1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

На НАТО самитот Украина ќе добие утешна награда

7 јули 2023

Главниот критериум за една земја да биде примена во НАТО, никогаш не била нејзината корист во заедничката одбрана, туку американската нужност да ја брани за да не падне во руски раце. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4TXs4
Украинскиот претседател Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски инсистира на позитивен одговор за прием на Украина во НАТОФотографија: Alina Yarysh/File Photo/REUTERS

Во април 2008 година, на НАТО самитот во Букурешт, за нас познат и трагичен по ветото на Караманлис за поканата на Македонија, Буш успеа барем да издејствува срамежливо ветување за Украина и Грузија дека ќе влезат во Алијансата.

15 години и две инвазии врз Украина подоцна, ветувањето и понатаму стои, неисполнето, неповлечено, но во нова неможност да се реализира. Таа 2008 година се направи голема грешка со Украина, суштински затоа што никој, ни Америка, ни главните европски земји, немаа вистинска намера, освен декларативна, да ја внесат Украина во НАТО. Последиците сите ги знаеме од тоа лажно ветување: анексија на Крим и прва војна од низок интензитет во Донбас.

Самиот факт, дека НАТО, САД и Европа погрешија во 2008,го демонтира аргументот на Путиндека проширувањето на НАТО кон Украина била главната причина за неговата инвазија врз Украина. Впрочем, и Пригожин во своите анти-Кремљ тиради потврди дека тоа никогаш не било причината за војната на Путин, туку неговите неоимперијални и неоколонијални амбиции. За Путин, Киев никогаш не бил независен следствено меѓународното право, туку само отклонета република, изгубено парче од империјата кое мора да се поврати.

Во овие 15 години Украина доживеа две руски инвазии, изгуби 1/5 од својата територија, од земја со преку 50 милиони жители во 1991, сега нема повеќе од 30, додека материјалната штета и загубите од човечкиот капитал, само во една година изнесуваат преку 800 милијарди долари. Ако Украина издржува, тогаш издржува само поради целосната, но не и борбена помош и поддршка од НАТО. Ако пред војната, ветувањето за влез во НАТО беше само празно надевање, сега таа потреба е вистинска. Благодарение токму на Путин. Затоа што војната покажа дека денес повеќе не постојат и не може да постојат тампон-зони помеѓу Русија (СССР) и Европа. Југославија пропадна како што пропадна, Финска и Шведска се откажаа од својата историска неутралност, па така остана само Украина, која беше нападната.

Така што, од 24 февруари 2022, Украина повеќе не е тампон-држава, туку гранична држава која е под напад од Русија и за која во меѓувреме партнерите од НАТО мора да изнајдат гаранции или решение додека еден ден не стане полноправна членка, секако еднаш завршена војната. За жал тој крај на војната се уште е некој неопределен датум во иднината, кој ќе зависи од украинските успеси на бојното поле, но и од нејзината одлука, дали да жртвува дел од својата територија за побрз крај на војната и долгорочни гаранции од НАТО.

Украина очекува јасен одговор во Вилнус

Обновената воена поддршка за Украина ќе биде на врвот на агендата – НАТО се подготвува за својот годишен дводневен самит на 11 и 12 јули во Вилнус, Литванија. Украина веќе официјално поднесебарање за приклучување кон НАТО во септември минатата година. Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика НАТО да понуди јасен и брз пат кон членство: „На самитот во Вилнус ни треба многу конкретен и јасен сигнал дека Украина може да стане и има право да стане рамноправна членка на НАТОпо војната“, рече неодамна Зеленски. Домаќинот на самитот, литванскиот претседател Гитанас Науседа рече дека е важно сојузниците да му дадат јасен сигнал на Киев. „Сите разбираме дека токму сега додека трае војната Украина не може веднаш да се приклучи на НАТО. Ние го разбираме тоа, Украинците го разбираат тоа. Но, ова треба само да се создаде коридор, процедури, алгоритам – како да се продолжи ако војната заврши или како што дозволуваат условите“, рече тој.

Јенс Столтенберг Володимир Зеленски
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и украинскиот претседател Володимир Зеленски на средба во Киев, април 2023 годинаФотографија: Ukrainian Presidential Press Office/AP/picture alliance

Се разбира, повеќето од членките на НАТО и особено САД немаат никаква намера да влезат во директна војна со Русија, како што налага членот 5 на НАТО за колективна самоодбрана, во случај на напад на една од членките. Оттука и прашањето, што планираат САД и сојузниците да порачаат од самитот, свесни дека опциите се многу тесни, односно, дека мораат да му дадат поддршка на Киев зафатен со контраофанзивата која не дава најдобри резултати, а во исто време да го остават отворено НАТО за во иднина (овој пат вистински), за да не испратат погрешни сигнали кон Москва како во 2008 година.

Но, што дотогаш? Секако, САД и ЕУ ќе понудат поголема и проширена воена помош, со цел Москва да не се надева премногу на „замор од војната“ кај Западот. Најверојатно ќе бидат понудени и билатерални гаранции според моделот на оние кои САД им ги нуди на Израел, и истото ќе биде побарано и од европските сојузници. Но, стратешки гледано, линијата на американската администрација е дека на Западот му е потребна нова стратегија за Украина.

Примирје и условите

Американскиот план е следен. Украина не треба да се фиксира кон тотална воена победа која е над нејзините можности и која може да излезе како Пирова победа. Тоа значи дека не е нужно да се поврати целосна контрола над Крим и Донбас на кратки патеки. Прекинот на огнот би се определил според линијата на контакт која ќе произлезе од контраофанзивата, преку демилитаризирана зона набљудувана благодарение на мировна мисија на ООН и ОБСЕ, со поддршка на големите сили, меѓу кои и Кина и Индија. Би се воделе паралелни мировни преговори: руско-украински, базирани на принципот дека правната дефиниција на границата помеѓу двете земји ќе биде одложена, и руско-евроатлански преговори, со цел да се утврди „поширока безбедносна архитектура во Европа“, што пак би довело до повлекување на санкциите кон Русија.

Во изминатите недели, американските служби и претставници му го објаснија планот на Зеленски, кој формално не е ултиматум, ама суштински е, затоа што без поддршка на САД, Украина е готова. Пораката беше пренесена и минатиот 25 мај, токму од заменичката на Блинкен, Викторија Нуланд. На прашањето од Украинците, дали во Вилнус Украина ќе добие зелено светло за влез во НАТО, Нуланд срамежливо одговори со ветувањето дека ќе се „зајакнат“ односите помеѓу Киев и НАТО. 

Американците сакаат примирје до крај на годината. Главното прашање е секако провизорната граница помеѓу Киев и Москва, која може да се претвори во вечна. Москва би го сочувала Донбас. Зеленски сака да го поврати Запорожје и нуклеарната централа, како и Херсон со цел да го држи под контрола Крим. Што се однесува до Луганск и Доњецк, полууништени и полни русофили, спремен е да се откаже од нивниот товар. Што се однесува до руската поморска база во Севастопол, за неа воопшто и не се дискутира.

Критериумот според кој ќе се одлучува поделбата зависи од човечкиот фактор, а не од физичкиот простор. И двете земји би контролирале прилично хомогени територии, затоа што немаат капацитет да раководат силни и ратоборни малцинства. 

Многу ќе зависи од односите помеѓу Европската империја на САД (НАТО) и Украина. Америка е веќе договорена со франко-германската Европа и Велика Британија, контра волјата на Полска и Балтикот, да го одложува до недоглед влезот на Украина во НАТО. Причината за тоа е што Америка нема намера да ја ризикува својата безбедност за Украина, особено што војната е во голем дел и прокси-судир со Кина, која е главниот предизвик и противник, сега и за во иднина. Затоа и неоствареното ветување од 2008 за САД не е грешка, затоа што Украина да беше во НАТО, сега Америка ќе беше во конфликт со Русија. Едноставно, ефектуирањето на Членот 5, против нуклеарна сила како Русија, е преголем залак за Бајден.

Ивор Мицковски
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Оттука од Вилнус Украина може да добие само утешна награда, наоружување до заби и загарантирана безбедност според „форматот Израел“. Секако, свесни дека Украина за САД никогаш нема да биде Израел и обратно.

Така доаѓаме до ироничниот историски пресврт. Во 2008 година Америка сакаше Украина да влезе во НАТО, но никако не успеа тоа да го реализира, стравувајќи од војна. Сега не сака Украина да влезе во НАТО затоа што предизвикот е преголем и земјата е веќе во војна. Конечно, главниот критериум за една земја да биде примена во НАТО, никогаш не била нејзината корист во заедничката одбрана, туку американската нужност да ја брани за да не падне во руски раце.

Во превод: војната веќе се случува и веќе ве браниме, дајте да не ја правиме поголема.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.