1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политикантството нарами потежок ранец од ученичкиот

2 септември 2024

За прв пат по 7 години, учебната година почнува со навремено испорачани учебници. Но, бројот на ученици е намален за 17 илјади во последните седум години.

https://p.dw.com/p/4kAHY
Почеток на школската година во Северна Македонија
Почеток на школската година во Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Првиот училишен ден возбудлив за учениците, особено за првачињата, а изискателен за власта во однос на обезбедување учебници и услови за настава, не помина без обиди да искористи за јавен притисок или политиканство. Дел од приватните превозници во Скопје, токму на првиот ден од учебната година решија да го редуцираат превозот  - еден автобус да вози само една тура, на една линија. Бараат да им биде исплатен долгот и да се зголеми цената, во време кога на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) му недостигаат автобуси за да го покрие зимскиот возен ред, кој почнува од денеска. Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која ни по три години не успеа да ги реализира ветувањата за подобар, а камоли за бесплатен јавен превоз, токму пред почетокот на учебната година побара Министерството за финансии да го процесира налогот на Град Скопје за исплата на регрес за годишен одмор на наставниците под надлежност на Градот, за кој финансиските средства биле испланирани и обезбедени во буџетот на Град Скопје за 2024 година.

„Со оваа политички мотивирана одлука со која се блокира исплатата на регресот од страна на Министерството за финансии, директно се наштетува на вработените во образовните институции во градот Скопје, кои заслужуваат да се мотивираат со цел постигнување успешност во работата“, обвинија од Град Скопје.

Министерката за образование Весна Јаневска ваквото барање го оцени како „нефер политика или политикантство,“ со став дека тоа би било дискриминирачки во однос на другите наставници, бидејќи сите треба да добија регрес во исто време. Според министерката, наставниците ќе добијат регрес на крајот на годината.

Учебници навреме

За прв пат по седум години, учебната 2024/25 година за 245 илјади основци и средношколци почнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата - десетина нови наслови во основното и над 100 во средното образование, кои досега не биле испечатени. Наставата нема да трае подолго од 10 јуни и нема да има пролетен распуст. Едносменска настава се воведува во 140 училишта, а како поддршка на учениците со попреченост ќе бидат ангажирани над 1.000 образовни асистенти. 

Опозициската СДСМ, во чиј мандат или немаше или доцнеше испораката на учебници, вчера организираше протест со едно барање - да се зголемат платите на наставниците.

„Оправдувањата дека нема пари во буџетот се навистина неприфатливи“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

„Никој не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците за 12%. Гледаме дека има пари за нови четири министерства и за цела армија партиски вработувања, има пари за луксузирања со скапи авионски карти, има пари за измислување на нови директорски места во царина и така натаму. Буџетот има пари, но платите за жал, не се приоритет. Ако имаше средства во времето на СДСМ, и тоа во најголемите светски кризи - економската, енергетската здравствената, како нема пари овој септември за да се покачат платите на просветните работници“, праша Филипче.

Министерката за образование Весна Јаневска вели дека постојано ќе бараат можности за да се постави наставникот на соодветно место во општеството, што опфаќа многу повеќе елементи од платата. Таа вети сигурно покачување на платите во март следната година, а доколку дозволуваат можностите – и уште еднаш во текот на истата година.

Почеток на школската година во Северна Македонија
Она што продолжува да биде е алармантно, е фактот дека се зголемува бројот на наставници, а се намалува бројот на ученициФотографија: Petr Stojanovski

„Наставниците треба да добијат покачување на платата но мора да се соочиме со реалноста -реалноста е дека државата ни била во распад и дека ние како нова влада во овие два месеца се обидуваме да го запреме тој процес и сметам дека релативно успешно го правиме. Затоа ги молам и барам од наставниците да имаат разбирање, да издржат заедно со нас уште два три месеци за да можеме да ја запреме инфлацијата, па кога ќе добијат покачување на платата, навистина да знаат дека имаат покачување на платата, а не само покривање на инфлацијата“, рече Јаневска на ТВ Сител.

Наставници има, ученици сѐ помалку

Она што продолжува да биде е алармантно, е фактот дека се зголемува бројот на наставници, а  се намалува бројот на ученици.

Според податоците на МОН,  бројот на ученици бил намален за 17 илјади  во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња бил намален за околу 3.500 илјади.

Според податиците на ДЗС, бројот на ученици во редовните основни училишта на крајот на 2022/2023 година е намален за 1,4 проценти, а  бројот на ученици во средните училишта  за 3,9 проценти во однос на претходната учебна година. Споредбата за последната десетолетка покажува дека бројот на запишани ученици во основно образование во учебната 2023/2024 година бил помал за 4,8 проценти во споредба со 2013/2014 година.

Во исто време, сè помалиот број на деца по наставник, не води кон повисок  квалитет на образованието,  што го покажуваат  резултатите од тестирања на македонските ученици кои континуирано се влошуваат.

Од МОН најавија дека имплементацијата на новата концепција за основно образование е одложена во седмо, осмо и деветто одделение, поради револтот на наставниците околу интегрирањето на предметите и губењето на нивната основна суштина, како и збунетоста кај учениците од материјата која им се предавала.

„Во моментов ги консултираме наставниците и сите нивни забелешки ќе бидат интегрирани во новите програми што ќе ги подготви БРО и етапно во следните три години, година по година, а почнувајќи од 2025-2026 година, ќе се воведуваат во училиштата. Ќе се навратиме и на ревидирање на наставните програми во пониските одделенија, бидејќи и таму ситуацијата е идентична“, истакна министерката Јаневска.