1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германските тенкови „Пума“ се посрамотија

Карстен Хофман/дпа
19 декември 2022

Звучи како вистинска воено-техничка катастрофа – 18 од 18 тенкови „Пума“ откажаа за време на воена вежба. Во случај да треба да се употребат при итна интервенција на НАТО, ова би било рамно на пораз.

https://p.dw.com/p/4LAIA
Тенк „Пума“
Тенк „Пума“ на тенковски транспоертер за време на вежба во МинстерФотографија: Philipp Schulze/dpa/picture alliance

„Пума“ е најтешкото и најскапото борбено пешадиско возило во светот. Но, сите тенкови кои учествуваа во воените вежби на Бундесверот, а кои од следната година како дел од германската тенковска бригада 37 треба да учествуваат во Заедничката оперативна единица за највисока подготвеност, (ВЈТВ - Very High Readiness Joint Task Force) на НАТО, целосно откажаа. За време на воената вежба сите 18 тенкови се расипале, со што борбената готовност за само неколку дена паднала на нула, пишуваше во сабота весникот „Шпигел“. Генералниот инспектор на Бундесверот, Еберхард Цорн во неделата најави решавање на проблемите со заеднички напори на војската, канцеларијата за воени набавки и експерти од воената индустрија. Генералот сепак категоричен: „Нашите  обврски кон НАТО ќе ги исполниме на 1 јануари."

Според информациите на новинската агенција ДПА, воената вежба се одржала во Центарот за вежби со тенкови во Минстер во Долна Саксонија. Министерката за одбрана Кристине Ламбрехт од СПД во понеделникот им порача на производителите на тенкот дека ќе мора да ги исправат грешките и проблематичните точки, но и дека нема повеќе да нарачува тенкови од типот „Пума“ додека не се отстранат недостатоците. 

Досега „не се случило потфрлање од вакви размери“ 

Дефектите се однесуваат на тенкови со специјална конфигурација на тенковската Бригада 37 која од Нова година треба да биде дел од интервентните сили на НАТО – ВЈТВ.

Неделникот „Шпигел“ се повикува на допис од командантот на 10-та тенковска дивизија, генерал – мајор Рупрехт фон Батлер до армиското раководство и Министерството за одбрана.

И последните два сè уште функционални „Пума“ тенкови „при вчерашните вежби во борба по час и половина откажаа,“ напишал генералот. Според информациите на ДПА, писмото во петокот предизвикало вистинска бура во Министерството за одбрана. Според извештајот, најранлива се покажала електрониката на овие високо-технолошки тенкови,  а во еден од нив избил и пожар во кабината.

Во писмото се вели и дека војниците биле свесни за ваквите проблеми, но досега „не се случило потфрлање од вакви размери“. Тенковите досега биле користени само на боишта за вежби на рамно и таму „не биле изложени на преголем притисок“. Генералот пишува дека, според проценката на управителот на ресурсите на погодената единица, која ја смета за многу веродостојна, полната борбена готовност на оваа тенковска единица може да се очекува дури за три до четири месеци. 

Тенк „Пума“
Германски тенк „Пума“ - архивска снимкаФотографија: Julian Stratenschulte/dpa

Дел од интервентните сили на НАТО 

Пешадиското борбено возило „Пума“ кое покажа бројни технички проблеми, дури минатата година беше прогласено за употребливо и во борбена готовност. Тенкот кој е развиен и произведен од Краус – Мафај Вегман и Рајнметал ГМБГ и претходно се најде на насловните страници како „дефектен тенк“.

„Сè уште немам детали. Очекувам раководителот на проектот, Генералниот инспектор и инспекторот на армијата за многу брзо време да ни разјаснат каде е грешката и како да се реши проблемот бидејќи многу пари сме инвестирале во ‘Пума’,“ изјави во неделата претседателката на Комисијата за одбрана, Мари-Агнес Штрак-Цимерман од ФДП. Инспекторот на армијата, генерал-полковник Алфонс Маис напиша дека за време на вежбата имало неочекувано многу голем број на расипани тенкови „во високо-борбени услови“ и додаде дека „досега тенковите 'Пума' се покажаа како сѐ посигурни во однос на оперативната готовност“. Во моментов се прави попис на сите настанати проблеми во однос на тенковите, со цел што побрзо да се вратат во функционална борбена готовност. Маис вели: „Може да продолжи подготовката за нашето учество во интервентните сили на НАТО, ВЈТФ 2032."

Во индустриските кругови викендов се ширеше зачуденост што не се дознало веднаш за фаличната серија и што тие не биле дадени на поправка многу порано. Сега можеби ќе треба да биде и расветлено дали на вежбата воопшто имало одржување, менаџмент за резервни делови и соодветни алати. За агенцијата ДПА од браншата појасниле дека сите чекори биле договорени заеднички и во тесна координација на патот до тенковите. „Сега е битно да се направи стручна анализа што точно се случило на терен во конкретната единица”, велат од браншата. 

„Пума” доаѓа како замена за постариот модел „Мардер” кој во меѓувреме повеќе пати е модернизиран и и натаму е  во употреба во рамки на Бундесверот.  Сепак, во 1971 година кога прв пат беше пуштен во употреба, сѐ уште се произведуваа „Фолксваген Буба", а „Голфот" не беше ни измислен. Но, војниците и натаму може да се борат со модернизираниот „Мардер”. 

Формирањето на единицата за брза интервенција ВЈТФ се заснова на  заклучоци на НАТО  уште од самитот во Велс во 2014 година. Единицата е дел од акциски план како  реакција на кризата во Украина  која започна со руската анексија на Крим. Целта на ВЈТФ е да им служи на  сојузниците на НАТО на истокот  кои се чувствуваат загрозени од Русија. Таа треба да биде држена на ниво на највисока подготвеност за да може по потреба да се активира во рок од само неколку дена.