1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меџити: ДУИ ја задуши политичката сцена

28 август 2024

Легитимно ги претставуваме Албанците, а проевропската ориентација на државата останува на врвот на приоритетите, порача првиот вицепремиер Изет Меџити од Тирана.

https://p.dw.com/p/4jzul
Изет Меџити
Првиот вицепремиер на РСМ, Изет Меџити на Конференцијата на амбасадорите во Тирана, организирана од Министерството за Европа и надворешни работи на Република АлбанијаФотографија: Press Regierung North Macedonia

ДУИ ја задуши политичката сцена и го попречи секој обид за позитивни промени за Албанците, нагласил првиот вицепремиер Изет Меџити на Конференцијата на амбасадорите во Тирана, организирана од Министерството за Европа и надворешни работи на Република Албанија.

На панелот на тема „Албанскиот простор во геополитиката на регионот“, Меџити ја истакнал важноста на долгоочекуваната промена која донела  создавање влада без ДУИ,  партија која 22 години ја монополизирала  албанската политика,  додека македонските партии постојано се менувале. Во дел од дискусијата, Меџити го спомнал и коалицискиот партнер во Владата. 

„Мислам дека сега е сосема друго ВМРО,  тоа е нов почеток. Таму (во Владата -н.з.) сме како претставници на Албанците,  легитимно ги претставуваме Албанците,  но придонесуваме и за ориентацијата на државата, така што проевропската ориентација на државата останува на врвот на приоритетите. Но товарот го преземаме толку колку што ни припаѓа нам како Албанци, затоа што за да направиме уставни измени мора да имаме 2/3 од гласовите во парламентот", посочил на панелот првиот вицепремиер на РСМ.

Тирана не се меша

Во предизборниот период доминираа наративи дека Приштина и Тирана се натпреваруваат за влијание врз партиите на Албанците во РСМ. Учеството на претставник на Самоопределување на изборната листа на Вреди, ја лоцираше Приштина, односно косовскиот премиер Албин Курти, како директен поддржувач  на тогашната опозициска коалиција Вреди, а Тирана како центар кој наводно има повеќе разбирање или наклонетост кон ДУИ.

Домаќинот на Конференцијата, шефот на албанската дипломатија, Игли Хасани, кој од Конференцијата испрати порака до сите албански политички сили да се ангажираат во напорите за нивните земји кон ЕУ, порача дека Тирана нема да им кажува на Албанците во други земји како и за кого да гласаат.

„Верувам дека сите албански политички сили, каде и да се, беа промотори на развојот и придвижувањето на општествата на Северна Македонија, Црна Гора, Косово, кон европските семејства. Ние, барем оваа влада, во ниту еден момент нема да учествуваме и интервенираме во внатрешно-политичките дебати, нема да им кажеме на Албанците од Косово или Северна Македонија за кого да гласаат или како да гласаат. Да, ќе бараме од сите да продолжат да се ангажираат и да ги задржат своите земји, нивните општества во реалноста каде што сѐ - кон ЕУ“, порача министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани.

Интергациите и легитимитетот

Во рамки на официјалната посета на Тирана, првиот вицепремиер Меџити придружуван од неговиот советник за надворешна политика Јетмир Асани, имаше и посебна средба со Хасани, која ја опиша како братска. На средбата разговарале за соработката меѓу двете земји и за унапредување на нивните евроинтегративни процеси.

„Единствениот пат што го имаме е целосна интеграција во европското семејство“, порачал Меџити.

Македонскиот вицепремиер за процесот на евроинтеграција разговарал и на средба со албанскиот премиер Еди Рама. Како што сподели Меџити, средбата што почнала како официјална, прераснала во топол и братски разговор.

Еди Рама
Македонскиот вицепремиер Изет Меџити за процесот на евроинтеграција разговарал и со албанскиот премиер Еди Рама, на топла и братска средбаФотографија: Johanna Geron/REUTERS

„Разговаравме за продлабочување на соработката меѓу нашите две влади и држави, при што беше истакната важноста на силните врски што не обединуваат како Албанци. Во овој контекст, премиерот Рама ми честита за успехот на изборите и за новата задача што ја добив, нагласувајќи дека  Албанците во Македонија  се гарант за интеграција на нашата земја во големото европско семејство!“, напиша Меџити.

Оддел за прашања што ги засегаат Албанците

Иако последното може да се толкува и како  своевидна порака до ДУИ  во период кога од Мала Речица го оспоруваат изборниот легитимитет на Вреди, извесно е дека Тирана напорите ги насочува глобално, за интересите на сите Албанци, каде и да сѐ.

Шефот на албанската дипломатија на панелот посочил дека Министерството што тој го раководи започнало сериозен проект - создавање оддел кој ќе биде посветен на сите прашања кои ги засегаат Албанците во регионот и дијаспората, не само политички, туку и  во образованието, здравството, културата. 

Меџити му честитал на Хасани за формирањето на тој оддел.

„За мене, продлабочувањето на меѓуалбанската соработка е неопходност што треба да продолжи непречено. Како заклучок, ја подвлеков потребата да се создаде заедничка платформа која не обединува на различни полиња, од образование до економија, опишувајќи го тоа како дефинирачки елемент за нашата заедничка иднина“, напиша Меџити.

Во рамки на официјалната посета на Албанија, Меџити се сретна со градоначалникот на Тирана и со министрите за внатрешни работи и за туризам и животна средина.