1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заклетва: САД ќе бидат задоволни ако Мицкоски каже „Северна“

ДТЗ
21 јуни 2024

Американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека е воодушевена и ја поздрави најавата на Христијан Мицкоски дека при заклетвата како нов премиер, а и во настапите во странство, ќе го користи уставното име на земјата.

https://p.dw.com/p/4hLYM
Анџела Агелер
Американската амбасадорка ја поздрави најавата на Мицкоски дека при заклетвата ќе го користи уставното имеФотографија: Reg. Nordmazedoniens

Американската амбасадорка Анџела Агелер порача дека е воодушевена и ја поздрави најавата на мандатарот Христијан Мицкоски дека в недела, при заклетвата како нов премиер, а и во настапите во странство, ќе го користи уставното име на земјата.

Во интервју за „360 степени“, Агелер изразува надеж дека неговиот пример ќе го следат и сите министри. „Ќе кажам дека беше разочарување за раководството во Вашингтон кога претседателката реши да не го употреби уставното име на земјава при давањето заклетва и, искрено, тоа што идниот премиер и министри ќе го направат, е нешто што го поздравуваме. Како што разбирам, Деловникот на Собранието е сменет за да се вклучи и тоа (уставното име) и воодушевена сум што тоа го гледам, и сум многу задоволна и го поздравив неговиот јавен настап од пред некоја вечер, во кој тој рече дека ќе го почитува уставното имена земјата при давањето заклетва“, вели Агелер.

Побрзо да се испорачаат ветувањата

Од идната влада очекува, колку што може побрзо, да ги испорача ветувањата дадени за време на изборната кампања. „Очекувам да видам како тие, а така ќе беше за која било влада која ќе дојдеше на власт, дали на реториката од кампањата и дадените ветувања ќе одговорат со конкретни дела. На крајот, како политичка партија и влада ве судат според вашите дела наспроти предизборните ветувања кои, искрено, можат да го покријат целиот спектар на политиката во време на избори“, вели Агелер во интервју за „360 степени“.

Собраниската седница за избор на новата влада почнува во сабота, а треба да заврши најдоцна до недела на полноќ. Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека при заклетвата ќе го употреби уставното име на државата.

„Уставното име на државата е јасно и не треба да имаме двојни стандарди да се чувствуваме пред граѓаните неодговорно или да ги доведуваме во заблуда, се знае кое е уставното име - тоа е со придавката“, рече во вторникот (18.06),лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на новата влада.

Христијан Мицкоски
Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека при заклетвата ќе го употреби уставното име на државатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој во интервју за ТВ Сител најави дека во заклетвата што ќе ја даде идната влада ќе го користи новото уставно име на државата исто како и при посетите во странство. „Сепак, во секојдневната употреба и при давањето на изјавите во земјава ќе го користам името ’Македонија’. Не можеме да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите, а ние сами да ги кршиме“, рече Мицкоски. 

Непријатна позиција

Употребата на уставното име и почитувањето на одредбите од Преспанскиот договор ја брануваат јавноста по пролетните избори, на кои мнозинството гласови ги освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. 

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за радиото „Реал фм“, во однос на ставот на мандатарот Христијан Мицкоски околу употребата на името Македонија, деновиве изјави: „Не може да продолжиме вака. Премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на НАТО Самитот“, порача Мицотакис. Мицкоски, пак, му возврати дека се подготвува за Самитот на НАТО и дека сака предизвици.