1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хрватска: Збогум на куната, добредојде за еврото

Ноа Мацат
26 август 2022

Хрватска од први јануари 2023 го воведува еврото. Многу жители на земјата се загрижени поради ова. Но, тројца студенти кои победија на конкурсот за дизајн на хрватските евро-монети, ја промовираат новата валута и Европа.

https://p.dw.com/p/4G4tX
Од церемонијата на потпишување на договорот за воведување на еврото во Хрватска во јули 2022 година
Од церемонијата на потпишување на договорот за воведување на еврото во Хрватска во јули 2022 годинаФотографија: Virginia Mayo/AP/dpa/picture alliance

Топло претпладне во Загреб. Жителите на хрватскиот главен град ги преполниле улиците. Брзаат да купат сè што им треба, пред да стане навистина жешко. Во едно кафуле во центарот седат тројцата студенти, Јагор Сунде, Фран Зекан и Давид Цемелјиќ и гледаат на соседната маса каде што двајца мажи тукушто оставија пари за да си го платат кафето. Веќе некое време тројцата студенти со посебно внимание ги гледаат хрватските монети кои за само неколку месеци ќе заминат во историјата. Хрватска на први јануари го воведува еврото. А Јагор, Фран и Давид на свој начин придонесоа во промената на валутата – тие се автори на дизајнот за хрватските евро-монети со кој победија на конкурсот на Хрватската национална банка.

Населението поделено

Од 1 јануари 2023 Хрватска официјално го воведува еврото како своја платежна валута и ќе стане 20та членка на Еврозоната. ЕУ даде конечно зелено светло за ова во јули 2022. Но, во Хрватска тоа е контроверзен чекор со оглед дека населението во земјата е поделено по ова прашање.

Многу луѓе се несигурни и имаат страв од негативните ефекти како што е раст на цените. Опозицијата смета дека тајмингот за воведување е погрешен и дека треба да се почека на подобри околности во кои ЕУ не се лизга од криза во криза. Според Евробарометарот годинава само околу 55% од Хрватите биле за воведување на еврото што е значително помалку од претходно.

Курсот на куната во однос на еврото на знакот на една менувачница во Загреб
Курсот на куната во однос на еврото на знакот на една менувачница во ЗагребФотографија: Pascal Nöthe/Kroatische Nationalbank

Според тројцата млади студенти, Јагор, Фран и Давид и покрај отпорот воведувањето на еврото е исправен чекор. Сите тројца сакаат Хрватска целосно да биде интегрирана во ЕУ, вклучително и во однос на валутата.

Остварување на една визија

Сунде објаснува што значи ЕУ за него и зошто се решил да се пријави на конкурсот на Народната банка: „Европската Унија треба да биде храм кој ни овозможува да ја зачуваме нашата историја, различните културни вредности и нации и истовремено да ја тестираме конкурентноста на нашите економии на национално и регионално ниво. Тоа е визијата за која сонуваме. Првите чекори кон нејзино остварување се монетарната интеграција и влез во Шенген зоната.“

Ова 22-годишно момче, кое студира архитектура и урбанизам на Универзитетот во Загреб, решава со своите школски другари, Зекан и Цемелјиќ да се пријави на повторениот конкурс на Народната банка откако првиот пропаднал поради прекршување на авторски права.

Со денови работеле на нацртот, го дигитализирале, оптимизирале, правеле безброј пробни монети со 3Д печатач сѐ додека не добиле, за нив, совршен резултат – на нивната евро-монета има минималистички претставена куна со хрватската шаховница во позадина. На многу Хрвати веројатно ќе им се допадне тоа што куната останува во оваа форма на еврото. Името има долга традиција – уште во средниот век кожата од овие животни се користела за плаќање на стока и тргување.

На нивно изненадување тројцата студенти победиле на натпреварот. „Горди сме што со нашата работа придонесовме за иднината на нашата земја и општество,“ вели 21-годишниот Фран Зекан.

Троцата студенти, Фран Зекан, Јагор Шунде и Давид Чемељиќ
Троцата студенти, Фран Зекан, Јагор Шунде и Давид ЧемељиќФотографија: Bozidar Bengez

Страв од растечки цени

За Хрватите, еврото не е нешто непознато со оглед на тоа дека во земјата многу од заштедите на граѓаните со години се во евра. И големите набавки се одвиваат во европската валута. Па сепак според евробарометарот во јуни годинава 81% од населението биле загрижени дека ќе има пораст на трошоците за живот со адаптацијата на цените на еврозоната, како и заради тоа што хрватската фискална политика во голем дел ќе изгуби од својата самостојност. Огњан Златев, претставник на ЕК во Загреб, од неговата канцеларија во однос на стравовите на населението посочува на примерот со Словачка каде при пристапувањето во еврозоната цените забележале пораст, но само за два до четири проценти. "Таквиот ефект брзо исчезна", вели Златев. Затоа со помош на ПР кампања на која работи и ЕУ, народната банка сега ќе ја подига свеста пред сѐ кај “често покритичната повозрасна публика”, вели Златев.

Нема подобрувања по автоматизам

Процесот  бездруго не може да биде запрен бидејќи Хрватска веќе ја донесе одлуката за приклучување кон еврозоната, за кое што според ЕУ и Хрватската народна банка земјата е добро подготвена. Цените до 2024 ќе бидат означени во двете валути за да се спречи злоупотреба на промената на валутата од страна на трговците.

Воведувањето на еврото има позитивни и негативни страни. Сунде посочува дека ниту економските проблеми ќе исчезнат туку-така, ниту економскиот раст ќе дојде сам по себе. "Земјите не може да очекуваат подобра иднина со самото воведување на друга валута. За тоа е потребно да преземат јасни економско-политички цели за доброто на граѓаните", вели тој.

Изгледот на хрватските евро-монети
Изгледот на хрватските евро-монетиФотографија: Zeljko Lukunic/PIXSELL/picture alliance

ЕУ под притисок - што понатаму?

Жештината е веќе неподнослива, кафулето испразнето, само уште звукот на вентилаторите се слуша додека тројцата студенти ги прашуваме дали Европа може да се справи со екстремните предизвици во финансиите и фискалната политика? Цените рекордно растат, во јули 2022 за потрошувачите беа за 8,9% повисоки отколку минатата година истиот период, пресмета Еуростат.

Сунде вели: „Сега гледаме дека една заедница заснована исклучиво врз економски интереси можеби нема да може да опстане засекогаш во денешната форма. Сега е поважно од било кога да се градст мостови меѓу земјите, културите и луѓето кои ќе нѐ поврзуваат и прават посилни." И другите двајца се согласуваат и ги користат последните прилики да платат со куна.