1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТајван

Избори во Тајван: Односите со Кина- најконтроверзна тема

Данг Јуан
13 јануари 2024

Тајван, кој официјално се нарекува Република Кина денеска (13.01.2024) избира нов претседател. Односите со Народна Република Кина беа жешка тема во изборната кампања. Правно погледнато, статус-кво е единствената опција.

https://p.dw.com/p/4bAMW
Претседателските кандидати на Тајван Вилијам Лаи Чин-те (ДПП), Хоу Ју-их (КМТ) и Ко Вен-је (ТПП) (од лево кон десно)
Претседателските кандидати на Тајван Вилијам Лаи Чин-те (ДПП), Хоу Ју-их (КМТ) и Ко Вен-је (ТПП) (од лево кон десно)Фотографија: Pei Chen/AP/picture alliance

„Дали сте посветени на Уставот на Република Кина?“, праша новинарката за време на телевизиската дебата во живо со претседателските кандидати.

А, во прашањето навистина е сè. Имено, станува збор за односите меѓу Тајван и копното, меѓу Република Кина (РК) и Народна Република Кина (НРК). Станува збор за правниот простор за маневрирање во обликувањето на овие односи, кои во најлош случај имаат потенцијал да предизвикаат светска војна во 21 век.

Тајван е составен дел од светата територија на Кина

Република Кина/Тајван е во голема мерка изолирана според меѓународното право. Обединетите нации и повеќето земји ширум светот ја признаа Народна Република Кина како единствена легитимна влада на Кина од 1971 година. Како и Германија, тие немаат дипломатски односи со Република Кина/Тајван. Само 13 земји го признаваат Тајван. Тоа се претежно помали земји во Латинска Америка и од Пацификот - плус Светата столица во Ватикан.

Народна Република Кина го смета Тајван за отцепена провинција. Уставот на Народна Република Кина во преамбулата пропишува: „Тајван е составен дел на светата територија на Народна Република Кина“.

Пасош на Република Кина/Тајван
Пасош на Република Кина/ТајванФотографија: Ampersand

Затоа на копното не се зборува за претстојните „претседателски избори“, туку само за „регионални избори во Тајван“. Во очите на Пекинг, терминот „Тајван" е политички стимул. Тоа имплицира став на политичките сили на островот кои се стремат кон независност. Бидејќи, во меѓународните организации, Тајван се нарекува „Кинески Тајпеј" како и во Меѓународниот олимписки комитет (МОК) или како „посебна царинска територија на Тајван, Пенгу, Кинмен и Мацу“ во Светската трговска организација (СТО). Ова се имињата на Тајван плус три острови.

Во 2005 година, врз основа на Уставот на Народната Република, Националниот народен конгрес, псевдо-парламент во Пекинг, одобри „закон против отцепување“ кој ја легитимира употребата на сила за освојување на Тајван доколку островот прогласи независност. Бројни проектили се веќе насочени кон стратешките цели во Тајван. Кинески борбени авиони повеќепати ја поминуваат таканаречената централна линија во теснецот меѓу копното и островите.

Прогласување независност не е во согласност со сопствениот Устав

Верзијата на Уставот на Република Кина од 1947 година се применува на Тајван. По завршувањето на Втората светска војна во Азија во 1945 година, Националната народна партија (КМТ) предводена од основачот на земјата Сун Јат-сен водеше граѓанска војна против комунистите под водство на Мао Це Тунг уште четири години. По губењето на војната, КМТ се повлече на островот Тајван во 1949 година.

Уставот на Република Кина не ја дефинираше границата на земјата. Членот 4 од 1947 година, кој и денес е во сила, предвидува: „Територијата на Република Кина во нејзините постојни национални граници нема да се менува освен со одлука на Националното собрание“.

Од 1947 година, Народното собрание на Република Кина/Тајван нема донесено резолуција за националната граница. Тоа значи дека, според важечкиот устав од 1947 година, и копното е дел од Република Кина. Така, прогласувањето независност на Тајван би било неконзистентно со неговиот устав. 

Предизборни плакати во Тајпеј: на 13 јануари, 2024 граѓаните на Тајван избираат нов претседател
Предизборни плакати во Тајпеј: на 13 јануари, 2024 граѓаните на Тајван избираат нов претседателФотографија: Ichiro Ohara/Yomiuri Shimbun/AP Photo/picture alliance

САД како светец заштитник

Кога Соединетите Американски Држави воспоставија дипломатски односи со Народна Република Кина во 1979 година, американскиот Конгрес во април го усвои Законот за односи со Тајван. Законот создава основа за проформа односи со владата во Тајпеј. Исто така, бара од американската влада „да го снабдува Тајван со оружје од одбранбена природа“ и „да ја одржи способноста на САД да се спротивстават на каква било употреба на сила или други форми на принуда што може да ја загрози безбедноста на Тајван“.

Ако Народната Република прва го нападне Тајван, Соединетите Држави нема да бидат обврзани воено да го бранат Тајван. Сепак, во Вашингтон би имало и дискусии за тоа дали Белата куќа треба поексплицитно да се посвети на одбраната на Тајван.

„Заднината на овие дискусии е широко распространетата перцепција во Вашингтон дека рамнотежата на воената моќ во Азија се менува во корист на Кина“, пишува политикологот Марко Оверхаус од Берлинската фондација за наука и политика. „Покрај тоа, Кина инвестираше во балистички и крстаречки ракети со години. Тоа би им отежнало на САД да му помогнат на Тајван во случај на конфликт.“

Квадратура на кругот

Меѓутоа, да се вратиме на почетокот на приказната и на спорното прашање на најперспективниот кандидат на владејачката ДПП, Лаи Чинг-те.

Тој одговори како и обично и го сведе уставот на државно загарантираните граѓански права и на демократската форма на владеење. „Во пракса, на Тајван моментално се применуваат само амандмани на уставот“, објасни Лаи. Лаи веќе беше на удар во 2017 година. Поради една изјава, тој беше обвинет дека се залага за „независност на Тајван“. 

Жешка тема во изборната кампања: Како да се однесува Тајпеј кон Пекинг?
Жешка тема во изборната кампања: Како да се однесува Тајпеј кон Пекинг?Фотографија: Pei Chen/AP/picture alliance

Кандидатот на опозициската КМТ, Хоу Ју-их, вели дека уставот е врежан во неговото срце. Мирна кохезија би можела да се постигне само ако спротивставените страни „ниту го признаат, ниту го негираат суверенитетот на непријателот“.

Третиот кандидат, Ко Вен-је, реторички одговори на прашањето: „Ние тројца не се кандидираме за гувернер на американска сојузна држава, ниту за гувернер на кинеска провинција, туку за претседател на Република Кина. Зошто сме воопшто тука ако не сме посветени на уставот?“.

Како претседател на младата политичка партија, Тајванската народна партија (ТПП), Ко, беше градоначалник на главниот град Тајпеј осум години. „Зошто дебатираме за прашање кое нема одговор? Тоа е губење на нашето време и енергија. Во овој момент, ниту повторното обединување, ниту независноста не се вистински политички опции. Останува само статус кво“, сумираше тој.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема