1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиМароко

Земјотрес: Зошто Мароко не прифаќа помош од секого?

Катрин Шаер
14 септември 2023

Дали политиката го наведе Мароко да прифати само малку понуди за меѓународна помош по смртоносниот земјотрес? Насоките за меѓународна реакција при катастрофи, покажуваат дека има повеќе можни причини за таквата одлука.

https://p.dw.com/p/4WHwb
Над 2.800 луѓе загинаа во земјотресот во Мароко, а илјадници други се повредени
Над 2.800 луѓе загинаа во земјотресот во Мароко, а илјадници други се повредени Фотографија: Nacho Doce/REUTERS

Видеата на социјалните мрежи се мачни за гледање. „Нема никој овде да ни помогне“, налутено вели еден постар маж во село во близина на преминот Тизи Н'Тест во планините Атлас во Мароко. Околу него има, црвена нечистотија и шут каде што порано стоеле куќи, сите уништени од земјотресот кој ја погоди областа вечерта во минатиот петок (8 септември, 2023)

Тој, неговиот син и уште петмина се обидувале да ги спасат соседите од под срушените згради, му вели на снимателот, кој го објави видеото на Јутјуб.

„Многу жртви само лежеа под урнатините додека не умреа“, вели човекот.

Овие повици за помош ги наведоа Мароканците да ги доведат во прашање одлуките на сопствената влада. Тие прашуваат зошто досега прифатила помош само од четири земји - Обединетите Арапски Емирати, Шпанија, Катар и од Велика Британија - по земјотресот во кој загинаа над 2.800 луѓе. Понудите од околу 60 други земји не беа прифатени.

Тоа предизвика големо внимание во меѓународните медиуми, па дури и ги натера француската и германската влада јавно да демантираат дека одбивањето на нивните понуди за помош од трана на Мароко било политички мотивирано. Мароканските власти изразија незадоволство ваквите контроверзи и рекоа дека Французите ги третираат како да се заостанати, објави францускиот весник „Монд“ неделава.

Шпанија е една од четирите земји што испраќаат спасувачи во Мароко - двете држави имаат добри односи
Шпанија е една од четирите земји што испраќаат спасувачи во Мароко - двете држави имаат добри односиФотографија: AFP/Getty Images

Како суверена земја, Мароко е „господар на сопствените избори, кои мораат да се почитуваат“, рече француската министерка за надворешни работи Катрин Колона во врска со шпекулациите дека компликуваната состојба на дипломатските односи меѓу двете нации предизвика Мароко да ја отфрли помошта од Франција. Ова е „целосно непримерна кавга“, рече Колона.

Експертите за помош при катастрофи се согласуваат: Иако е точно дека меѓународните напори за спасување се секогаш политички на некој начин, тие се, исто така, компликувани, вклучувајќи десетици различни актери, а, и многу зависат и од други околности.

Идеално, меѓународните напори за спасување треба да се координираат согласно листата на насоки подготвени од Црвениот крст и од Црвената полумесечина меѓу 2001 и 2007 година. Тие се осврнуваат на некои од поблемите кои ги попречуваа меѓународните спасувачки операции во минатото. Тие, исто така, наведуваат дека секој одговор при катастрофи секогаш треба да започне со домашни напори и дека меѓународните спасувачи треба да влезат во земјата само кога се поканети.

Како се добива покана за помош?

Прво, постои разлика помеѓу приватните, невладините и добротворните организации, од една страна и оние кои се државно финансирани финансирани, како спасувачкиот тим на германската Сојузна агенција за техничка помош.

Зависи од ситуацијата, но приватните групи може да започнат дури и без покана. На пример, бидејќи Европејците можат да добијат виза при пристигнувањето во Мароко, а аеродромот беше безбеден и отворен, организацијата „Лекари без граници“, можеше да испратат луѓе во Мароко веќе во саботата.

Тие патуваат како приватни граѓани, објаснува Кристијан Кацер, директор на „Лекари без граници“ во Германија, „и тие главно се таму за брзо да ја проценат ситуацијата за да видат дали има потреба од наша помош“.

Земјотрес во Мароко: Страдањата на преживеаните

Поинаков е случајот за државно финансираните организации и тела, како Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OЦХA). Тие се придржуваат до меѓународните правила за државниот суверенитет и не можат да влезат без покана. Но, телата како OЦХA, која игра голема улога во меѓународната реакција за итни случаи, често веќе имаат вработени во погодената земја.

Какви понуди за помош се прифаќаат?

Кои понуди за помош ќе бидат прифатени зависи од различни фактори. Тоа може да зависи од самата катастрофа. На пример, колку е распространета штетата?

Во случајот катастрофалниот земјотрес во Турција и во Сирија, во февруари годинава, во кој загинаа околу 50.000 луѓе, турската влада за неколку часа го активира мултилатералниот систем на ИНСАРАГ. На крајот, 49 од 57 тимови влегоа во погодените подрачја во земјата со околу 3.500 луѓе плус кучиња спасувачи. Позната како Меѓународна советодавна група за пребарување и спасување, или ИНСАРАГ, групата има 90 земји членки и координира 57 специјализирани тимови за урбано пребарување и спасување. Мароко има спасувачки тим акредитиран од ИСАРАГ од 2014 година, а локалните спасувачи мораа да полагаат испит кој траеше околу 70 часа пред да им биде дозволено да учествуваат.

По земјотресот во петокот (8 септември, 2023), Мароко ја испрати својата војска да им помогне на жртвите и објасни дека не сака премногу меѓународни спасувачки тимови бидејќи тоа може да доведе до „контрапродуктивен“ недостаток на координација. Во 2004 година, по еден помал  земјотрес во Мароко, летовите со помош наводно ги заглавиле локалните аеродроми, а спасувачките тимови ги оштетиле патиштата. Неделава веќе се покажува тешко за спасувачите да минуваат низ мали, неасфалтирани и сега веќе и оштетени патишта до најпогодените планински села.

Војската на Мароко ги предводи спасувачките напори
Војската на Мароко ги предводи спасувачките напориФотографија: Jean-Baptiste Quentin/dpa/MAXPPP/picture alliance

Политиката, исто така, влијае на одлуките за помош

Поканите се секако и политички. На пример, земјите може да имаат билатерални договори за да си помагаат една на друга во итен случај. Има и регионални договори. На пример, Европската унија има Механизам за цивилна заштита на ЕУ, а АСЕАН, Асоцијацијата на држави од Југоисточна Азија, има сличен договор.

Се разбира, може да има и попроблематична политика во игра. Во февруари, фактот што ОН ги одложи напорите за помош при земјотресот во Сирија бидејќи чекаше покана од бруталниот диктатор на земјата, Башар ал-Асад, веројатно чинеше повеќе животи.

По земјотресот во Јапонија во 2011 година, азиската држава прифати помош само од 24 држави и региони, иако 163 понудија помош, забележа еден истражувач во 2014 година. Внатрешната политика одигра улога, велат критичарите, а Јапонија веќе беше добро позната по бирократските одложувања кога станува збор за давањето дозвола за влез на странски спасувачки тимови. Два дена по земјотресот во 2011 година, швајцарските спасувачи, кои беа меѓу првите што пристигнаа во земјата, сè уште чекаа дозвола да ги внесат своите кучиња за трагање и спасување на преживеани.

Јапонија во 2011 година: Земјата веќе имаше долга историја на бирократија што ја забавуваше спасувачката помош од странство
Јапонија во 2011 година: Земјата веќе имаше долга историја на бирократија што ја забавуваше спасувачката помош од странствоФотографија: Toshifumi Kitamura/AFP/Getty Images

Сепак, и покрај насловите во медиумите за тоа дали Мароко треба да прифати поголема меѓународна помош, повеќето експерти со контакти на теренот во моментов не сакаат да го критикуваат официјален Рабат и би зборувале само за ова само неофицијално.

„Постојат екстремни примери“, објаснува еден експерт за одговор при катастрофи, „каде што владата не би сакала да соработува со хуманитарните организации и повеќе би сакала да ги остави своите луѓе да страдаат. Во некои случаи, исто така, постои воздржаност да се бара помош бидејќи постои верување дека со тоа државата ќе изгледа слабо“.

Но, ова е повеќе случај во екстремно авторитарни држави, забележуваат експертите. Всушност, тие очекуваат повеќе хуманитарни организации да можат да влезат во Мароко во блиска иднина по завршувањето на првичните спасувачки напори во катастрофата.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи