1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска стана членка на еврозоната

Барбара Везел
2 јануари 2023

Новата година носи промени за Хрватска - земјата стана членка на еврозоната и на Шенген-зоната. Отворените граници се добредојдени, но новата валута наидува на скепса кај граѓаните.

https://p.dw.com/p/4LTlf
Евробарометарот покажа дека 55 отсто од граѓаните се за воведување на еврото
Евробарометарот покажа дека 55 отсто од граѓаните се за воведување на евротоФотографија: Darko Mardesic/DW

Во продавницата на пекарката Ивана Хорват во Загреб, сите цени одамна се изразени и во хрватски куни и во евра. Лебот со маслинки чини 18,48 куни, односно 2,65 евра. Сепак, Ивана е скептична за преминот кон евро: „Сите цени ќе се заокружат. Многу луѓе имаат хипотеки и каматите ќе се зголемат. Не знаеме што да очекуваме од 1 јануари“.

Сомнежи кај многу граѓани

Граѓаните на Хрватска изгледаат поделени. Според Евробарометарот на Европската комисија, 55 отсто од граѓаните се за воведување на еврото.Сепак, речиси половина стравуваат дека еврото ќе има негативни последици, а само една третина од Хрватите сметаат дека земјата е добро подготвена. Цели 81 отсто од Хрватите стравуваат дека еврото ќе доведе до повисоки цени. Оваа бројка неодамна драматично се зголеми, бидејќи корона-кризата ѝ нанесе тежок удар на хрватската економија, која е многу зависна од туризмот, а економското расположение драстично падна.

Ивана Хорват: Не знаеме што да очекуваме од 1 јануари
Ивана Хорват: Не знаеме што да очекуваме од 1 јануариФотографија: Darko Mardesic/DW

Ако разговарате со трговците на пазарот во Загреб, брзо ќе наидете на скептични ставови. „Се плашам од првите неколку месеци од новата година. Преодниот период ќе биде тежок за луѓето“, вели еден постар човек. Повеќето од трговците таму се на возраст за пензионирање. Сите тие мора да заработат нешто дополнително, бидејќи просечната пензија во Хрватска е само околу 250 евра месечно. Зголемувањето на цените предизвикано од новата валута нив би ги погодило најмногу.

„Не треба да ни ја земат валутата“

„Не сме среќни поради тоа! Досега сѐ беше во ред - влез во НАТО, ЕУ. Но, не треба да ни ја земаат валутата! Куната секогаш била наша валута, нашите дедовци плаќале со неа. Се плашам дека сè ќе биде многу поскапо“, се жали продавачка на зеленчук.

Притоа, денешната куна беше воведена дури во 1994 година и поврзана е со независноста на Хрватска. Таа на почетокот беше поврзана со германската марка, а подоцна со еврото. По високата инфлација во поранешна Југославија во 1980-тите, кога марката се сметаше за еден вид резервна валута, довербата во тогашната локална валута на почетокот беше ниска.

Во последните години во Хрватска со цени во евра веќе се тргува со автомобили, недвижен имот и хотелско сместување. Компаниите и приватните лица поседуваат средства во евра, а две третини од државниот долг е исто така деноминиран во евра. За владата во Загреб, патот до пристапувањето изгледаше речиси неизбежен штом земјата ги исполни таканаречените критериуми од Мастрихт, што значи дека се имаат под контрола новото задолжување, инфлацијата и каматните стапки.

Дел од граѓаните стравуваат дека преодниот период ќе биде тежок
Дел од граѓаните стравуваат дека преодниот период ќе биде тежокФотографија: Steffen Schellhorn/IMAGO

Хрватска заостанува економски

Обично се смета за предност кога владата може да ја зголеми конкурентноста на краток рок со девалвација на независна валута. Катарина Гнат од фондацијата Бертелсман, од друга страна, смета дека постојните блиски врски со еврото всушност го негираат овој аргумент на критичарите на еврото.

Сепак, проф. Љубо Јурчиќ од Универзитетот во Загреб, смета дека владата се откажува од единствениот инструмент на својата фискална политика. Тој исто така смета дека „големите земји имаат поголема корист од еврото отколку малите“ и дека во нив доминираат интересите на посилните. Всушност, Хрватска со своите четири милиони жители е економско џуџе. На воведувањето на еврото треба да се гледа од два аспекта, вели економистот - од аспект на граѓаните и на националната економија:

„Воведувањето на еврото во Хрватска е чисто политичка одлука, под претпоставка дека ќе нѐ доближи до Европа, и тоа ќе биде така и за обичните граѓани. Но, тоа ќе донесе големи проблеми за хрватската економија.“ Јурчиќ тврди дека Хрватска формално ќе ги исполни критериумите од Мастрихт, но не и во суштина: „Вистинскиот услов за прием е дека треба да имаме приближно исто ниво на економски развој како просекот на ЕУ“. Но, Хрватска во моментов е на само една третина од просекот.

Јурчиќ: Големите земји имаат поголема корист од еврото отколку малите
Јурчиќ: Големите земји имаат поголема корист од еврото отколку малитеФотографија: Darko Mardesic/DW

Хрватската економија главно се заснова на услуги. Според Јурчиќ, околу 20 отсто зависи од туризмот. Тој смета дека е неопходна долгорочна преориентација за да се постигне приклучок кон остатокот од ЕУ. Сепак, земјата сѐ уште нема план за ова. Погледот кон соседна Словенија покажува дека таму се усвоени попаметни политики. Просперитетот таму се заснова на производствени капацитети за големи европски компании, кои беа донесени во земјата набргу по независноста.

Одушевеност во туристичката индустрија

Патување до хрватското крајбрежје на дождлив декемвриски ден дава само нејасна претстава за убавината на областа околу Опатија, каде боровите шуми ве канат да пешачите по карпестиот брег со неговите бројни заливи. Хотелиерот Милан Сесар има отворено во текот на целата година. Дури и во зима има по некој гостин кој го користи неговиот базен и сауна. Тие главно доаѓаат од Австрија, Германија и соседна Италија. За него воведувањето на еврото е големо олеснување.

„Ние, хотелиерите, со нетрпение го очекуваме еврото, работата ќе ни биде многу полесна и веќе сме добро подготвени за тоа. Разбирам дека некои луѓе се плашат од транзицијата. Но, мислам дека нема од што да се плашиме, на крајот парите секогаш ќе бидат пари“.

Хрватска евро
Туристичката индустрија несомнено ќе профитира од воведувањето на еврото, но за континуирана економска иднина на земјата потребни се нови и подобро платени работни места за младите луѓеФотографија: Zeljko Lukunic/PIXSELL/picture alliance

Двајца гости од Салцбург, кои на далматинскиот брег се во потрага по мажјак за својата чистокрвна далматинска кучка, го потврдуваат оптимизмот на Милан Сесар: „Менувањето пари е оптоварување. Но, најдоброто е што ќе престанат долгите редици на границите“.

Од 1 јануари нема гранични контроли, бидејќи Хрватска станува членка на Шенген-зоната. Ако ова го скрати патувањето од Салцбург до Опатија за еден час, пријателите, како што велат, ќе доаѓаат почесто.

На Хрватска ѝ треба економска преориентација

Милан Сесар верува дека ситуацијата може само да се подобри: „Хрватска е толку убава, што луѓето секогаш доаѓаат - без оглед на војна, економска криза или Ковид. Нашите гости секогаш доаѓале и ќе биде уште полесно во иднина“, вели тој. „Еврото и Шенген - тоа значи многу за хрватскиот туризам, а сепак покажува дека сме дел од Европа. И тоа е голем плус за Хрватска.“

Туристичката индустрија несомнено ќе профитира, но за континуирана економска иднина на земјата потребни се нови и подобро платени работни места за младите луѓе - пред сѐ за да се запре постојаното иселување во соседните земји.

Иако просечната плата во Хрватска порасна во последните години, таа, со околу 1100 евра месечно, сѐ уште е во долната третина од земјите на ЕУ. Со еврото, на Хрватска ѝ треба преориентација на економијата за во следните неколку години да ги достигне своите побогати соседи.