1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина бара поддршка од Германија за „обединување“ со Тајван

ЖА / агенции
15 април 2023

По предупредувањето на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок дека воен конфликт со Тајван би бил „хорор сценарио“, Пекинг со контрабарање за германска поддршка за „мирно обединување“ со Тајван

https://p.dw.com/p/4Q8HX
Аналена Бербок Ванг Ји Германија Кина
Аналена Бербок и кинескиот дипломат Ванг ЈиФотографија: Soeren Stache/dpa/picture alliance

Конфликтот во Индо-Пацификот продолжува да се заострува. Во изминатите денови Кина одржа воени маневри со кои ја тестираше и подготвеноста на својата војска за опколување на Тајван.

По предупредувањето на германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, при нејзината посета на Кина, од воен конфликт со Тајван, Пекинг настапува со контрабарање.

Истакнатиот кинески дипломат Ванг Ји, според Министерството за надворешни работи, на средба со Бербок изјавил дека „се надева и верува“ во германска поддршка за „мирно обединување“ со Тајван, онака како што Пекинг своевремено го поддржал повторното обединување на Германија. Тајванското „враќање кон Кина“ за Пекинг е централна компонента на светскиот поредок по 1945 година.

Во разговорот кој во петокот го водеше со својот кинески ресорен колега, Чин Ганг, Бербок можниот воен конфликт со Тајван го нарече „хорор сценарио.“ Чин од своја страна ја подвлече важноста на односите на неговата земја со Германија, но со дополнување: „Она што најмалку и` е потребно на Кина, се учители од Западот“.

Аналена Бербок Чин Ганг Германија Кина
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок и кинескиот колега, Чин ГангФотографија: Kira Hofmann/photothek/IMAGO

Да се запрат сепаратистичките активности“

Желбата на раководството во Пекинг за унапредување на односите со Германија и јакнење на меѓусебното разбирање ја истакнал и дипломатот Ванг, кој додал: „За да се зачува стабилноста на Тајванскиот теснец, мора да се отфрлат сепаратистичките активности во поглед на ’независност на Тајван’“.

По жестоката критика со која беа дочекани неговите изјави во врска со Тајванското прашање, францускиот претседател Емануел Макрон се обиде да ја смири работата, инсистирајќи на одлучен и единствен став на Европа на оваа тема.

На враќање од посетата на Пекинг, Макрон во едно интервју предупреди дека Европа не смее да стане вазал на САД и не би требало да дозволи Европејците да бидат вовлечени во конфликт кој не е нивен. Кинеските медиуми на големи ѕвона го пофалија францускиот претседател за неговите изјави.

Од политичкиот раскин меѓу копнена Кина и Тајван во 1949 година, Пекинг го смета Тајван за своја отцепена област и има аспирации за негово припојување, доколку биде неопходно, и со употреба на сила.

За време на тридневните воени маневри Кина минатата недела вежбаше опколување на островот и напад на цели на него. И по завршувањето на маневрите, Тајпеј тврди дека бројни кинески бродови се наоѓаат се`уште во морската област околу островската држава.