1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курти на средба со Мицкоски - разговори за клучните правци?

5 август 2024

Посетата не е поврзана со минатонеделниот инцидент со косовската претседателка на скопскиот аеродром, бидејќи средбата била договорена на 20-ти јули, но ќе се најде меѓу темите.

https://p.dw.com/p/4j6ui
Премиерот на Косово, Албин Курти
Премиерот на Косово, Албин КуртиФотографија: Armend Nimani/AFP

Премиерот на Косово, Албин Курти, придружуван од министри денеска доаѓа во официјална посета на Северна Македонија на средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски.

На дневен ред во разговорите ќе бидат билатералните односи на двете земји, регионалната соработка и инфраструктурните проекти од интерес на двете држави. Оваа посета не е поврзана со минатонеделниот  инцидент со косовската претседателка Вјоса Османи  на скопскиот аеродром, бидејќи средбата била договорена на 20-ти јули, но ќе се најде меѓу темите од претходно подготвената агенда фокусирана на клучни билатерални прашања.

Мицкоски и Курти ќе имаат тет-а-тет средба, по која ќе се одржи билатерална средба каде што покрај нив ќе присуствуваат и владини делегации од двете страни, по што е предвидена е заедничка прес-конференција на двајцата премиери.

Пат и правец

Курти дојде во РСМ и во август минатата година,  кога ги посети само  општините Тетово и Чаир,  се сретна со претставници на опозициските партиии на Албанците, но не и со владејачките, ниту со претставници на тогашната влада. Неговите домаќини – градоначалниците на Тетово и Чаир беа критикувани поради  иконграфијата на дочекот на Курти,  кој помина без ниту еден државен симбол на РСМ.

Како формален повод за таа посета беше наведена соработка и поврзување и општините, како на пример, со делницата Тетово-Призрен. Истата делница ДУИ ја ветувала во програмата за четири изборни циклуси - од 2011 до 2020 година, но без резултат. Лани акцент беше ставен на значењето на тoj пат за поврзување на општините околу Шар Планина и соработката во планинскиот туризам, со оглед дека сегашниот пат од Тетово до Призрен се поминува за околу 3 часа, а со изградба на новиот би се поминувал за само 30 минути. Во 2021 година премиерите Заев и Курти потпишаа „Меморандум за разбирање“, со очекување дека изградбата ќе заврши во рок од 2-3 години, но тој рок помина без резултат.

Покрај разговори за инфраструктурни проекти, според искусни дипломати, на денешната средба би се разговарало и за генералниот правец по кој треба да се движат односите меѓу двете земји.

„Отворен Балкан“
Збогување со политиката на претходните влади на СДСМ и ДУИ, за тесна соработка со Србија на Вучиќ, вклучувајќи го и „Отворен Балкан“?Фотографија: Ladislav King/Government of North Macedonia

Македонскиот амбасадор, Мухамед Халили, оценува дека целта на посетата на Курти е продлабочување на соработката, но и збогување на Скопје од  иницијативата „Отворен Балкан“,  прифатена од претходната влада на СДСМ и ДУИ. Според Халили, главната порака би била дека политиката на Владата на РСМ треба да биде насочена кон поблиска економска, политичка, културна соработка со владите на Косово и Бугарија, наспроти политиката на претходните влади на СДСМ и ДУИ, за тесна соработка со Србија на Вучиќ, вклучувајќи го и „Отворен Балкан“.

„Мислам дека ова е главната порака и очекувам дека овие обиди ќе дадат резултати во иднина“, изјави Халили за весникот Лајм.

Софија (но и Атина) не кријат дека имаат отворен канал или топол ходник со Приштина, сметајќи дека за процесите кои нив ги засегаат во Скопје, Приштина би можела да има големо влијание преку албанскиот фактор во Северна Македонија.

Постојано имало несоодветно однесување

Сепак, за време на посетата, која следи неколку дена по инцидентот со претседателката Османи, не е исклучено да се разговара и за тој случај.  Курти досега  не даде никаква изјава за него, но косовското МНР испрати протесна нота до РСМ со барање за итно и целосно објаснување за тој инцидент, како и итни мерки за негово расветлување. Косовската министерка за надворешни работи Доника Гервала, која се очекува да биде во делегацијата, пред три дена во Приштина се сретна со македонскиот вицепремиер за политики за добро владеење Арбен Фетаи, кој таму беше на средба со косовскиот вицепремиер за европски интеграции, Бесник Бислими.

Аеродром Скопје Северна Македонија
Косово го окарактеризира настанот со Вјоса Османи на скопскиот аеродром како „дипломатски скандал“Фотографија: Petr Stojanovski

За инцидентот, кој Фетаи го опиша како настанат „помеѓу приватното обезбедување ангажирано од компанијата ТАВ и тимот на претседателката на Република Косово", тој ја информирал Гервала дека македонските институции ги спроведуваат потребните истраги и дека ќе има одговорност за секој прекршок, што може да се констатира од снимките на аеродромските камери.

Но наведе и дека ја слушнал загриженоста на министерката која го информирала дека во текот на годините постојано имало несоодветно однесување кон високите делегации на Република Косово од страна на безбедносниот персонал ангажиран во предметната компанија.

Не било првпат

Додека од Приштина се жалат на несоодветно однесување подолг период, и од партијата Левица наведуваат дека тоа не бил прв меѓународен инцидент на Вјоса Османи.

Косовската претседателка Вјоса Османи
Минатонеделниот  инцидент со косовската претседателка Вјоса Османи на скопскиот аеродром не бил прв со неа од ваков вид, истакнува ЛевицаФотографија: Visar Kryeziu/AP/picture alliance

„Ваков инцидент Османи предизвикала и со авиокомпаниите „Туркиш ерлајнс“ и „Аустријан ерлајнс“, при што компаниите не дозволиле авионите да полетаат сѐ додека не се испочитуваат меѓународните воздухопловни стандарди за цивилен соообраќај (и покрај инсистирањето на нејзиното обезбедување)“, наведоа од партијата.

Од Левица најавија дека ќе поднесат интерпелација за  претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши,  кој немал никаква надлежност да реагира во тој случај со неговото обезбедување, а од премиерот бараат да ги заштити домашните институции.

„Со тоа што Османи целосно ги заобиколила МВР и МНР и го повикала спикерот Гаши, се потврди дека  дел од оваа влада е директно контролирана од Курти.  Очекуваме на најавената средба Мицкоски - Курти, премиерот на македонската влада да застане во одбрана на македонските институции и јасно да го осуди ваквото скандалозно однесување на претседателката на Косово“, порачаа од Левица.