1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој стои зад сценаријата за дестабилизација?

ДТЗ
16 август 2024

Додека Христијан Мицкоски и Али Ахмети се препукуваат, СДСМ смета дека наративите за дестабилизација се најверојатно договорени меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ

https://p.dw.com/p/4jXvv
Скопје
Кој стои зад сценаријата за дестабилизација?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тврдењата за есенски сценарија и дестабилизација сè уште ја бранувааат Северна Македонија. Откако премиерот Христијан Мицкоски во неколку наврати го впери прстот кон Демократската унија за интеграција, како иницијатор за таквите случувања, првиот човек на  партијата, Али Ахмети  вели дека тврдењата се невистинити и затоа не треба да се потпаѓа на провокации. Ваква порака тој испрати на средбата со бугарскиот амбасадор во земјата, Ангел Ангелов, со кој разговараше во партиското седиште во Тетово.

Али Ахмети
Али Ахмети  вели дека тврдењата се невистинити и затоа не треба да се потпаѓа на провокацииФотографија: Petr Stojanovski/DW

И Ахмети и Мицкоски повикуваат да не се потпаѓа на провокации 

Обвинувањата дека ДУИ се подготвува да создаде дестабилизација во земјата, според Ахмети, имаат за цел да ја дефокусираат јавноста од недостатокот на резултати и секојдневни скандали.

„ДУИ го има докажано својот придонес за стабилноста и безбедноста и се спротивставува на секој политички владин инсцениран обид за дестабилизација и ги повикува Албанците и другите да не потпаднат на провокациите на владата без етнички легитимитет“, изјавил Ахмети.

Лидерот на ДУИ слични пораки му пренесе и на евроамбасадорот во заминување Дејвид Гир. На средбата во Тетово во четвртокот(15.08), тој изрази загриженост за можно намерно владино инсценирање преку обвинувања на други со цел да се дефокусира јавноста од потфрлувањата на власта.

„ДУИ е посветена на стабилноста, безбедноста, мирот, добрите меѓуетнички и меѓусоседски односи како и европската интеграција и отфрла секакви монтирани политички владини обиди за дестабилизација“, дециден е Ахмети. 

Христијан Мицкоски
Христијан Мицкоски вели дека високи функционери во поранешни влади се обидуваат да предизвикаат меѓуетнички конфликтФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Христијан Мицкоски, кој ја отвори темата, деновиве рече дека има индиции оти високи функционери во поранешни влади се обидуваат да предизвикаат меѓуетнички конфликт.Без да посочува имиња, тој вели дека „тоа го прават елементи кои располагаат со огромни милионски суми на пари“.

„Дел од нив се високи функционери во поранешни влади, коишто се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен, во најголемиот дел да манипулираат, а она што мене посебно ме загрижува, се обидуваат да провоцираат етнички конфликт, односно да ја дестабилизираат меѓуетничката хармонија во Македонија. Тоа е најмногу што ме вознемирува, бидејќи сфаќаат дека на друг начин не можат да мобилизираат луѓе, единствениот начин е да испровоцираат ваков тип конфликт. Тоа нема да го дозволиме. Порано или подоцна, сторителите на вакви провокации ќе одговараат“, рече Мицкоски при посетата на Царинската управа на 15 август.

Договорена стратегија 

Но, претседателот на СДСМ, Венко Филипче во интервју за неделникот „Фокус“ вели дека во политичка смисла на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизација, како и на ЗНАМ кои се целосно маргинализирани во Владата, па имаат можност да го оживеат својот националистички наратив.

Филипче смета дека стратегијата за подигање меѓуетничка тензија која ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја спроведуваа пред изборите сега повторно ја враќаат во игра. 

„Ако се земе предвид дека ДУИ му даде поддршка на ВМРО-ДПМНЕ за Законот за реорганизација на министерствата, без кои не можеше да се формира Влада, тогаш не би се чудел целата работа да е договорена стратегија меѓу двете партии. Дури и да не е договорена таа е во интерес на двете страни“, вели во интервјуто Филипче. 

Венко Филипче
Венко Филипче вели дека во политичка смисла на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им одговараат наративите на меѓуетнички конфликт и дестабилизацијаФотографија: SDSM

Според претседателот на СДСМ, ваквите сценарија на ВМРО ДПМНЕ, познати од порано, штетно ќе влијаат на развојот на економијата и создаваат страв и конфузија кај граѓаните. 

„За жал, ваквите сценарија носат само застој во развојот на државата, на економијата, многу конфузија и страв кај граѓаните. Ништо добро не сме виделе од бескрајните меѓуетнички теми освен покачени тензии и назадување на дражвата. Но, добро е што за разлика од претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, сега граѓаните и стручната јавност многу рано ги препознава истите тактики, а со тоа и ефектот од нив е слаб“, вели Филипче.