1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТехникаГлобално

Каде ќе падне вечер отпадот од вселената?

8 март 2024

Во текот на денов отфрлениот пакет батерии од Меѓународната вселенска станица треба да падне на Земјата. Ниеден дел од вселенскиот отпад веројатно нема да ја погоди Германија, но ни Балканот.

https://p.dw.com/p/4dJ99
Вселенски отпад од ИСС
Вселенски отпад од ИСС во текот на денов ќе падне на ЗемјатаФотографија: Nasa/dpa/picture alliance

Во делови од Германија во текот на вечерта можеби ќе се чуе тресок, можно е на небото да засвети како при пад на метеор. Зад овие можни феномени стои отфрлената батерија од  Меѓународната вселенска станица,  ИСС. По речиси три години во вселената, се очекува отпадот овој петок да ја погоди  Земјата.

Пред пакетот батерии да влезе во Земјината атмосфера, неколку пати ќе прелета над Германија - околу 18 часот, на потегот од покраината Сар преку Рајнланд Пфалц, Хесен, Тирингија до Саксонија. Отприлика еден и пол час подоцна, батеријата повторно ќе помине преку Германија и може да ја прелета Северна Рајна Вестфалија, Долна Саксонија и Саксонија. Конечно, отпадот би можел да ја прелета Германија трет пат на патот кон Земјината површина околу 21 часот. Но, последнава прогнозирана рута го засега само јужниот дел од Баден Виртемберг и мал дел од Баварија.

Отпадот веројатно ќе се урне во Северна Америка

Според пресметките на Германскиот центар за авионски и вселенски патувања, малку е веројатно дека делови од батерискиот отпад ќе паднат во Германија. Се очекува отпадот да влезе во атмосферата на северниот дел од Северна Америка. Невозможно е точно да се каже кога вселенскиот отпад ќе удри на површината на Земјата. Германскиот центар за авионски и вселенски патувања пресметал коридор од 20 часа во петокот вечерта, по средноевропско време, за повторно влегување во атмосферата. Значи, можно е отпадот да ја прелета Германија дури в сабота.

Каде со вселенскиот отпад?

Без оглед на многу нискиот ризик од опасност, Сојузната служба за заштита на населението и помош од катастрофи во четвртокот (7.03) испрати официјално предупредување за опасност преку неколку апликации за предупредување до граѓаните. Но, властите истакнуваат дека е малку веројатно дека делови од батеријата ќе паднат во Германија.

Тресок или светлина

Но, дури и ако вселенскиот отпад не ја погоди Германија, би можело да се види или чуе кога тој ќе ја прелетува. Според Сојузната служба за заштита на населението и помош од катастрофи, звучниот удар би можел да се чуе во одредените региони или да се види светлина.

Поранешниот претседател на Европската вселенска агенција (ЕСА), Јан Вернер исто така не исклучува можност отпадот да се види на небото. За новинската агенција ДПА тој изјави: „Факт е дека батериите согоруваат. Претпоставувам дека пакетот батерии целосно ќе согори во атмосферата. Можеби ќе се види светлина  како некоја комета,  прекрасна ѕвезда што паѓа.“

Платформата со батериски пакет намерно беше одвоена од  Меѓународната вселенска станица,  ИСС, во март 2021 година за по неколку години да влезе во атмосферата. Објектот е со големина на автомобил и тежок 2.600 килограми. Но, таа нема да падне како компактен дел на мало подрачје, туку според експертите, на висина од околу 100 километри од Земјата ќе се распадне на поедини делови кои како парчиња ќе паднат на површината.