1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата ќе ги заузда цените на овошјето и на зеленчукот

ДТЗ
28 март 2023

„Ова е време на солидарност, а не време на остварување профити“, вели премиерот Димитар Ковачевски кој беше во обиколка на маркет во скопско Тафталиџе. Владата најавува нови мерки во наредниот период

https://p.dw.com/p/4PMpp
Димитар Ковачевски
Димитар Ковачевски во посета на маркет во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Цените за уште пет-шест производи се очекува да бидат замрзнати во текот на неделава. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска најави дека треба да биде донесена одлука за замрзнување на цените на хигиенските производи, како и на цените на дел од овошјето и зеленчукот.

„Ги чекаме и анализите од Царинската управа за увозните цени на трговците за да видиме колку е разликата во делот на маржите“, изјави Бектеши, кој заедно со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски, беа во посета на маркет во скопската населба Тафталиџе.

Време на солидарност

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во понеделникот (27.03) даде поддршка за ограничување на цените на овошјето и зеленчукот, порачувајќи дека таквиот потег во овој период нема да влијае во намалувањето на откупните цени за земјоделците.

Премиерот Димитар Ковачевски порача дека Владата нема тука да застане. „Ќе продолжиме да го штитиме стандардот на граѓаните, нема да дозволиме лично богатење во време на криза. Ова е време на солидарност, а не време на остварување профити. Време е сите компании да им вратат на граѓаните, им пруживме рака за стабилност, сега бараме тие да пружат рака. Само така, со заемна помош, може да ја пребродиме кризата“, изјави Ковачевски.

пазар
Во пресрет на празниците се ветува замрзнување на цените на дел од производитеФотографија: DW

Во пресрет на Велигден и Бајрам, беше донесена одлука за замрзнување на цените на јајцата и на месните производи, со цел да им се излезе во пресрет на сите граѓани. Претходно беа замрзнати цените на тестенините и млечните производи за 15 и 10 проценти, а беше намалена и цената на белиот и на полубелиот леб од 450 грама на 33 денари.

Инспекции и казни

Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) при контролите на терен утврдил непочитување на замрзнатата цена на лебот од 33 денари, несоодветна грамажа, немање најмалку 80 отсто од производите на рафтовите. Директорот на ДПИ, Горан Трајковски, најави дека имињата на фирмите кои ги сториле прекршоците ќе бидат соопштени, откако ќе бидат целосно завршени постапките за нив. 

Последните пет дена се извршени над 500 надзори, а 130 од нив се по одлуките на Владата. Притоа, констатирани се шест прекршоци во висина од 750.000 денари.