1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Образовна стратегија: Лесно се пишува, тешко се спроведува

18 септември 2024

Проблемите и предизвиците се појавуваат кога треба оперативно да се пристапи во реализација на документот, вели професорот од УГД, Кирил Барбареев.

https://p.dw.com/p/4kjlM
Какви се ефектите за македонските ученици од непостоење континуитет во образовните стратегии?
Какви се ефектите за македонските ученици од непостоење континуитет во образовните стратегии?Фотографија: imago/photothek/T. Trutschel

Новата влада најави дека ќе предложи нова Национална стратегија за образование. Кога ќе прашате - мора ли со секоја нова влада да се носи и нова образовна стратегија, имајќи ги предвид ефектите од (дис)континуитетот на образовните политики, од МОН се повикуваат на календарот и потребите. Велат - актуелната стратегија се однесува за периодот 2018-2025 година, а новата ќе биде изготвена следната година и ќе има важност од 2026 година.

Сепак, нема туку-така да се влезе во изработката на новата стратегија. Министерката за образование, Весна Јаневска, вели дека претходно ќе биде подготвен друг документ - нешто како определба/декларација во кој ќе бидат утврдени принципите во образованието.

„Документот ќе биде понуден на сите политички субјекти во државата -преку Собранието ќе се бара постигнување на национален консензус за тие принципи, односно генерални образовни политики, од кои понатаму нема да може да отстапува ниту еден министер и да спроведува ‘свои’ реформи", најавува Јаневска.

„Ќе почекаме, ќе видиме“, вели нејзиниот претходник во ресорот, Јетон Шаќири. Тој нема генерална оценка за резултатите од спроведувањето на Стратегијата од 2018 година до денес, но во текот на двете години додека бил на чело на ресорот (јануари 2022-јуни 2023) вели дека е задоволен од реализацијата на повеќе нешта. Едно од нив е обезбедувањето опфат во образовниот систем на лицата со посебни образовни потреби преку прилагодување на наставните програми на нивните потреби и можности.

„Ќе го истакнам и делот со дуалното образование во стручните паралелки, преку успешното вклучување на бизнис секторот, училиштата и локалните самоуправи. Исто така, и формирањето на националната Агенција за квалитет на високото образование“, вели Шаќири.

Поранешниот министер за образование, Јетон Шаќири
Поранешниот министер за образование, Јетон ШаќириФотографија: Government of North Macedonia

Од најавената нова стратегија очекува и промени, и континуитет.

„Обрзованието не е статичен туку динамичен процес и се разбира дека подлежи на промени, но треба да има и континуитет“, вели претходниот министер за образование.

Три клучни недостатоци

Какви се ефектите од непостоење континуитет во стратегиите?

„Ова се институциско организациски теми, кои бараат принцип на континуитет“, вели Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.

„Тажно е кога човек ќе заклучи дека образованието и науката 30 години е политичка волја, и притоа се нема чувство за консензус во политичката и стручната јавност по ова прашање кое ќе се решава во континуитет. Тоа ниво е поразително за нивото на квалитет на живот во државата. На крај, имаме збунето општество со конфузија на вредности", оценува професорот.

Смислата на национална стратегија за образование 2018-2025 како стратешки документ, вели тој, е да биде основа за реформските процеси во образованието во тој период, во насока на создавање активни, мотивирани ученици, наставници и граѓани на општеството подготвени со знаење и вештини за модерниот свет.

Актуелниот документ изработен со подршка на ЕУ, го опишува како сеопфатен процес во кој се постигнал консензус за промени на постојните состојби. Но...

„Проблемите и предизвиците се појавуваат кога треба оперативно да се пристапи во реализација на документот. Овде се гледа мудроста, отпорноста, визијата и храбоста на сите одговорни во општеството да се води тој процес доследно и континуирано", вели Барбареев.

На веб-страницата на МОН постојат Извештаи за реализираните активности од Стратегијата за секоја година.

„Она што може да се забележи во текот на овие години, според мене, се три клучни недостатоци", вели Барбареев.

„Прво, се има висока свесност за недостатоците но слаба енергија, волја, мотивација и верување во промените кои сакаме да ги видиме. Второ, недостиг на култура на споделена одговорност на сите институции што се директно одговорни за нејзиното спроведување. Клучното прашање е колку секоја институција придонесува во директна операционализација на клучните барања во Стратегијата? И трето, политизацијата и дневно политичките интереси кои за жал ги кочат големите процеси за промени во сите овие 30 години. Понекогаш имам чувство дека како општество сме слабо подготвени за промени. Кога сакаш да направиш промена, овде промената не се доживува како нешто во кое треба да се гледа позитивното, туку се доживува како вадење од статус кво состојбата, каде што е многу комотно. А промената бара да се излезе од таа статус кво ситуација", дециден е Барбареев.

Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.
Кирил Барбареев, професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип.Фотографија: Privat

Поради тоа смета дека е потребна сериозна анализа за концептот на одговорноста на секоја институција и индивидуа на идната Национална стратегија.

ПИСА кажува сѐ

Од МОН се уверени дека со идната стратегија ќе стават крај на лошите политики во изминатите седум години, а еден од индикаторите за неуспехот во досегашните политки го сметаат и исходот од тестирањето ПИСА (Programe for International Student Assessment -PISA). Тоа е едно од најкредибилните меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење на ученикот. На 5-ти декември 2023 година ОЕЦД ги објави резултатите од ПИСА тестирањето на средношколци во 2022 година. Тоа беше четврто учество на РСМ во ПИСА по оние од 2000, 2015 и 2018 година. Резултатите не покажаа напредок, а од МОН констатираа дека „со минимална разлика, резултатите за Северна Македонија го задржуваат нивото кое било измерено во 2018 година".

Од вкупно 81 држава кои биле дел од тестирањето, со постигнати 389 поени, РСМ е на 61. место според резултатите по математика. Со постигнатите 359 поени при мерењето на јазичната писменост, односно читање со разбирање, рангирана е на 71. место, а според резултатите по природни науки (380 поени) на 68. место.

Иако ефектите од образовните реформи често стануваат видливи дури по неколку генерации, праксата на „реформи врз реформи“ во изминатите децении, во РСМ не донесе краткорочни резултати, ни потврда дали образованието се движи кон долгорочните цели. Од МОН тогаш потенцираа дека резултатите од ПИСА ќе бидат од исклучителна важност за ревидирање на постојните и креирање на идните образовни политики.

Резултатите од последното ПИСА тестирање на македонските ученици не покажаа напредок
Резултатите од последното ПИСА тестирање на македонските ученици не покажаа напредокФотографија: Fotolia/comgold36

Она што сега сигурно почна, е ревизија на Концепцијата за основно образование, која е дел од постојната Стратегија 2018-2025. Од МОН велат дека е најважно што во неа се вклучени наставниците, односно оние кои претходно не биле консултирани и вклучени во креирањето на документот. Притоа, одложeна e имплементацијата на Концепцијата за основно образование во седмо, осмо и деветто одделение.

„Но, се докажа дека реформите од прво до шесто одделение продолжуваат и со новата министерка“, забележува претходниот министер за образование Јетон Шаќири.

Не се верува во промените

Професорот Барбареев кој беше во работната група за подготовка на Концепцијата, во однос на нејзините резултатите вели дека тоа што го потенцирал за културата на споделена одговорност, е пример и со Концепцијата.

Посочува дека Концепцијата ја следи Стратегијата од 2018-2025, и оттаму се преземени чекорите кои треба да се имплементираат во период од 5 години. Креирана е со фокус на потребите на учениците - нови наставни програми, редефинирање на содржините, резултати за учење, поставување национални стандарди, подобрување на оценувањето, користење методи на работа кои даваат подобри резултати, продолжен престој во училиште, намалување и спојување на предметите. Сето тоа произлегува од насоките на Стратегијата, како и од други работи кои имаат за цел да ги мотивираат учениците да учат, да го поврзат тоа што го учат со секојдневниот живот, полесно да го совладуваат материјалот, но не преку просто меморирање на информациите, туку преку нивно поврзување и разбирање. „Наставните програми се современи во содржините и пристапот. За жал, за нив многу малку се дебатира и никој не ги критикува иако се тие носечкиот столб на Концепцијата и одраз на системската заложба за современо основно образование. Имплементацијата е попроблематична и оди главно на сметка на наставниците - нив сѐ уште им е најкомотно да имаат учебници, што ја трга нивната одговорност за постигањата на учениците. Треба да разбереме дека наставните програми ја играат главната улога, и нивната доследна реализација не зависи од учебниците“, дециден е Барбареев.

Македонската министерка за образование, Весна Јаневска (десно на фотографијата)
Македонската министерка за образование, Весна Јаневска (десно на фотографијата)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Она што се случува во јавноста во врска со Концепцијата, според него, е најдиректен индикатор дека кај нас постои слаба критичка мисла, како резултат на долги години слабо образование.

„Не се гледаат аргументите, туку се повторуваат нечии ставови. Некој ќе каже негативен став, и многу други го повторуваат. Никој не ги бара аргументите, анализите, многу луѓе никогаш не ја виделе Концепцијата, не ја прочитале, само знаат дека некој ја критикува, бидејќи е популарно да биде критикувана, и сега критикува и тој. Системот вади такви ученици. За жал, не е видлива поддршката на Концепцијата, не се видливи реформите на терен, не се видливи институциите и индивидуите во промените, постои слаба критичка мисла. Не се верува во промените. Пребавно и премалку  се работи на промените. Затоа е потребно обединување на стручната јавност и одговорните институции во визијата која ја има државата за образованието“, сугерира професорот.

Етапно зголемување на буџетот

Министерката Јаневска најавува дека многу чинители ќе се вклучат во изработка на новата стратегија - надлежните институции, експертската јавност, меѓународни организации, граѓанскиот сектор...

Ќе бидат предвидени рокови за реализација на целите, како и буџетска сума што ќе биде неоходна за нивно спроведување. Највува и дека буџетот за образование од година во година ќе се зголемува.

Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ партијата се обврза дека буџетските средства за образованието ќе ги зголеми од 3,4% на 5% од бруто домашниот производ. Ја прашавме министерката дали Владата ќе ги зголеми буџетските средства за образование на 5 проценти од БДП со буџетот за 2025 година?

„Не. Ова никогаш не сме го најавиле. Од 3,4, на 5% може да се зголеми буџетот етапно, во период од 4 години", вели Јаневска.

Со овој текст, Дојче веле на македонски јазик се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.