ер-трактори.

Линијата на пожарите се протегала од општина Куманово на североисток, сѐ до општина Ново Село на југоисток. Во кумановско со пожар биле зафатени три села, исто толку и во Старо Нагоричане и во Свети Николе, две села кај Пробиштип, како и штипското село Стар Караорман.

Според Ангелов, пожари имало речиси во сите општини во Источна Македонија сѐ до бугарската граница, во атарот на општината Ново Село.

Гореле напуштени и викенд куќи

По тешката ноќ битката од пожарите продолжува и денеска – ер тракторите и хеликотери веќе се на терен.

Вчера биле опожарени 12 села, каде изгореле повеќе куќи - најголемиот дел од нив биле стари куќи во кои не живее никој, но изгореле и активни живеалишта, како и неколку викендички. 

Во текот на вечерта беа евакуирани лица од засегнатите села. Ангелов и самиот ги убедуваше жителите да ги напуштат домовите кои беа до првaта линија на огнот.

„Земајте ги децата“, се слуша на една снимките, додека девојче со насолзени очи ја напушта куќата, а противпожарни екипи со тешка механизација се подготвуваат да го пресечат ширењето на огнот.

Околу 20-тина куќи, најголем дел стари и напуштени, изгореле и во селото Малино, Светиниколско. Откако беше објавено дека пожарот се движи и кон градот Свети Николе, Ангелов најави дека се прават напори пожарот да биде „пресечен“ доволно далеку од градот, со цел да не дојде до објектите што се дел од предградието.

Приоритет беше локализирање на пожарите и заштита на сите населени места.

Исфрлени над 50 тони вода

Пожарите што зафатија повеќе села во Светиниколско, веќе направиле голема штета на имотите на жителите, објави на својот Фејсбук-профил градоначалникот на Свети Николе, Дејан Владев.

„Во текот на денот беснееја повеќе пожари во атарот на селата Орел, Немањици, Малино, Ерџелија, Делисенци и други места. Пожарите направија голема штета по имотот на луѓето од тие места. Во гасењето учествуваа пожарникарите од ТППЕ Свети Николе, ДПД Свети Николе, пожарникари од Велес, Штип, Неготино, Кавадарци, АРМ, хеликоптери и многу доброволци кои несебично цел ден гасеа пожари за кој им се од срце заблагодарувам. Борбата ќе продолжи и во текот на ноќта. Да им дадеме безрезервна подршка“, напиша Владев.

Од МВР соопштија дека полициските хеликоптери исфрлиле над 50 тони вода врз пожарите од поголем обем, каде биле загрозени села и куќи - 10 тони вода врз пожарот во селато Малино и над 40 тони вода во селото Немањица.

Изгоре платформата кај Смоларски водопади

Како што објавија пожарникарите од Струмица, во пожар кој избувнал вчера околу 18 часот, изгорела платформата кај Смоларските водопади, при што пожарот брзо ја зафатил блиската шума на исток кон Беласица. Веднаш биле испратени две возила и шест пожарникари, со што било успешно спречено огнот да се прошири кон околната шума и да прерасне во поголем шумски пожар.