Интерпелации со однапред познат исход
10 јануари 2025Со пет интерпелации на дневен ред почнува првата пленарна седница на Собранието во 2025 година. Четири интерпелации се поднесени од пратеници на Европскиот фронт - за вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исени. Петата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути.
Секоја интерпелација ќе се разгледува посебно, може да се дискутира цел ден, односно во зависност од тоа колку пратеници се пријавиле за дискусија, но според Деловникот, пред полноќ треба да се гласа.
Иако се предлагачи на 4 интерпелации, според соопштението од ДУИ - нивната острицата главно ќе биде насочена кон вицепремиерите Стоилковиќ и Меџити. ДУИ обвинува дека Стоилковиќ е верен поддржувач на „српскиот свет“ и докажан пропутинист, кој се истакнува во поткопувањето на интегритетот и независноста на Северна Македонија.
„Нашата иницијатива за разрешување на Стоилковиќ не е само спротивставување на него како поединец, туку неопходна акција за заштита на Македонија од политиките кои го поткопуваат единството и стабилноста“, соопштија од ДУИ.
Оттаму потенцираат дека интерпелацијата за вицепремиерот Изет Меџити „има уште подлабока цел".
„Овој чекор не е само критика кон него, туку можност да го спасиме од ризикот да стане олицетворение на истата политика, едноставно на пат е да стане ‘другата страна на истата паричка' што ја претставува Стоилковиќ (...) ДУИ го направи овој чекор за да го спаси Меџити од ризикот на крајот да стане дел од политиките што ја оддалечуваат Македонија од патот кон рамноправна и стабилна држава", наведуваат од ДУИ.
Вреди: Тргнале по паметот на Груби и Османи
Според Меџити, интерпелацијата е демократски механизам, но за жал, тој е покренет од недемократска партија која веќе се соочува со големи проблеми. Со соопштение се огласи и коалицијата Вреди.
„Интепелациите на ДУИ се смешни - жално е на кое ниво падна партијата одејќи по паметот на Артан Груби и Бујар Османи“, се вели во соопштението.
Според Вреди, ДУИ е прва партија на Албанците која ги оддалечува Албанците од нивните западни стратешки партнери заради нивниот криминал. Вреди ги оценува како очајнички обидите на ДУИ да ги оцрни функционерите во Владата дека работат на некакви туѓи агенди.
„Најголемиот спроведувач на агендата за ‘српски свет' беше минатата влада на ДУИ, кога жилаво се бореше да преживее Отворен Балкан иако Албанија ја напушти иницијативата по случувањата на Косово.
Бујар Османи беше прв министер што бил домаќин на Сергеј Лавров на европско тло. Функционерите на ДУИ во изминатите години се заблагодаруваа на Србија и Вучиќ за тоа што им ја покрива неспособноста при набавка на вакцини и гас“, наведоа од Вреди.
Од коалицијата потсетуваат дека Артан Груби и Рамиз Мерко се на црна листа на САД поради уривање на правната држава и дека најотворана веб страница во Мала Речица е на Стејт департментот. „Секое утро проверуваат да не имаат некој член на црна листа.
Да се потсетиме дека ДУИ е партијата која зема пари за фиктивни лиценци за игри на среќа од разни балкански криминалци. Партнери им се луѓето од српското подземје. Работењето на ДУИ е целосно во спротивност на препораките од стратешките партнери на Македонија, ЕУ и САД (...) На Албанците во Македонија им треба сериозна опозициска партија, а не криминална структура која е спремна секого да продаде во обид да се заштити“, порачаа од Вреди.
СДСМ: Не се потребни етнички поделби
Засега не се очекува дискусиите по секоја поединечна интерпелација да одземат многу време, па дури се проценува дека се може да заврши во еден ден, со сосема извесен исход - владините функционери ќе си ги задржат позициите.
СДСМ пред неколку дена се изјасни дека нема да ги поддржи интереплациите поднесени од ДУИ, со образложение дека не се потребни нови етнички поделби.
„Тоа е и одлука на Извршниот одбор на партијата - нема да ги поддржиме и нема да гласаме за интерпелациите кои што се поднесени од ДУИ. Не се потребни нови поделби по етничка основа. За поднесување на интерпелација потребно е да се видат критериумите, и секако сите оние аргументи коишто се поврзани со лошото работење на некој министер - за да може да бидат тие поднесени и да бидат поддржани“, изјави портпаролката Богданка Кузеска.
Пратеничката група на координација ќе го усогласи настапот на седницата.
Левица очекува поддршка
Пратеничката на Европскиот фронт, Илире Даути која е меѓу предлагачите на четирите интерпелации, самата е предмет на петтата интерпелација, поднесена од пратеници на Левица.
Според Левица, интерпелација против Даути се темели на три основи: Несвикување седница по барање на претседателот на Собранието, со што своеволно и противделовнички го ускратила правото на комисиска расправа и спречила продолжување на законодавната процедура на Законот за бранителите. Втората основа е несвикување седница по барање на најмалку една третина од членовите на Комисијата, со што дискреционо одлучила повторно да не го почитува Деловникот и извршила узурпација на работното тело. Трето - недозволила да се внесат точки на дневен ред на седница на Комисијата.
Бидејќи пратеници од владејачкото мнозинство изминатиот период изјавувале дека ќе поддржат интерпелација на Даути, од Левица очекуваат на седницата да има мнозинството кое ќе ја изгласа интерпелацијата поднесена од нивна страна.