1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Првоосомничениот за убиството на Вања Ѓорчевска е во бегство

БГ
4 декември 2023

Полицијата трага по првоосомничениот за убиството на 14-годишното девојче со иницијали Љ.П. и прекар П. Тројцата помагачи го признале делото

https://p.dw.com/p/4ZjMv
Вања Ѓорчевска
По убиената Вања Ѓорчевска се трагаше седум денаФотографија: Nordmazedonien Innenministerium

Полицијата трага по лицето Љ.П. од Скопје кој се смета за главен организатор и осомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Првоосомничениот избегал од државата, а трагата му се губи во Србија, велат извори од истрагата за ДВ. Во моментов не се знае каде е, и по него се трага. 

Трите лица кои се приведени како осомничени за киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска се негови блиски соработници и во политичката партија „Десна“, која Љ.П. ја предводи. Петтото лице вмешано во случајот не е приведено, но е задржано на распит во полициска станица. 

Во неделата вечерта, полицијата и обвинителството соопштија дека го пронашле безживотното тело на 14-годишната Вања Ѓорчевска во околината на Скопје. Девојчето, по кое полицијата трагаше седум дена, било убиено само неколку часа откако било киднапирано од пред својот дом во Скопје, во понеделникот на 27 ноември. Од киднапирањето на Ѓорчевска до нејзиното убиство минале околу 2,5 часа. 

Две убиства со ист мотив 

Истата група од четири лица се осомничени и за убиството на 74-годишниот Панче Жежовски д Велес кое било пријавено за исчезнато на 24 ноември годинава. Неговото безживотно тело било пронајдено во околината на Велес. 

„Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“. соопшти полицијата. 

Првоосомничениот Љ.П. бил активен на социјалните мрежи се до петокот на 1 декември. На неговата Фејсбук страница можат да се видат постови на политички теми, како и видео на кое тој зборува на различни актуелни теми. Љ.П. постирал секојдневно, пред и по убиството на Ѓорчевска, освен на самиот ден 27 ноември кога, според полициските наводи, таа била убиена. 

Убиство од користољубие 

За делото „убиство од користољубие“ македонскиот Кривичен законик предвидува казна затвор од 10 години до доживотно. Во повеќе медиуми во земјата кружат информации дека осомничените ги извршиле убиствата заради стекнување имотна и материјална корист, а се споменува и изнуда. 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и првиот човек на скопското јавно обвинителство Гаврил Бубевски за понеделник закажаа прес-конференција на која треба да се откријат повеќе детали за убиствата и улогата на поединци во нив. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема