1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се кршат копјата за референдум

ДТЗ
28 јули 2022

Претседателот даде предлог како да гласи референдумското прашање што беше позитивно прифатено од опозицијата. Христијан Мицкоски најави дека наскоро ќе ја објави формулацијата на прашањето

https://p.dw.com/p/4Eme8
 Treffen zwischen mazedonischer Premierminister Dimitar Kovacevski und Oppositionsführer Hristijan Mickoski.
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Се вжештува расправата околу барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за референдум за Преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ. Додека премиерот Димитар Ковачевски е против идејата, нагласувајќи дека ова прашање е само за внатрешно-партиска употреба на опозицијата, претседателот Стево Пендаровски во интервју за неделникот „Фокус“ даде предлог како да гласи референдумското прашање, доколку се реализира барањето на опозицијата. Ваквиот став на претседателот пријатно го изненади лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој оцени дека „по подолго време за прв пат можеби е на иста бранова должина со Пендаровски“.

Ни лево ни десно

Прашањето за референдумот се најде и на денешната собраниска седница на која пратениците му поставуваа прашања на премиерот и на министрите во Владата. Ковачевски остро ги нападна опозициските пратеници за „деструктивно однесување“, откако тие не беа присутни во салата, по што му возвратија дека се однесува „како пред кооперација, чита однапред подготвени текстови и одговара на нарачани прашања“. 

Ваквите обвинувања следеа откако премиерот оцени дека опозицијата води политика на штитење на интересите на трети држави, што е најпогубно нешто што може да им се направи на граѓаните. 

„Собранието донесе одлука оваа држава да продожи по патот кон своите европски интеграции. Во таа одлука учествуваа пратеници од политички партии кои застапуваат широк круг граѓани во државата без разлика на политичка, етничка или верска припадност. Оваа држава ќе оди на патот на европските интеграции и што и да правите нема да ја скршнете ниту лево, а уште помалку десно кон исток, рече Ковачевски одговарајќи на прашање на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски. 

Тој им порача на пратениците од опозицијата дека треба да се срамат од она што го направија на пленарната седница на која се гласаше за заклучоците за преговарачката рамка на ЕУ и дека секогаш бегаат во клучни моменти. 

Nordmazedonien Parlament - Sitzung am 25.03.2021
Прашањето за референдумот се најде и на денешната собраниска седницаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Предлогот на Пендаровски

Пратеникот Бојан Стојановски му порача на Ковачевски дека власта прави се за да избега од соочување со народот дали на избори или на референдум. Тој смета дека идејата на претседателот Стево Пендаровски за тоа како да гласи прашањето е добра основа за да се смисли консензуално прашање.

Шефот на државата смета дека прашањето треба да биде без споменување договори и точки, опозицијата да излезе со чесна формулација, а другите партии да не бојкотираат.

„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните измени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатрален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ по вакви услови?“. Без спомнување договори и точки - опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“, вели Пендаровски. 

Шефот на државата смета и дека во таква ситуација треба да се сменат и правилата, со цел референдумот да се смета за успешен ако позитивно се изјасниле мнозинство од оние што излегле да гласаат, без разлика дали на гласање излегле над 50 отсто од гласачите.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Шефот на државата смета дека прашањето треба да биде без споменување договори и точки, опозицијата да излезе со чесна формулација, а другите партии да не бојкотираат.Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

На иста бранова должина

Мицкоски од Кавадарци порача дека е пријатно изненаден од ставот на Пендаровски, бидејќи позитивно гледа на референдуското изјаснување.

„Морам да признам дека по подолго време за прв пат можеби сме на иста бранова должина со Пендаровски, во таа насока и јас размислувам да излезам со формулација на прашањето пред Извршниот комитет, но и пред граѓаните. Но, и очекувам Пендаровски потоа да ги повика и останатите политички партии и да излезат на референдум“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој ја иницираше идејата за референдум околу Преговарачката рамка, откако опозицијата ја напушти седницата и не гласаше околу предлог-заклучоците. Предлогот на Мицкоски на 21 јули го поддржа и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема