1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

Бајден: Ќе бидам најсилниот поддржувач на Харис и Волц

ЖА
20 август 2024

Претседателот Бајден беше пречекан со повеќеминутен аплауз на Конвенцијата на Демократската партија на САД. Тој зборуваше за „победа на демократијата“ и вети целосна поддршка на претседателската кандидатка Харис.

https://p.dw.com/p/4jevG
САД Демократска конвенција
Американскиот претседател Џо Бајден и претседателската кандидатка Камала ХарисФотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден ја вети својата енергична поддршка за изборната кампања на претседателската кандидатка Камала Харис во својот говор на  партиската конференција.  „Ветувам дека ќе бидам најдобриот волонтер што го видел тимот Харис-Волц“, рече Бајден доцна во понеделникот вечерта (по локално време) на состанокот на Демократската партија во Чикаго.

Во својот емотивен говор, претседателот ја пофали својата заменичка како „цврста“ и „искусна“ и како личност со „огромен интегритет“. Таа да се ​​направи потпретседател била „најдобрата одлука“ во целата негова кариера, рече Бајден.

„Дали сте подготвени да гласате за  Камала Харис  и Тим Волц? Дали сте подготвени да гласате за слобода?" Тој нагласи: „Најдобрите денови не се зад нас, туку се пред нас“. Неговиот говор постојано беше прекинуван со овации.

„Демократијата триумфираше, демократијата надвладеа и сега демократијата мора да се зачува“, рече Бајден. „Благодарение на вас, ги доживеавме најнеобичните четири години напредок досега“, рече Бајден, додавајќи: „Кога велам 'ние', мислам на мене и Камала."

Бајден го опиша  републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп  како „губитник“ и ги повика американските граѓани да изберат „обвинител“ на претседателската функција наместо „осуден престапник“.

Џо Бајден Демократска конвенција САД
Американскиот претседател Џо Бајден на Демократската конвенција вети енергична поддршка на претседателската кандидатка Камала ХарисФотографија: Mike Segar/REUTERS

Бајден мислеше на претходната работа на Харис како државен обвинител на државата Калифорнија и на  фактот дека Трамп  беше прогласен за виновен од њујоршката порота за фалсификување документи во аферата за плаќање пари заради замолчување - што го прави првиот кривично осуден поранешен претседател на САД во историјата.

Џо Бајден се откажа од трката за втор мандат во јули. Демократот беше под огромен притисок во својата партија поради неговата возраст и сомневањата за неговата ментална подготвеност. Камала Харис застана на неговото место и за кратко време успеа да ја собере партијата зад себе.  Волц е нејзин потпретседателски кандидат.

Изненадувачки настап на Харис

Пред говорот на Бајден, Харис изненадувачки се обрати на партиската конференција упатувајќи пофалби до Бајден кому е „засекогаш благодарна“. Му се заблагодари на Бајден и за неговото „историско“ лидерство. Тоа беше прво  појавување на Харис  на партиската конференција. „Да се ​​бориме за идеалите што ни се драги и секогаш да се сеќаваме дека ако се бориме, ќе победиме“, извика Харис проследена со громогласен аплауз од присутните Четиридневната конвенција на Демократската партија во Чикаго започна во понеделникот (19.08). Откако Харис ја обезбеди номинацијата со електронско гласање кое траеше неколку дена на почетокот на август, таа официјално ќе ја прифати кандидатурата во говорот планиран за четврток. Со нејзиното изненадувачко настапување на бината на почетокот на четиридневната партиска конференција во Чикаго таа испрати сигнал за сплотеност на партијата и одлучност да се мобилизираат сите сили во борбата за Белата куќа.

Гласање на потпретседателството

Американските Демократи претходно го потврдија Тим Волц за потпретседателски кандидат за ноемвриските избори. Неколкуте илјади делегати на чисто церемонијално гласање гласаа за гувернерот на државата Минесота како потпретседател на Харис. Двајцата веќе беа официјално номинирани преку онлајн гласање пред партиската конференција. Партијата го помести порано процесот на избор на кандидати  и го спроведе дигитално - поради роковите за печатење на гласачките ливчиња во една сојузна држава. Процедурата за гласање во Чикаго затоа има чисто симболична природа. Според партијата, свеченото гласање за Харис е планирано за среда навечер.

Демонстрантите ја пробија безбедносната ограда

Партиската конференција е придружена со големи  пропалестински демонстрации,  на кои учествуваат илјадници луѓе. Демонстрациите првенствено се насочени против акциите на израелската војска во Појасот Газа и американската воена поддршка на Израел. Околу 100 пропалестински демонстранти ја пробија надворешната безбедносна ограда во Јунајтед центар, каде што се одржува партиската конференција. Полициските службеници ги спречија демонстрантите да напредуваат кон внатрешната бариера. Демонстрант облечен во црно бил однесен од неколку полицајци, како што забележал новинар од новинската агенција АФП. Полицијата во Чикаго соопшти дека внатрешната ограда во ниеден момент не била пробиена и дека немало закана.