1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како го замразив Ибзен

16 ноември 2023

Победата на командантите стави крај на златната генерација на албанските уметници, интелектуалци од Скопје. Пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/4YsEI
Театар
Секоја албанска институција во Скопје имаше свои доајени, но Албанскиот театар беше расадник на уметници изделкани низ сценски и животни драмиФотографија: picture-alliance/dpa

Низ Скопје секогаш живуркале мали боемско-уметнички катчиња каде се собираа уметници, писатели, сликари како оази среде едноумието. Ентеријерот секогаш ист, коцкести чаршафи, стаклени пепелници, солници со бокалчиња за зејтин и оцет, филџани декорирани со тенка сина линија. Амбиентот, исто така, диктиран од келнерот во црно-бело, диксретно необричен, со поглед од високо и превентивна дистанца од „не се знае на која нога станале попладнево уметнициве”. Таков беше Клубот на писатели, такви беа бифеата на нашите театри, такво беше и бифето на Театарот на народностите. Можеби дури и повеќе од другите, бивајќи единствениот боемско катче на тивка слобода.

Духот на тие мали оази беше одржуван од актерите, режисерите, сценаристите, драматурзите, кореографите, сценографите. Бифето сеуште опстојува во Албанскиот театар во Скопје, но духот е одамна истиснат, избришан, егзорциран, успешно отфрлен. Опстои кај овие мои постари генерации кои ги паметат тие години од пред три децении. Неодамна бев потсетен на тие денови преку разговорот со познаник кој со носталгија измешана со колективен срам ми кажуваше дека во неговото соседство живее Елхаме Емини, сега во одминати години, но секогаш средена, пријатна, дамски мила и љубезна додека наутро купува во маалската бакалница.

Заборавените театарски доајени

Кој денес се сеќава на Силвана Бајчиновци? Би рекле, ретко кој. И би згрешиле. Бидејќи секој кој сеуште ги памети осумдесеттите, дури и седумдесеттите, неминовно со ширум отворени очи и насмевка ќе се потсети на прекрасната, преубава, стоична актерка Силвана Бајчиновци, доајен на албанската драма заедно со актерката Елхаме Емини, албански првенки на сценските уметности во Македонија. Деновиве низ разговори ги потсетував соговорниците дали се сеќаваат на нив. Речиси сите, до еден, со топла насмевка на изненадување и навраќање во младоста, одговараа со „дааа, како не се сеќаваме не нив, кој може да ги заборави”. За после неколку секунди гледање во празно, да запрашаат - „но, каде се тие луѓе, каде ги снема?”

Одговорот е: таму каде што ги снема и нив две и останатите доајени и основоположители на Театарот при Бит Пазар - од Лезе Томи до Мејди Бајрактари, од Антоанета Ковачевиќ до Зија Бериша. Таму каде што потона сеќавањето за претставата Нита од 1980 година со учество на Серафим Франко и Ксенофон Дило од Албанија и водечки улоги на Сефедин Нуредини и Елхаме Билали. Како и сите премиерни претстави од Софокле, Нушиќ, Пашко, Шекспир. Заедно со танцовите уметници од Ибе Паликуќа, Емин Дураку, двете културно-уметнички друштва во кои танцуваа најубавите скопјанки и најстројните млади скопјани, на чии кореографии и умешности им завидуваа и во Приштина. Со иста судбина како и списанијата за пионери или уметничкиот периодичен магазин Јехона. Заборавени во времињата кога основното училиште Лирија беше водечко според бројните активности, додека пак кошаркарите од  Зеф Љуш Марку  секогаш беа во финалето на кошаркарските средношколски шампионати. Останати се неколку касети кои кружат со гласовите на Шпенд, Сеад, Исмет од Телекс, некаде од раните осумдесетти, кога Зија Бериша го пишуваше текстот на Косовска на Бијело Дугме, а неговиот син со една рака ги бараше акордите а со друга ја лулкаше Ерзана Бериша.

Верувале или не, со денови се обидувам на интернет да најдам барем една единствена слика на Силвана Бајчиновци. Попусто. Дури и самото нејзино име почесто е наведено низ македонски отколку албански сајтови. Во морето на пластични сурати, ботомизирани гримаси, нема една единствена слика на таа класична убавина, не помала од онаа на Мелина Меркури, Ирена Папас. Силвана е сеуште со нас, оставена сама на буиците на суровиот живот, тивка или замолкната, секако не заборавена, но сепак изумена од нашите сеќавања и од нашите благодарности за нејзиното макотрпно градење на патеките за генерациите кои неблагодарно ќе следат.

Новите политики по 2001 година

Сите овие ликови – а убеден сум дека има и двојно повеќе такви во македонскиот културен универзум – беа на овој или оној начин активни, присутни во јавноста, не толку често но се појавуваа во театарското бифе. И одеднаш, речиси по команда, ги снема од уметноста, јавноста, даските, екраните и нашите животи. Но, како што секој драматург ќе потврди, во театарот и молкот има гласна функција. Па затоа, гледано наназад, приказната за нивно снемување – поточно, прогон – од јавноста, не се должи само на нивните возрасти, уште помалку на неспособности. Нивниот прогон од јавноста не беше спонтан, секако. И што повеќе размислувам за нив, се повеќе сум убеден дека нивното исчезнување беше дел од новите политики кои уследија по 2001 година.

Актерството, уметноста е ужасно компетитивна дисциплина, полна со зависти, споредби, натпревари. Доајенството не е само титулар, туку е вредносна квалификација на потврда на спремноста да во момент се изрецитира Шекспир, потврда на познавање на секоја шкрипечка даска на сцената, секој замаглен рефлектор и одек од секое катче на театарската сала. Секоја албанска институција во Скопје, имаше свои доајени, но Албанскиот театар беше расадник на уметници изделкани низ сценски и животни драми. Таа мала, компактна, но истакната и поголема од Скопје групација на уметници и интелектуалци во деведесеттите имаа неколку години на дишење на слободата со полни гради. Особено по мачните, мрачни осумдесетти кога беа прогонувани од полицијата, шпионската агентура, идео-политичката џандармерија во потрага по албанските иредентисти и сепаратисти. Уметниците беа први на заб, вечни актери кои десетици години катадневно беа соочувани со животот кој ја имитира судбината на сомнителни лица.

Во деведесеттите, голем број од тие актери, уметници беа спремни, жедни и восхитени од можноста да допринесат кон демократијата и новостекнатите слободи. Знам, бидејќи директно сведочев и се сеќавав на вербата на госпоѓа Бајчиновци во младите Албанци и Албанки. Како минуваат годините, овие уметници се соочуваа со горчината дека театарските режисери се заменети со политикантски сценаристи и мизанскенски кореографи со кои не можат ни да се носат, камо ли да се разберат.

Победата на командантите стави крај на таа златна генерација на албанските уметници, интелектуалци од Скопје, започната уште од времето на семејството Бојаџиу или Киријази. Тетатарот почна да тоне, првично во темница на исклучена струја, па во сивило на потпросечноста. На влезот се отвараа менувачници, а во бифето почнаа да служат руски чај. На сите ни беше јасно: уметноста веќе не е добредојдена во таа зграда.

Некои самопрогласени „бардови” на албанскиот театар ја разбраа промената на играта и се поврзаа со локалните шерифи кои им даваа ексклузивни кредити, а тие за возврат со громки гласови ги споредуваа командантите со историски ликови. Одвреме навреме, партијата ќе нарачаше некоја награда од институциите, одвреме навреме на некој „КПГТфестивал на Хамлет од Мал Луг” ќе им се дадеше некоја бокал-награда за која тие ќе глумеа потресеност и изненаденост од „укажаната чест”. Одвреме и почесто ги гледавме по ресторани како карши локалниот командант ги оговараат актерките и ги исмејуваат колегите. Барем со публиката имаа реципрочен однос – ниту им беше важно за публиката, ниту пак публиката некогаш ги ценеше таквите брадосани, провинциски „бардови” од Огранокот.

Новите политички сили бараа нови уметнички ликови. По можност убавички. По можност, професијата актер да им биде хоби а умилкувањето и „ескорт сервисерството” им биде професија. Но, за нивниот подем постоеше еден мал предуслов: бришење до заборав на доајените кои со самото постоење и сеќавање на публиката, ја негираа и исмејуваа желбата на новопечените уметници да бидат доајени без репертоар. Додуша, таа елиминација заради промоција не беше резервирана само за актерите и уметниците. Под команда на Али Ахмети и ДУИ и нивната убеденост дека „пред да дојдат тие, Албанците во Скопје не смееле да зборуваат на албански”, во Скопје се одвиваше тивка но бездушна, сирова и сурова, системска и систематична чистка на секој квалитет, секоја истакнатост, секаков авторите кој пречеше на воспоставувањето на новите култ-личности од командантските, политичките и удбашките редови. На доајените им беше широко дозволено да не заминат во смрт. Но за секој уметник закинат, забранет од светлата на сцената, аплаузот на публиката таквата широкогорадост е сведена на вегетирање во темница.

Некогаш, Силвана и Елхаме умееја монологот да го искажат со речиси шепотливо растреперен глас и предизвикаат катарза во опчинетата публика. Некогаш Сефедин со дискретно-благо движење на раката изглуми аскерска команда и ја пренесе строгоста и стравопочитот на карактерот. Некогаш. Денес, чиниш дека и контемплативната дилема „да се биде или не”, новите актери не можат да ја искажат без да си ги ококорат очите со гаргантуовски гримаси и акробатски искривени тела, да не знаеш дали глумат во Хамлет или во Ричард Третиот. Некогаш неколку копчиња помалку и неколку сантиметри покусо беше доволно да се пренесе еротиката на затемнетата сцена. Денес, мислиш дека и монологот на Магбет е неизводлив доколку актерката не си ги покаже новите нарачки од Викторија Оризаре Сикрет со се расчаталени нозе, проститутни мрежа чорапи и гримаси на конкубина облепена со пластелин. Некогаш, режисерите го симнуваа Софокле од небеси за да биде учител сред маси. Денес, режисерите уште од средно-училиште „го разбираат, толкуваат и интерпретираат” Ибзен како никој друг досега, па дури ни самиот Ибзен.

Поради нив, таквите, го замразив Ибзен – ни крив ни должен. Туку поради неговата експлоатација од прет-а-портер интерпретатори кои ја експлоатираат неговата „авангардна апстракција” за да ја прикријат сопствената креативна „аматерска атрофија”. Поради таквите, авангардноста ја изгуби смислата. И ја воскресна старомодноста како потсетување за модернизмот кој штотуку почна да дише и беше загушен од „диктатурата на командантијатот”. Публиката со почит и доблест се сеќава на уметниците со кои споделува почит. Можеби, време е животот да ја имитира уметноста и не заживее таму каде што беше прекината претставата на Силвана, Елхаме, Антоанета, Лезе, Зија, Мејди ... Ним, и на сите доајени, им аплаудирам и фрлам цвеќе пред нозе. Encore, Maestro!

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема