1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Израел тврди дека презел контрола над коридор кон Египет

ЕМФ | Тагесшау
30 мај 2024

Израел, според сопствени наводи, презел контрола над граничен коридор кон Египет долг 14 километри, каде што се претпоставува дека има тунел на Хамас. Египет го негира тоа.

https://p.dw.com/p/4gRLN
Дел од границата помеѓу Појасот Газа и Египет
Дел од границата помеѓу Појасот Газа и ЕгипетФотографија: Mohammed Abed/AFP/Getty Images

Израелската армија соопшти дека презела контрола над граничен коридор меѓу Појасот Газа и Египет долг 14 километри. Таканаречениот коридор Филаделфи служи како линија за снабдување на терористичката милиција, преку која редовно се шверцува оружје во Појасот Газа, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари. Во оваа област, според него, армијата досега има лоцирано околу 20 тунели кои водат кон Египет. Откриени се и 82 тунелски шахти.

Во поголемиот дел од коридорот се стационирани израелски војници, објавија неколку медиуми, повикувајќи се на извори во армијата. Некои од тунелите веќе ѝ биле познати на војската, други сега се откриени за првпат. Некои од тунелите, како што се вели, се веќе кренати во воздух и се додава дека Израел го информирал својот сосед Египет за ова. Израелската војска соопштува и дека долж коридорот Филаделфи открила десетици ракетни фрлачи на Хамас. Изјавите на армијата во моментов не можат да бидат проверени од независни извори.

Египет ги отфрла извештаите

Но, Египет се спротивставува на ваквиот опис на работите од страна на израелската армија. Според висок извор, нема „ништо точно“ во медиумските извештаи за постоење на тунели на египетската граница со Појасот Газа, објави египетскиот државен информативен канал Ал-Кахера Њус ТВ. Како што се вели од египетска страна, постојат „продолжени израелски обиди да шири лаги за ситуацијата на своите сили во Рафах во јужниот дел на Појасот Газа“.

Израел продолжува со офанзивата и покрај пресудата на МСП

На почетокот на мај, израелските војници влегоа во делови од градот Рафах во јужниот дел на Појасот Газа. Тие го зазедоа единствениот граничен премин кон Египет од палестинска страна. Операцијата на Израел во Рафах наиде на силни меѓународни критики бидејќи таму престојуваат стотици илјади палестински внатрешно раселени бегалци. Минатата недела Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг го повика Израел веднаш да ја прекине офанзивата во Рафах, но земјата продолжува со своите операции таму.