1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пожарот кај Косел е под контрола, гори на пет други локации

ДТЗ
5 август 2024

Хеликоптери и понатаму ги облетуваат опожарените подрачја северно од Охрид, црпејќи вода од езерото и гасејќи го огнот којшто ја опустоши шумата.

https://p.dw.com/p/4j73c
хеликоптер пожари
Хеликоптери и понатаму ги облетуваат опожарените подрачја северно од Охрид, гасејќи го огнот којшто ја опустоши шуматаФотографија: Arbnora Memeti/DW

По некодневна битка со огнените стихии во околината на Охрид, пожарот кај Косел, Расино, Опеница и Вапила е ставен под контрола, но хеликоптери и понатаму ги облетуваат опожарените подрачја северно од Охрид, црпејќи вода од езерото и гасејќи го огнот којшто ја опустоши шумата. Градот со денови е обвиткан во облаци со прашина, а тешка миризба на чад се чувствува и во текот на денот и во вечерните часови. 

Пожарите се гаснат и на земја и од воздух со хеликоптери и со три авиони ер-трактор.

На терен се распоредени и екипи на Територијатната противпожарна единица, на општинските јавни претпријатија, на Подружницата на ЈП „Македонски шуми“, како и месното население во обид да се контролираат пожарите.

Со механизација изминатите денови беше направен појас околу најкритичните места, за да се спречи ширење на пламенот од сртовите што се покриени со нискостеблести растенија кон боровата шума, која доколку биде опожарена мошне тешко се гаси.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, изрази надеж дека ќе биде изгасен пожарот над селото Косел.

„Состојбата со пожарот во Охридско денеска е добра благодарение на преземените интензивни активности за гаснење од земја и воздух, кои продолжуваат. Треба денес да завршиме или целосно да го ставиме под контрола“, вели Пецаков.

Активни пет пожари

Центарот за управување со кризи информираше дека било дејствувано на потегот кај Илинска Планина, како и на четири точки на потегот над селата Косел-Расино-Опеница-Вапила. 

Во неделата (04.08) имаше вкупно 29 пожари на отворен простор, од кои во моментов 5 се активни, 3 се под контрола и 21 се изгаснати. Активни се пожарите во Македонски Брод, Демир Хисар, Гевгелија, Студеничани и Пробиштип.

Хуманитарен пункт

Пожарите кои беснеат со недели предизвикаа голема штета. Десетици домови изгореа или беа оштетени од пламените јазици коишто ги зафатија планиските села. Во Скопје денеска ќе биде отворен хуманитарен пункт каде ќе се собираат материјални добра за граѓаните кои настрадаа од пожарите во Источна Македонија. Граѓаните ќе можат да донесат конзервирана храна, облека, патики, мебел, душеци и разни други материјални добра, кои потоа ќе бидат однесени во 30-тина села на околу 400 домаќинства. Пунктот ќе биде до „Ист гејт мол“, во близина на комуналното претпријатие. 

Хуманитарната акција ќе трае неколку дена сѐ со цел подобрување на животот на граѓаните чии домови се опожарени во Источна Македонија. Граѓаните ќе можат да донираат и врати и прозорци, што е планирано за втората фаза од акцијата.