1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Оптимизмот на Камала наспроти омразата на Трамп

23 август 2024

Без разлика колку Трамп е бескомпромисен и опасен, Камала покажува дека не е за потценување, демонстрирајќи енергија, интелектуална острина и политичка мудрост. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4jp5s
Избори во САД Трамп Харис
Фотографија: Michael Bihlmayer/CHROMORANGE/picture alliance

Слободата, онаа вистинската, е да се одлучува како да се живее сопствената егзистенција, со почит кон законите и без државата да се меша во личните избори. Визија за иднината која ги вклучува сите во „американскиот сон“, наместо да се инвестира во бесот, стравот и незадоволствата, само со цел да се подели Америка и со неа да се доминира.

Тоа е„The New Way Forward”, новиот пат напред, слоганот со кој потпретседателката на Демократската партија, Камала Харис, официјално ја прифати номинацијата на нејзината партија за претседател, против нејзиниот ривал Доналд Трамп. Како и да завршат изборите на 5-ти ноември, доцна ноќеска се испиша нова историја во салата на „United Center“, и овојпат, кошарката и Чикаго Булс немаат никаква врска со настанот.

На последната и најочекуваната ноќ на Демократската национална конвенција во Чикаго, Камала Харис се претстави пред Америка која има намера да ја води како претседател и понуди генерациска промена, како и промена во насоката по која оди земјата - подалеку и понапред од „Make America Great Again“ на Трамп.

Подалеку и понапред од негативноста и песимизмот на Трамп, од носталгиите на избирачите уплашени од еволуцијата на Америка, земја која отсекогаш знаела својата сила да ја пронајде во иновацијата. Камала Харис одлучи да игра на картата на обединување преку почитување на правата, одбраната на слободите, преку нештата кои се однесуваат на демократијата, но врамени во конкретните потреби и барања на луѓето, кажано на еден мошне личен и разбирлив јазик.

Целите на говорот на Камала Харис

Говорот на Камала, подготвуван со недели и напишан од поранешниот соработник на Обама, Адам Франкел, имаше три главни цели. Прво, да се раскаже личната приказна на ќерката на мајка Индијка и татко Јамајканец, детството заробено помеѓу расизмот и сиромаштијата, но и успесите и личниот напредок како обвинителка, сенаторка и потпретседателка, пакет на вредности и искуства кој има намера да го понесе со себе во Белата Куќа.

Второ, да се обележи јасна разлика помеѓу нејзината позитивна и ведра визија за иднината и онаа мрачната и заканувачка на Трамп. Нормално, потсетувајќи дека нејзиниот ривал не само што го поттикна, туку и го оправдуваше нападот врз Конгресот во 2020-та, дека е осуден од законот, законот кој токму претседателот е првиот тој којшто треба да го одбрани.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

И трето, да пренесе едно ново чувство на патриотизам кон Американците, базиран на инклузивност, наместо на поделби, со обид да се врати нов оптимизам и чувство на среќа во претседателската трка.

Потоа, се разбира, Камала ќе внесе и неколку конкретни детали, како нејзината економска програма за подигнување на даноците на богатите со цел да финансира социјални домови за посиромашните. „Наместо зголемувањето на даноците на Трамп, ќе донесеме намалување на даноците за средната класа што ќе им користи на повеќе од 100 милиони Американци“, ќе рече таа во својот говор. Или пак за инструмените кои има намера да ги воведе со цел да ги убеди големите фирми да не шпекулираат со цените, така намалувајќи ја инфлацијата која од 2020-та порасна за 20%.

На полето на надворешната политика Камала вети континуитет и смирувачки пораки за сојузниците од НАТО и Пацификот. Од војната во Украина до конфликтот во Газа, од борбата за хегемонија во 21-от век со Кина, преку офанзивата на Иран, до нужното помирување помеѓу Израел и Палестинците, Камала вети дека нема да потклекне пред тоталитаризмот и дека ќе се бори за традиционалните вредности на демократијата, одржувајќи ја воената одбрана и безбедноста. Овациите кои ги доби кога се обрати за страдањата на цивилите во Газа или заложниците на Хамас, нагласувајќи ја заложбата за безбеден и слободен Израел, нуди претстава за денешните напори за примирје во Блискиот Исток, но и за геополитичката слика која Харис сака да ја наслика.

По неколкудневните протести на палестинските приврзаници кои беа разочарани што не добија место да зборуваат на конвенцијата, Харис вети дека ќе го обезбеди Израел, ќе ги врати заложниците дома од Газа и ќе стави крај на војната во палестинската енклава. „Сега е време да се постигне договор за заложниците и прекин на огнот“, рече таа и додаде: „Она што се случи во Газа во изминатите 10 месеци е поразително. Толку многу изгубени невини животи, очајни гладни луѓе кои бегаат повторно и повторно во потрага по безбедност. Обемот на страдањето е потресувачки“.

На поделената и поларизирана земја Камала ѝ предлага да „работиме заедно“, слоган кој звучи утопистички после нападот на Капитол Хил, атентатот врз Трамп во Пенсилванија и онлајн омразата, како онаа на десничарска инфлуенсерка Ен Култер, која предлага да им се одземе правото на глас на граѓаните чии сите дедовци и баби не се родени во САД, така елиминирајќи ги имигрантите од трка.

САД избори | Камала Харис
Камала Харис одлучи да игра на картата на обединувањеФотографија: Kevin Lamarque/REUTERS

Ќе успее ли Калама да „трча“ во кампањата без грешки?

За време на целата конвенција, Демократите посветија особено внимание да не ги послушаат сирените на „woke“ културата, со цел да се заштитат од нападите и обвинението на Трамп дека се претворени во партија на екстремна левица. Камала ја потврди прогресивната визија за иднината на Америка, без притоа да западне во екстремизмот кој може да ги уплаши неколкуте илјадници гласачи кои сѐ уште се неопределени во клучните држави и кои ќе го одлучат победникот и на овие претседателски избори.

Од моментот кога Камала стана кандидат на местото на Бајден, во само еден месец успеа да ја собере рекордната цифра од пола милијарда долари изборни финансии. Според анкетата на сајтот „FiveThirtyEight“ Камала премина во водство на национално ниво со 46,6% наспроти 43,8% за Трамп. Сега прашањето е дали Камала ќе успее да ја одржи предноста и да го задржи ентузијазмот кој ја следи во последниот месец, без притоа да направи поголеми грешки до денот на изборите.

Натпреварот и понатаму е отворен. И покрај предноста на Демократите, останува фактот дека Америка е поделена на два дела и ќе им биде потребна предност од најмалку 5% доколку сакаат да победат во ноември. Трамп, од своја страна, кој се чувствуваше пресигурен дека ќе победи против Џо Бајден, сега мора да ја промени својата стратегија против Харис. Прашање е како ќе изреагира Трамп, човекот кој во 2020-та беше спремен да подигне вооружено востание само со цел да не се откаже од моќта.

Без разлика колку Трамп е бескомпромисен и опасен, Камала покажува дека не е за потценување, демонстрирајќи енергија, интелектуална острина и политичка мудрост. Нејзината сила е во коалицијата од жени и мултиетничките малцинства, во фактот дека успеа да создаде широка коалиција базирана на почитување на правата и слободите, но и дека обраќа внимание на средната класа, онаа која токму ќе се роди во Чикаго. Станува збор за стратегија која ги обединува и надградува граѓанските слободи со економските права, рецептура против нееднаквостите со амбиција да се подобри животот на големото мнозинство граѓани во земјата.

Судирот е помеѓу американскиот сон и американскиот кошмар.

Сега, изборот на американските гласачи е кристално јасен. Трамп одново ја нуди „американската кланица“ од неговиот инаугурален говор од 2017-та во Вашингтон, презентирајќи една земја опколена од зло и непријатели, што дома, што во странство, со него како бранител и демиург на традиционалната и конзервативна Америка.

Камала Харис се спротивставува со историскиот оптимизам на Америка и „Градот на Брегот“, светол пример за целиот свет, од пуританецот Џон Винтроп. Тоа што античкиот текст на белите пуритански пионери денес се враќа преку ќерќата на имигрантите, родена Хинду, само ни говори за патот кој Америка го има поминато, но и за „новиот пат напред“ кој земјата допрва ја очекува.

Оптимизмот е предизвикот кој ја чека Камала Харис и цела Америка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема