1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кога мислам на Македонија во обично германско зимско утро

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
4 декември 2023

Македонија стана опасно место за живеење, во кое нема милост дури ни за најкревките - за децата. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/4Zk6j
Северна Македонија Скопје | Книга на жалост по убиството на Вања Ѓорчевска
Во училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ е отворена Книга на жалост по убиството на Вања ЃорчевскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Додуша германсково утро не е сосем обично. Денеска (4.12) е првиот понеделник во Адвент, а вчера, во самракот, падна и првиот снег. Сиот свет беше за миг станал зимска сказна. Сказните се невозможни без радосниот блесок во детските очи. Сакав да ја споделам во оваа колумна токму детската радост во германското секојдневие во овој период на годината, кога децата го чекаат Свети Никола на 6-ти декември (по новиот календар) и почетокот на четирите недели пред Божик. Сакав да пишувам за германскиот предбожиќeн панаѓур, за „Weihnachtsmarkt“. Сакав да пишувам за радоста што по четири години ни дојдоа на посета мили роднини од Скопје. Сакав да ја опишам речиси детската радост со која за нив ја купив малечката вртелешка, музичката кутија со божиќна музика, толку слична на вртелешката која вчера попладнето ја видовме на божиќниот панаѓур во соседството. Дечињата се збираа околу неа и чекаа со нетрпение да запре, за да се качат врз шарените кончиња. Слики од детството во Скопје ми долетаа, кога во скопските квартови, за децата, како вистинско чудо, ќе се појавеше вртелешката. Сакав да ја споделам мојата радост за ова време во годината во германското секојдневие, во кое низ убави стари ритуали во фамилиите се дели радоста во очекувањето на празникот на Христовото раѓање.

Денес е стравотен ден за Македонија

Но, како да пишувам за тоа за читателите во земјата, во која е убиено невино дете, најверојатно поради алчност и омраза? Во најобично скопско утро, кога никој не може да поверува дека пред зградата врз децата демне злото. Во најграѓанскиот скопски кварт, во срцето на Скопје - Дебар Маало. Какви изроди роди транцизијата во таа малечка земја, во која небаре секој секого знае? Во која мојата генерација порасна во домови, чии врати никогаш не се заклучуваа. Сепак, има болни вистини кои одамна ги согледувам кога мислам на Македонија. Одовде, од моето германско секојдневие. Денес е стравотен ден за Македонија затоа што стравот се вселува во детското секојдневие. Тоа е најголемата катастрофа за македонското општество. Кој родител може да биде спокоен денес, додека го испраќа детето во училиште? Какви монструми може да бидат луѓето кои демнат врз дете пред влезот?

Кица Колбе
Кица КолбеФотографија: Privat

Притоа, Македонија е малечок свет. Сите жители на македонската држава не се повеќе од жителите на градот Келн. А зошто е толку тешко таа мала држава да функционира како што функционира оваа метропола? Како можеше во толку кусо време да се рашири толку многу злоба и алчност, толку суровост и бруталност, толку егоизам и криминал во тој толку мал свет? Можеби тоа беше можно затоа што македонското секојдневие одамна функционира по законите на хаосот и безредието. Секој Македонец со кого зборувам, го потврдува тоа. Сите знаеле дека државата пропаѓала. Дека првата грижа на политичарите не била грижата за редот и стабилноста, за општото добро, туку како тие самите побрзо да се збогателе. Никој веќе не се згрозува во таа малечка земја, во која и криминалците во политиката се викаат само на име, дека жртвите на омразата и на моралниот распад се токму децата. Возрасните дефетистички го прифаќаат сознанието дека за децата нема иднина во Македонија. Дека тие треба уште во основното да почнат да рамислуваат да си заминат во странство.

Возрасните забораваат дека децата немаат заштитни механизми

Не знам колку на возрасните им е јасно дека бруталното македонско секојдневие создава страв особено кај чувствителните деца. Тие знаат дека не сакаат засекогаш да останат во таква околина. А нивните родители, кои треба да ги заштитат, со својот очај само им потврдуваат дека во Македонија никогаш немало да се смени ништо на подобро. Меѓутоа, ако се зли сите околу вас, не значи дека морално совесните треба да капитулираат пред силата на злото. Тие тогаш треба уште посилно да му се спротивстават на злото со силата на доброто и на граѓанската одговорност. Многу е значајно возрасните тоа на децата да им го покажат со своето одесување, зашто само така тие ќе имаат надеж и верба во иднината. Затоа што првите искуства на децата со возрасните се тоа од што тие ја градат својата слика за светот. Сиот хаос, сиот страв во кој се одвива македонското секојдневие, сета омраза и алчност која владее во меѓучовечките односи, ја препознаваат и децата. Возрасните забораваат дека децата немаат заштитни механизми. Нивната заштита се токму возрасните. Кога тие се толку зли, што можат да убијат деца, тогаш е нарушен темелот на хуманоста.

Но, каква заштита им сугерира на децата општеството, во кое политиката и медиумите безмислосно ги поттикнуваат расцепите со партиска или патриотска реторика? Кога речникот на родителите е преполн со омраза кон другиот, кон оној од другата партија или од другиот етнос? Доминантниот речник во комуникацијата во Македонија е одамна деструктивен. Првата жртва на транзицијата беше токму моралниот кодекс на заедничкото живеење. Во виорот на алчнста и омразата, возрасните ги беа заборавиле децата. Тие кои би требало да се грижат за нив. Политичарите, премиерите и министрите, учителите и професорите, новинарите и лекарите, судиите и правниците. Тие забораваа кои се плодовите на моралното распаѓање во многу сфери од животот. Многумина кои би требало да работат и делуваат според моралниот кодекс на кој ги обврзува нивната професија, во македонското општество во последните години самите помагаа да расте злобата и омрзата. Македонија стана опасно место за живеење, во кое нема милост дури ни за најкревките - за децата. Одамна никој не се чувствува должен да служи на општото добро, на највискоиот државен и граѓански интерес, на нормалниот животен ред. А без морална совест и граѓанска одговорност не може нормално да функционира ниту едно општество.

Кулминација на морално распаѓање на македонското општество

Земјата од која потекнувам одамна не е нормално општество, но најсилно тоа го чувствувам ова утро. Македонија тагува по незамисливата смрт на дете! Кога омразата станува редот на животот, тој тогаш ја одзема најневината жртва. Децата кои заедницата треба да ги заштитува на сите можни начини. За да можат без страв да излезат на улица. За да бидат безбедни на патот до училиштето. Таму, каде што владеат партиските, политичките, етничките и патриотските расцепи, таму децата се најранливите жртви. Меѓутоа, токму преку заштитата на децата се покажува хуманоста на една заедница. Во болното општество, во кое највисоката вредност се парите и моќта, првата жртва се секогаш најкревките - децата и жените, старите и болните. Кон сите овие категории, многумина од надлежните во македонското општество одамна се однесуваат неодговорно. Сепак, ова крволочно убиство е кулминацијата на сето морално распаѓање на македонското општество.

Сите идеали на овој свет не се вредни колку солзата на дететото, предупредуваше Достоевски. Уште помалку сите пороци на овој свет, како алчноста и криминалот. Крајно време е за темелни промени и за вистинска морална преобразба во македонското општество. Тоа сите македонски граѓани, независно до етничката припадност, им го должат на своите деца и внуците.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема