1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Арапските држави со тешки обвинувања против Израел

ЕМФ | Тагесшау
27 мај 2024

По воздушниот напад во Рафах, сѐ уште има многу отворени прашања. Арапските држави го обвинуваат Израел дека погодил камп за бегалци. Израел, пак, зборува за прецизен удар против борци на Хамас.

https://p.dw.com/p/4gKb4
Појас Газа Рафах израелски воздушен напад
Палестинци бараат храна во бегалскиот камп по израелскиот воздушен напад врз РафахФотографија: Mohammed Salem/REUTERS

Повеќе арапски држави остро го осудија бомбардирањето на камп во близина на Рафах. Израелската војска вчера (26.05) изврши воздушен напад во близина на Рафах. Според Црвената полумесечина, погоден е шаторски камп со бегалци.

Министерство за надворешни работи на Египет нападот го нарече „намерно бомбардирање на шатори на бегалци“ и зборува за „ново и еклатантно кршење на меѓународното право“. Јорданското Министерство за надворешни работи нападот го опиша како „грозоморно воено злосторство на израелските окупаторски сили во Појасот Газа“. Државата која посредува во конфликтот, Катар, изрази загриженост дека нападот би можел да ги загрози напорите за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа. Министерството за надворешни работи во Доха ја повика меѓународната заедница да преземе итни мерки за да се спречи „злосторство на геноцид“. Слични остри зборови дојдоа и од Кувајт. Тамошното МНР најостро го осуди нападот.

Израел зборува за прецизен удар

Во вчерашниот израелски воздушен напад во градот Рафах во Појасот Газа загинаа најмалку 35 лица, а десетици се повредени, јавија здравствените власти под контрола на Хамас. Организацијата Лекари без граници известува за повеќе од 15 смртни случаи.

Израелската војска на платформата X потврди дека имало воздушен напад врз комплекс што му припаѓа на исламистичкиот Хамас. Покрај Јасин Рабија, главниот мозок на терористичките активности на оваа исламистичка организација на Западниот Брег, убиен е и високиот член на Хамас, Халед Нагар.

Армијата на Израел соопшти дека воздушниот напад бил извршен во согласност со меѓународното право. Се проверуваат информациите дека како последица на воздушниот напад избувнал пожар, при што се повредени цивили.

Највисоката израелска воена адвокатка, генерал-мајор Џифат Томер-Јерушалми, за наводите рече: „Некои од инцидентите - како оној во Рафах вчера - се многу сериозни“. Конкретниот инцидент, како што се вели, сѐ уште се истражува.

Се множат обвинувањата против Израел

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, го обвини Израел дека продолжува со своите воени акции спротивно на наредбите на Меѓународниот суд на правдата (МСП).

Во петокот, МСП му нареди на Израел веднаш да ја прекине воената операција во Рафах. Одлуките на судот се обврзувачки. Сепак, судиите на ОН немаат моќ да принудат една држава да го спроведе тоа.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок со оглед на актуелниот развој на ситуацијата на Блискиот Исток го нагласи значењето на меѓународното право:

„Повторно имаше повеќе ракети врз Тел Авив (испалени, н.з.) од Хамас, а во исто време гледаме дека нема никаква корист за безбедноста на Израел - не се ослободува ниту еден заложник - ако луѓето сега горат во шатори“, рече Бербок. „Меѓународното право, хуманитарното право, важи за сите“, изјави Бербок, додавајќи дека одлуките на Меѓународниот суд на правдата се обврзувачки и мора да се следат. Но, во моментов, според неа, се доживува спротивното.