1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Глобално НАТО со центар во Европа

14 јули 2023

Настрана војната во Украина и потребата Европа да ја одбрани својата територија, вистинскиот предизвик кој исплива од самитот во Вилнус е всушност преживувањето на светската демократија. Пишува Ивор Мицкоски

https://p.dw.com/p/4TsJB
Групна фотографија на лидерите на земјите од НАТО, на самитот во Вилнус
Групна фотографија на лидерите на земјите од НАТО, на самитот во ВилнусФотографија: Yves Herman/Pool/REUTERS

Како што најавивме минатата недела на НАТО самитот Украина доби утешна награда, во форма на гаранции за безбедност и повеќе муниција, оружје и обука за војниците. И во сите други аспекти можеме да кажеме дека самитот во Вилнус не ги разочара очекувањата да се наметне како еден од најважните во ерата на пост-Студената војна, поважен и од оној во Букурешт, каде беа пропуштени историски шанси.

Напротив, Вилнус започна веднаш со успех, каде Турција се согласи да ја поддржи кандидатурата на Шведска за приклучување кон Пактот. Ердоган отсекогаш бил врвен преговарач, па така успеа да изнуди од САД набавка на Ф-16 авионите, од ЕУ доби ослободување од визниот режим за турските државјани, поголема отвореност од Брисел кон идејата за поголема интеграција на Турција во ЕУ, како и целосно ослободување од западните рестрикции во полето на воената технологија. Победата на Ердоган е тотална, каде оствари задоволување на сите негови материјални барања, како компензација за еден формален чин (парламентарна ратификација), која не го кошта ништо.

Пресвртот на Ердоган, кој со еден потег се оддалечи од етикетата „верен пријател на Путин“ и ефективно го зајакна НАТО, во суштина се состои од уште три клучни анти-руски потези. Го пречека Зеленски со кој имаше состанок зад затворени врати, и ги предаде на Украина командандите од Батаљонот Азов кои се бореа во челичарницата Азовстал и кои како заложници беа доставени од Москва во Турција, и конечно, дозволи влез на Шведска со што комплетно го разголи северниот фронт на Русија. Се шпекулира дека зад пресвртот на Ердоган стои неговата интуиција и дека чувствува сигнали на имплозија на режимот на Путин.

Важноста на Европа

Но, повеќе од само Украина, Турција или Шведска, самитот во Вилнус одново ја откри и нагласи важноста на Европа за НАТО. „Europe first“ е мотото на овој самит. Алијансата одново ги потенцираше оригиналните и основачките цели на заштита и одвратување на секоја закана од европските земји членки, надвор од мотивациите и причините за поддршка на Украина.

Успешниот и историски самит во Вилнус се позанимавa и со одобрување на најновите и најкомплетни одбранбени планови од крајот на Студената војна. Претставени од Кристофер Каволи, американскиот генерал кој ја покрива позицијата на Врховен сојузнички командант за Европа, планот од 4 илјади „топ сикрет“ страници, предвидува комплетна ревизија на сложената меѓународна воена машина на НАТО, и содржи јасни насоки за тоа како секоја сојузничка војска би требало да дејствува во услови на конфликт. Станува збор за најголемата и најконкретна стратешка еволуција од падот на Берлинкиот ѕид. Во центарот на вниманието е секако Русија, но без да се потцени меѓународниот тероризам. Станува збор за три регионални планови: еден за северот од Европа, кој би ги покривал Атлантикот и европскиот Арктик, еден за центарот, кој се однесува на Балтикот и Централна Европа се до Алпите, и план за јужното крило од Средоземјето до Црното море.

Новата стратегија детектира 5 итни приоритети. Копнени сили спремни за брзо распоредување, особено тешки и оклопни бригади, интегрирани системи на воздушна и ракетна одбрана во состојба да ги штитат подвижните едници, зајакнување на артилериската и ракетната моќност, дигитални мрежи за блинидрано пренесување на податоци помеѓу фронтот и командните центри, и логистика за поддршка и обскрбување на војските на територија на цела Европа.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

До крајот на годината генералот Каволи ќе им достави на сите сојузници специфични улоги и задачи во однос на хипотетичните закани и фронтови со кои би можело да се соочат. Во планот ќе биде наведно и како секоја војска да дејствува во услови на војна, додека бригадите и батаљоните однапред ќе треба да ги познаваат своите дестинации за распоредување. Уште на самитот во Мадрид беше одлучено од страна на сојузниците колективно да се одржуваат во борбена готовност преку 100 илјади војници спремни за распоредување во рок од една недела и 200 илјади во рок од месец дена. Сега останува земјите членки да прецизираат кои трупи ќе бидат расположливи во секое време.

НАТО делува како суперсила

Целта е да се дадат силни безбедносни гаранции за земјите од Балтикот и да се испрати моќен сигнал до Москва дека силите на НАТО се доволно бројни и агилни за да претставуваат непремостлива брана на источниот фронт. Одбрана која би можело побрзо да се активира, отколку што Москва може да се мобилизира и да изведе напад. Новите НАТО планови не ги држат сојузничките војски само во перманентна борбена готовност, туку и одредуваат приоритети за вооружувањето и инвестициите. Колективната одбрана има итна потреба од ракетни системи, тешко вооружување, авиони, дронови, тенкови и артилерија.

Вака стокмена од Вилнус, НАТО делува како суперсила. Тоа го признава и Макрон кој пред само три години ја дефинираше Алијансата како „организација во состојба на мозочна смрт“, за сега да признае дека НАТО беше разбудена од страна на Путин, преку „најлошата форма на електрошок“, инвазијата на Украина.

Сепак, зад колективните планови и американската иницијативност, се кријат и серија на национални слабости и пукнатини. Во „The Economist“, излезе анализата на „l’International Institute for Strategic Studies“ каде е евидентирано дека во моментов најголем дел од сојузниците не можат да распоредат повеќе од една комплетна бригада. Истото важи и за поморските сили. Лондонскиот тинк-тенк наведува и тврдење од данскиот адмирал Фјорд-Ларсен дека во 2002 неговата флота можела да распореди 34 борбени единици, додека денес е способна да обезбеди само 5.

Покрај важноста на Европа, на самитот во Вилнус беше ставен акцент и врз можната улога на Алијансата во Азија. Сојузниците се согласни дека Кина има се поголем импакт врз европската безбедност, особено поради продлабочување на своите односи со Русија. Воедно се свесни дека повеќе не може да се одлага дефинирањето на една геополитичка и безбедносна доктрина која би ја адресирала зголемената кинеска агресивност. Затоа во Вилнус беа присутни делегациите и премиерите или шефовите на држави на Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Кореја. Станува збор за стратешки сигнал кон Кина, која беше една главните теми на Самитот. За таа цел беше потпишан и историскиот договор Nato-IndoPacific 4 (Nato-Ip4), кој фактички се состои од четири билатерални договори со секоја поединечна земја од Индо-Пацификот, таканаречените „Individually Tailored Partnership Program (Itpp)“, кои ќе обезбедат квалитативен напредок и унапредување на политичките и воените односи помеѓу Алијансата и секоја од потписничките.

Преживување на светската демократија

Секој договор ќе произведе проекти за реализација на интероперабилност помеѓу заедничките армии, проширување на НАТО стандардите во производството на оружје, поморска соработка, координација против асиметричните и хибридните закани, зајакнување на сајбербезбедноста, синџирите на производство за стратешките материјали, како и одговори против кинеските иницијативи за економско условување на земјите. Секоја од земјите ќе потпише и договори за зајакнување на процесот на интеграција помеѓу демократиите од Индо-пацификот и евро-атлантските.

Со тоа се поткрепува фактот дека настрана војната во Украина и потребата Европа да ја одбрани секоја педа од својата територија, вистинскиот предизвик кој исплива од самитот во Вилнус е всушност преживувањето на светската демократија. На сите НАТО сојузници им е јасно дека војната на источниот фронт ќе биде одлучувачка за креирањето на нов светски поредок, еднаш завршена војната. Актуелниот поредок, создаден после Втората Светска војна е веќе доведен под знак прашање од растечкиот број на автократски режими, кои се надеваат дека ќе го редизајнираат според нивните потреби и интереси.

Тоа е духот кој проструи од самитот во Вилнус, дека вистинскиот предизвик на денешнината е самото преживување на демократијата во светот. За тоа е потребна една глобална НАТО Алијанса, во линија и со Неврзаните, но и со силен центар на гравитација во Европа.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема