1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата во клинч со претседателот

ДТЗ
1 август 2022

ВМРО-ДПМНЕ смета дека Стево Пендаровски го сменил ставот под притисок. Тој во телевизиско интервју вели дека за него само едно прашање е релевантно: „Дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ“

https://p.dw.com/p/4Ex86
Nord Mazedonien Protest in Skopje
Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

По само една недела откако опозициската партија тврдеше дека се на иста линија со претседателот Стево Пендаровски околу одржувањето на референдум и референдуското прашање околу преговарачката рамка со ЕУ, тие денеска го обвинија за ретерирање од „јавно дадената поддршка за ова прашање“, коешто може да ги закочи евроинтеграциите.

„Стево Пендаровски имаше можност да биде претседател кој ќе биде заштитник на македонските интереси, доколку останеше цврст на ставот за референдум, но тој се премисли очигледно под притисок на владата. Тој беше дециден во поддршката, за по неколку дена да ретерира и да зборува спротивно од тоа што еднаш веќе го изјавил“, велат од партијата.

Тие потсетуваат на изјавата на Пендаровски дадена во интервју за неделникот „Фокус“ во која тој неодамна порача: „Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување на договори, точки. Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако такво е прашањето сите партии треба да излезат на референдум, не да бојкотираат“.

Партискиот портпарол Димче Арсовски му порача на претседателот дека има шанса да се поправи. „Интересот на граѓаните и на државата е поважен од се, вклучително и од ретерирањето на Пендаровски. Кога еднаш го сменил ставот, може уште еднаш само и само во интерес на граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Nord-Mazedonien | Parteichef VMRO-DPMNE Hristijan Mickoski
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски очекува поддршка од претседателот за референдумот за преговарачката рамка со ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Манипулација

Претседателот во неделата (31.07) во интервју за вестите на Канал 5, порача дека не поддржува референдум за францускиот предлог. Тој го обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, дека манипулирал со неговиот став.

„Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката. Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш ниту во Европа, ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно, дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ“,  рече Пендаровски.

Тој е дециден дека на вака чисто прашање, про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. „Ако не биде така. Сите ние што сме сега на ова место ќе се повлечеме и ќе речеме повелете терајте, имате многу широки опции, имате движење на неврзаните, имате Азија, имате Русија…“, рече Пендаровски.

Stevo Pendarovski
Претседателот Стево Пендаровски не поддржува референдум за францускиот предлогФотографија: President of North Macedonia

Партиски консултации

Премиерот Димитар Ковачевски во повеќе наврати го изнесе својот став дека најавениот референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ е за внатрешно – партиска употреба. Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба идеолошки да расчисти кај себе дали сака да ја види државава во ЕУ или не. 

„Оваа држава од денот на одржување на првата меѓувладина конференција го започна патот за зачленување во ЕУ. Од тој пат нема назад, нема ниту лево, а уште помалку десно односно кон истокот, така што сосема е нерелевантно барањето на ВМРО-ДПМНЕ за некаков референдум кое треба да биде изјаснување против зачленување во ЕУ, изјави деновиве Ковачевски.

Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека доколку не се направат уставни измени, а тоа подразбира доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, најверојатно преговарачкиот процес на Северна Македонија со ЕУ ќе запре.

„Скринингот започна и имаме нешто што е наречено меѓувладина конференција со која започна целиот процес. Кога скринингот ќе биде завршен во оваа фаза одиме на наредна точка што  е потребно да има друга меѓувладина конференција. Одржувањето на таа меѓувладина конференција зависи од овој билатерален договор меѓу двете засегнати страни. Секако таа е суверена одлука за Северна Македонија да го смени Уставот, иако веќе имате добар учинок во меѓуетничките односи и ова понатаму само ќе го дефинира тоа. Но, што ќе се случи ако не оди напред? Најверојатно сценариото ќе биде преговарачкиот процес да запре таму“, вели Гир.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема