1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Лавров во Советот за безбедност соочен со контраветер

ЕМФ | агенции
25 април 2023

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров го обвини Западот за хегемонијални планови и ја бранеше руската инвазија на Украина. Тоа наиде на многу контраветер и огорченост во Советот за безбедност на ОН.

https://p.dw.com/p/4QVpF
Сергеј Лавров во Њујорк допатува сам
Сергеј Лавров во Њујорк допатува самФотографија: John Minchillo/AP/picture alliance

Русија овој месец претседава со најважното тело на Обединетите нации. Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, кој во Њујорк допатува сам, го искористи настапот во СБ за да ја брани руската инвазија на Украина. Тој тврди дека НАТО со години ја загрозувал безбедноста на Русија во регионот.

„Се работи за тоа како ќе се градат меѓународните односи во иднина - со градење цврст консензус заснован на балансирање на интересите, или со агресивно и непредвидливо туркање на надмоќта на Вашингтон“, рече Лавров.

Состанокот на Советот за безбедностбеше свикан од страна на Русија, со оглед на тоа што земјата во моментов претседава со СБ. За многу земји темата на состанокот „Ефикасен мултилатерализам преку одбрана на принципите на Повелбата на ОН“, со оглед на руската инвазија на Украина, претставува провокација. Москва пак, се жали што САД не им издале виза на руските новинари кои требало да го придружуваат Лавров во Њујорк.

Рускиот министер за надворешни работи го обвини Западот дека сака да ја замени Повелбата на ОН како основа за меѓународниот поредок со сопствени правила и против волјата на остатокот од светот.

Обединетите Нации Сергеј Лавров Совет за безбедност
Рускиот министер за надворешни работи беше соочен со остри критики во најважното тело на ОНФотографија: John Minchillo/AP/picture alliance

 

Од страна на западните држави дојде остра критика. „Со планирањето на оваа дебата Русија се обидува да се претстави како бранител на Повелбата на Обединетите Нации и мултилатерализмот. Ништо не може да биде подалеку од вистината. Тоа е цинично“, изјави амбасадорот на ЕУ во ОН, Олоф Скоог. Според него, секој знае дека Русија со војната во Украина ги повредува основните начела на ОН кои Западот се обидува да ги одбрани.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш,потврди дека руската инвазија ја крши Повелбата на ОН и меѓународното право. И американската амбасадорка во ОН, Линда Томас-Гринфилд нагласи дека Москва ги повредува основните начела на ОН: „Додека седиме овде, агресијата продолжува. Додека седиме овде, руските сили продолжуваат да убиваат и повредуваат цивили. Додека седиме овде, руските сили ја уништуваат критичната инфраструктура на Украина. Додека седиме овде, се подготвуваме за наредната Буча, Мариупол, за следниот Херсон, за следното воено злосторство, за следното бескрупулозно злосторство“, рече Томас-Гринфилд.