1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оставката на министерката Ламбрехт и иднината на Бундесверот

Сабине Кинкарц
17 јануари 2023

Прво, во петокот (13.01) се проширија гласини дека Кристине Ламбрехт ќе поднесе оставка на функцијата министерка за одбрана. Во понеделникот тоа и се случи. А само во декември таа себеси се опиша како „првокласна“.

https://p.dw.com/p/4MI4L
Заштитен елек и високи потпетици: Кристине Лабрехт во посета на германските трупи во Мали
Заштитен елек и високи потпетици: Кристине Лабрехт во посета на германските трупи во МалиФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture-alliance

Нејзината година на функцијата беше составена од неуспеси и лоши потези. Сè започна кога министерката наместо по именувањето да почне со работа, веднаш замина на одмор. Но, не стана подобро ниту по одморот. Во нејзините јавни настапи секогаш беше очигледно колку нејзиното професионално знаење е скромно, сеедно дали се работи за чинови во армијата, воените формации и функцијата на воената опрема.

Високи потпетици во пустина

Постојано ѝ се случуваа стилски пропусти. При посетата на германските единици во Мали таа носеше панцир и високи потпетици. За велигденските празници се појави фотографија од нејзиниот возрасен син во хеликоптер на Бундеверот. На критиките Ламбрехт одговори: „Како министер сум во ситуација да имам многу малку време за мојот приватен живот и мојот син.“ Тоа беше нејзиниот одговор на забелешката дека со себе го зела синот на службен пат на северот на Германија, а потоа продолжила со него до морето.

На критики наиде ивидео кое се појави за време на новогодишната прослава. Министерката се наврати на изминатата година опкружена со луѓе кои славеа и фрлаа петарди и ракети. Министерката зборуваше за војната што беснее среде Европа и дека имала „многу, многу средби со големи луѓе“. Многумина тој настап го сметаа за сосема непримерен и се чудеа како една искусна политичарка си дозволила да направи таква грешка.

Кристине Ламбрехт во посета на базат на НАТО во Литванија (архивска фотографија)
Кристине Ламбрехт во посета на базат на НАТО во Литванија (архивска фотографија)Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Наследникот сè уште не е познат

Не е јасно кој ќе ја преземе функцијата на чело на Министерството за одбрана. Ако канцеларот Олаф Шолц се придржува до принципот на еднаква застапеност на мажите и жените во кабинетот, тогаш повторно жена ќе седне на тоа столче. Предвид, на пример, доаѓа ополномоштеничката на Бундестагот за одбранбени прашања Ева Хегл.

И Хегл, како Ламбрехт, е адвокат. Оваа педесет и четиригодишна политичарка не беше поврзана со воената професија кога ја презеде функцијата во 2020 година. Но Хегл брзо го пронајде својот пат и од многу извори е потврдено дека многу добро ја запознала структурата на германската армија, како и проблемите на војниците и единиците.

Стара опрема, премалку муниција и персонал

Минатиот викенд германскиот весник „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“ објави интервју со Ева Хегл. Оваа социјалдемократска политичарка јасно стави до знаење каде го гледа предизвикот за Бундесверот. За неа тоа се кризата со набавките, структурните реформи што недостасуваат и големиот кадровски проблем.

По рускиот напад на Украина, канцеларот Олаф Шолц ѝ вети на германската армија 100 милијарди евра. Хегл рече дека досега војниците не почувствувале дека нешто од таа голема сума стигнало до нив. Хегл постојано предлага начини за забрзување на процесот на набавки за војската. Во декември таа од Министерството за одбрана побара доставување редовни извештаи за трошењето на дополнителната сума. Досега нема добиено одговор.

Ополномоштеничката на Бундестагот за одбранбени прашања Ева Хегл
Ополномоштеничката на Бундестагот за одбранбени прашања Ева ХеглФотографија: Jens Krick/Flashpic/picture alliance

100 милијарди евра не се доволни

Откако беше ветена посебна сума, очекувањата во армијата се големи, рече Хегл во интервјуто. „Сега треба да почувствуваат дека дел од тие средства стигнале до нив“, вели таа и појаснува: „Од експерти и од единиците слушам дека за да се промени нешто важно во Бундеверот се потребни 300 милијарди евра. Ми се чини дека тоа не е туку така кажано.“

Само за набавка на муниција се потребни 20 милијарди евра. Нови фрегати, тенкови и авиони Ф-35 исто така чинат милијарди евра. Освен тоа, тука се и персоналните трошоци, инвестициите во дигитализација и инфраструктурата. „Има бесконечен број работи кои треба да се поправат или повторно да се набават“, вели Хегл. „Сега единицата за брза интервенција во НАТО има тенкови Мардер стари 50 години, ова ја покажува потребата од модернизација“, оценува таа.

Само за набавка на муниција се потребни 20 милијарди евра
Само за набавка на муниција се потребни 20 милијарди евраФотографија: Ralf Hirschberger/dpa/picture-alliance

Канцеларамтот одлучува

Кристине Ламбрехт во декември се најде на насловните страници со дебаклот околу тенкот Пума: на една вежба се расипаа сите 18 тенкови. Министерката потоа го запре купувањето на дополнителни Пума-тенкови и нивно ангажирање во силите за брза реакција. Се испостави дека реакцијата била избрзана, зашто анализата покажа дека се разботи главно за помали и средни оштетувања. Во меѓувреме се поправени 17 од тие тенкови.

Тенкови од типот Пума
Тенкови од типот ПумаФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

Кој и да го преземе одделот за одбрана по Ламбрехт, пред сè, ќе мора да ја смири ситуацијата, колку што е можно повеќе да го доведе Бундесверот на курс и административно да го спроведе она што се одлучува во Канцеларамтот. Зашто големите одлуки сепак се работа на шефот. Така беше и со продолжувањето на германското учество во американската нуклеарна воена програма со повеќенаменскиот борбен авион Ф-35, како и со итната иницијатива за германска и европска противракетна одбрана со израелскиот противракетен систем Arrow-3.

Леопард 2 за Украина?

Поинаку не е ниту во дискусијата заиспорака на германски тенкови за Украина. Канцеларот се воздржува и не сака да се брза. Тој постојано повторува дека сите одлуки прво се усогласуваат со „пријателите и сојузниците“. Тоа го рече и минатиот петок на прес-конференција во Канцлерамтот.

„Ќе го задржиме тој принцип“, нагласи Шолц. „Нема да се случи возбудените изјави и брзо искажаните мислења во Германија, или потребата да се каже нешто на секои десет минути, да доведат до брзо одлучување за сериозни работи како што се војната и мирот и безбедноста на земјата и Европа.“

Канцеларот Шолц постојано повторува дека сите одлуки прво се усогласуваат со „пријателите и сојузниците“
Канцеларот Шолц постојано повторува дека сите одлуки прво се усогласуваат со „пријателите и сојузниците“Фотографија: Odd Andersen/AFP/Getty Images

Треба да се потсети дека германскиот производител на тенкот Леопард, Рајнметал, предупредува дека од одлуката до првата испорака може да помине и една година, па Украина не може да очекува да бидат испратени тенкови во Киев пред 2024 година. „Дури и кога утре би се донесла одлука дека смееме да испратиме наши 'Леопард' тенкови во Киев, испораката би траела до почетокот на следната година“, изјави шефот на концернот Рајнметал, Армин Папергер, во интервју за германските медиуми.

Од што уште може да се откаже Бундесверот?

Тоа значи дека колку во Германија и Европа и да се дискутира за испорака на тенкови Леопард 2, Шолц останува на своето: „Меѓу оружјето кое што го испорачавме има многу делотворно и ефикасно оружје. Во него спаѓаат и самоодните хаубици, кои придонесуваат супстанцијално за одбрана на Украина, и тука спаѓа и ракетниот фрлач МАРС, којшто го испорачавме по договорот кој го постигнав со Велика Британија и САД.“

Тој додава дека мнозинството граѓани сметаат дека насоките на Владата за испорака на оружје се исправни. Како ополномоштеничка на Бундестагот за Бундесверот, Хегл го следи тој курс, но германската воздржаност ја објаснува и со интересите на Бундесверот. „Тенковите Леопард 2 сигурно одлучувачки би ѝ помогнале на Украина. Но, мора да се процени дали Бундесверот навистина може да се откаже од нив. Црвената линија за Бундеверот е сопствената борбена готовност. Токму сега, кога ја обезбедуваме водечката единица на НАТО со трупи за брза интервенција, мора особено да внимаваме на таа црвена линија“.

Таа додава дека е апсолутно исправно да се поддржи Украина, но тоа е голем товар за Бундесверот бидејќи и самиот нема доволно материјал за да биде подготвен за интервенции „и во одбраната на земјата и во меѓународниот кризен менаџмент“.

Тенк од типот Лаопард 2
Тенк од типот Лаопард 2Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Средба на министрите за одбрана во Рамштајн

Прашање е дали Германија ќе остане на таа линија, ако се земе предвид меѓународната дебата за тенковите. Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО ќе се состанат на 20 јануари во американската воена база Рамштајн, во југозападна Германија, за да разговараат за дополнителна испорака на оружје за Украина.

Велика Британија има намера во Украина да испрати 14 тенкови од типот Челинџер 2. Полска сака да испорача тенкови Леопард, а за тоа е и Финска. Бидејќи овие тенкови се развиени и произведени во Германија, германската влада мора експлицитно да даде одобрение за натамошен пренос на производи од германската воена индустрија на трета страна.

Шефот на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), Ларс Клингбејл, за Втората програма на германската телевизија (ЗФД) изјави дека од Рамштајн ќе биде испратен јасен сигнал за поддршка на Украина. На прашањето за Леопард, тој рече дека нема „црвени линии“, но Германија може да испорача само работи што навистина се тука“.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ