1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Влада: Бел леб за 33 денари мора да има во продавниците

ДТЗ
3 март 2023

Производителите на леб и трговците се должни да снабдуваат и продаваат најмалку 80 отсто од лебот со замрзнатата цена. Премиерот Димитар Ковачевски ги повикува пекарите на одговорност и солидарност

https://p.dw.com/p/4OCvj
Димитар Ковачевски
Нема да дозволам некој да прави екстра профит на грбот на граѓаните, вели премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Производителите и трговците имаат обврска да произведуваат и продаваат леб по замрзната цена. Ваква одлука донесе Владата на  седница во четвртокот (02.03) и таа е веќе на сила. Одлуката ќе важи до 31 мај годинава. 

Со одлуката на Владата се определува обврска за трговците што претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење трговска дејност во соодветен регистар согласно закон, како и трговците што претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел). 

Согласно владината одлука, тие имаат обврска да набавуваат и продаваат најмалку 80 отсто од лебот што треба да се продава по замрзната цена. 

Премиерот Димитар Ковачевски најави дека се можни нови замрзнувања на цените на некои основни прехранбени производи. „Во Министерството за економија се прават анализи во однос на цени и на други основни прехранбени производи, така што во блиска иднина може да следува замрзнување на цените и на други производи, коишто се сметаат за основни прехранбени производи“, изјави Ковачевски при посета на објектот на детската градинка „Пролет“ во Скопје. 

Обврски и казни

Во образложението на одлуката за лебот, којашто ја предложи Министерството за економија, е наведено дека Владата може привремено да го ограничи вршењето на трговијата, во случај на сериозни пореметувања на домашниот пазар поради недостаток на стоки неопходно потребни за производството, преработката и за животот и здравјето на граѓаните и нарушување на домашниот пазар заради злоупотреба во прометот на одделни производи и стоки. 

„Владата може да определи обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед“, се вели во соопштението на Владата. 

Врз основа на податоци од извршен инспекциски надзор од Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија соопшти дека се утврди сериозни пореметувања на домашниот пазар во градовите Скопје и Тетово, поради недостаток на леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел), за коишто Владата донесе Одлука за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на мало, која што стапи на сила на 28 февруари 2023 година. 

Екстра профит на грб на граѓаните 

Владата нема да дозволи никој да прави екстра профит на грбот на граѓаните, дециден е премиерот Димитар Ковачевски. Според него, не држи објаснувањето дека мала пекарница може да произведе поевтин леб од голема пекарница.

„Компаниите кои во моментов не сакаат да произведуваат ваков тип леб се тие што го добија најголемиот дел од субвенциите за електрична енергија. Тие треба да покажат одговорност. Да се заработува на грбот на граѓаните кога треба да покажеме солидарност, е нешто најлошо што може да направи една компанија. Од друга страна, има одговорни компании и на нив сакам да им се заблагодарам“, рече премиерот. 

Групацијата на мелничко-пекарската индустрија тврди дека имаат огромни загуби со замрзнатата цена на лебот. „Треба да се изнајде еден леб кој ќе биде со одредена грамажа, тој ќе биде социјална категорија и ќе се продава несечен и во хартија. За да може да се запази тој социјален аспект за населението и да го има тој леб како варијанта на најевтин леб на пазарот и да се ослободат другите лебови за да можат компаниите да функционираат“, изјави за Телма, Горан Малишиќ претседател на Групацијата. 

Пекарите денеска ќе го соопштат својот став за владината одлука, откако веќе трет ден не доставуваат леб со замрзната цена во продавниците. Државниот пазарен инспекторат казни неколку фирми кои не ја почитувале одлуката. На нив им се изречени и казни од над 300.000 денари.